Парис (митологија)
- За главнниот град на Франција, видете Париз
Парис или Парид (грчки: Πάρις = „торба, вреќа“), исто така познат и како Александер или Александрос, т.е. Алаксандру од Вилуса) — лик од старогрчката митологија, син на Пријам, кралот на Троја, брат на Хектор и маж на Енона.[1] Тој се појавува во бројни легенди од старогрчката митологија. Најпознат е по неговата љубов кон Елена, кралицата на Спарта, што било директната причина за започнувањето на Тројанската војна. Пред крајот на војната, тој го убил Ахил со стрела во петата, неговото единствено ранливо место.[2]
Детството на Парис
уредиПарис бил вториот син на Пријам и Хекуба.[1] Пред да се роди, мајка му сонувала дека родила заплеткани змии или факел чиј пламен ја зафатил целата Троја. Преплашената кралица, се посоветувала со Есак (синот на Пријам од првиот брак), кој бил гатач и ја знаел вештината на толкување соништа. Есак вака го објаснил значењето на сонот: кралицата ќе роди син, кој ќе биде причина за пропаст на својот град. Хекаба навистина родила син, а Херофила, свештеничката во храмот на Аполон, и другите видовити луѓе барале детето да биде убиено. Хекаба се согласила детето да биде однесено на планина и да биде убиено. Кралот Пријам му го дал новороденчето на еден од слугите, по име Агелај, да го убие. Слугата Агелај се сожалил на детето, па го однел во гората Ида и го оставил живо, сметајќи дека дивите животни ќе го изедат. На кралот Пријам како доказ за смртта на детето му однел јазик од куче. Парис израснал на гората Ида, каде го одгледала мечка.[3] Парис бил многу убав и паметен. Уште како момче успеал да ги совлада крадците на стока и да го врати стадото кај сточарите, кои го нарекле Александар, со значење „бранител на луѓето“.
Судот на Парис
уредиПарис постојано одржувал натпревари со биковите на останатите сточари, а како награда ги нудел своите бикови. Неговиот бик секогаш победувал. На крајот Парис понудил златна круна за оној кој ќе го победи неговиот бик. Богот Арес се претворил во бик, и така го победил бикот на Парис. Без двоумење, Парис му ја дал круната на Арес, а поради неговата искреност, олимписките богови го побарале да пресуди во кавгата меѓу божиците Атена, Хера и Афродита.
На прославата на бракот меѓу Пелеј и Тетида, Зевс не ја поканил Ерида, божицата на раздорот. Таа, бесна затоа што не била поканета, дошла на прославата и фрлила едно златно јаболко на масата (оттаму потекнува изразот „јаболко на раздорот“) на кое пишувало καλλίστῃ = за најубавата. Три од божиците го побарале јаболкото - Атена, Хера и Афродита, и побарале од Зевс да реши која од нив три е најубава. Не сакајќи да се меша, Зевс го повикал Парис да ја реши дилемата. Хермес со трите кандидатки дошол на гората Ида. На средбата со Парис, сите три се обиделе да го подмитат Парис. Хера му понудила да го направи крал на Европа и Азија, а Атена му рекла дека ќе му даде мудрост и воена вештина. Афродита му ја понудила раката на најубавата смртна жена на светот, а тоа била Елена, жената на кралот Менелај. Парис ја прогласил неа за најубава и ѝ го дал јаболкото.[4]
Тројанската војна
уредиВо моментот кога Афродита на Парис му ја ветила раката на Елена, таа веќе била мажена за Менелај, кралот на Спарта. Но, ова не го спречило Парис да ја грабне, крадејќи ги притоа и коњите на Менелај. Во другата верзија на митот, Елена се вљубила во Парис и побегнала со него доброволно, напуштајќи ги сопругот и деветгодишната ќерка Хермиона. Кога Менелај дознал дека му ја нема жената, ги повикал сите сојузници на помош да ја вратат, и така е започната Тројанската војна, која траела десет години. Постои и подоцнежен мит во кој, на патот кон Троја, египетскиот крал Протеј му ја грабнал Елена, а нему му дал сенка, слична на Елена.[5]
Парис во војната
уредиВо Хомеровата Илијада, Парис е прикажан како кукавица, а често Тројанците, како виновник за војната, го мразеле. За време на двобојот со Менелај, го спасила Афродита. Парис подмолно го убил Ахил - со отровна стрела која ја водел богот Аполон.[5] Друга верзија на митот вели дека Парис бил многу добар стрелец, и дека самиот го погодил Ахил во петицата. Но, истакнувањето на Парис како стрелец е верзија во која тој е прикажан како Азиец, а не како Грк, бидејќи Грците ретко во битки користеле лак и стрела, за разлика од Азијците во тоа време. Парис бил убиен од Филоктет. Откако умрел, неговиот брат Диофоб се оженил со Елена. Него пак, го убил Менелај и ја вратил Елена назад во Спарта.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 125.
- ↑ Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 537–543.
- ↑ „Registar imena i reči s objašnjenjima“ во: Krista Volf, Kasandra. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 168.
- ↑ „Registar imena i reči s objašnjenjima“ во: Krista Volf, Kasandra. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 168-169.
- ↑ 5,0 5,1 „Registar imena i reči s objašnjenjima“ во: Krista Volf, Kasandra. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 169.