Парабола за каколот

Парабола за каколот (исто така и Парабола за житото и каколот) — една од најпознатите Исусови алегориски параболи, која раскажува за човек чиј непријател посеал какол во неговите житни посеви.

Албин Егер-Линц, Сејачот и ѓаволот, околу 1923 година.

Забележана е во канонското Евангелие според Матеј и во неканонското Евангелие според Тома. Кај Матеј, ја следи параболата за сејачот, а и претходи на параболата за синаповото семе.

Според наравоучението, таа е слична на параболата за мрежата, која исто така говори за одвојувањето на добрите од лошите на судниот ден .

Парабола

уреди

Според Матеј

уреди

Евангелието според Тома ја наведува следнава Исусова парабола:

24. И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива;

25. но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде.
26. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот.
27. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: »Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?«
28. А он им рече: »Човек непријател го прави тоа.« Слугите, пак, му рекоа: »Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?«
29. Но тој им рече: »Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;
30. оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница«.”

— Евангелие според Матеј 13:24–30[1]

Според Тома

уреди

Евангелието според Тома ја наведува следнава Исусова парабола:

Царството на Отецот е како човек кој посеал добро семе. Неговиот непријател дошол ноќе и посеал какол. Човекот не им дозволи на слугите да го искорнат каколот, туку им рече: Не, да не ја искорнете и пченицата со него. Зашто на денот на жетвата каколот ќе стане очигледен, и ќе биде искорнат и изгорен. — Евангелие според Тома, изрека 57

Контекст

уреди

Грчкиот збор обично преведен како плевел или какол е зизанија (грч. ζιζάνια), множина од зизанион (ζιζάνιον). Се смета дека овој збор означува Lolium temulentum,[2][3] која изгледа доста слично на пченицата во раната фаза на развој.

Толкувања

уреди
 
Фелисјен Ропс, Сатаната сее семе, околу 1872 година.

Според Матеј

уреди

Матеј бележи дека првото толкување на оваа парабола го дал самиот Исус. По завршување на проповедта, ги оставил луѓето и се повлекол во куќата, каде што им ја објаснил параболата на учениците:

36. Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!”

37. А Он им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки;
38. нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот;
39. непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите.
40. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при свршетокот на овој свет;
41. ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела,
42. и ќе ги фрлат во жарена печка; таму ќе биде плач и крцкање со заби.
43. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец.
Кој има уши да слуша, нека чуе!

— Евангелие според Матеј, 13:36-43[1]

Подоцнежни толкувања

уреди

Иако Исус прави разлика помеѓу „синовите на царството“ и оние што не се, разликата можеби не е секогаш очигледна, како што наговестува параболата за квасот.[4] Само судниот ден ќе биде пресвртница, кога ќе заврши периодот на тајното растење на Божјото Царство заедно со активностите на несветите и ќе осамне нова доба.[4]

Августин напоменува дека невидливата разлика помеѓу „житото“ и „каколот“ се провлекува и низ Црквата:

О вие христијани, чии животи се добри, вие воздивнувате и плачете, малкумина меѓу многуте... Вистина ќе ви ја кажам Возљубени мои, и во овие високи столици има и жито и какол, и меѓу световниците има и жито и какол. Нека добриот трпи лошо; лошите нека се променат себеси, и ги подражуваат добрите. Нека сите, ако е тоа можно, стигнеме кај Бога; нека сите низ неговата милост го избегнеме злото на овој свет.[5]

Верска толеранција

уреди

Параболата за каколот често се наведува како поддршка на верската толеранција. Епископот Вазо од Лиеж (околу 985 - 1048 ) се потпира на оваа приказна [6] докажувајќи дека „црквата треба да дозволи различноста да расте заедно со правоверноста додека Господ не дојде да ги раздели“." [7]

Во својата проповед, вдахновена од Исусовата парабола, Мартин Лутер нè потсетува дека само Бог може да ги одвои лажните од вистинските верници и нагласува дека убивањето на еретиците или неверниците става крај на секоја можност за нивно спасение:

Од ова гледаме како сме биле толку многу години бесни и срдити, во желба да ги принудиме другите да веруваат; Турците со меч, еретиците со оган, Евреите со смрт; и така го корнеме каколот со сопствени сили, како ние да сме тие што имаме моќ над срцата и духовите; и да ги направиме побожни и исправни, што може само Божјото Слово. Но со убиствот ги одвојуваме луѓето од Словото, онолку колку што е во наша моќ, за да не може повеќе да дејствува врз нив, и така со еден удар си навлекуваме двојно убиство, имено, го убиваме телото за времето и душата за вечноста. И после тоа велиме дека му служиме на Бога со нашите постапки и сакаме посебни заслуги на небо.[8]

Роџер Вилијамс (околу 1603–1683), баптистички теолог и основач на Род Ајленд, ја користел оваа парабола за да ја поддржи толеранцијата на владата кон сите „каколи“ во светот, бидејќи прогонството често му наштетило на „житото“. Вилијамс верувал дека Божја должност е да суди на крајот, а не човечка.[9] Џон Милтон, во Ареопагитика (1644), исто така се осврнува на параболата бранејќи ја слободата на говорот и осудувајќи го обидот на Парламентот да го цензурира печатот:

Не е возможно човекот да го одвои житото од каколот, тоа мора да биде задача на ангелите на крајот на смртните нешта.[10]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Свето евангелие според Матеј“. Свето писмо. Посетено на 27 мај 2024.
  2. Liddell H G and Scott R, A Greek-English Lexicon, Clarendon Press, Oxford, 1843–1996, одредница "ζιζάνια". Множинскиот облик (zizania) во модерно време е прифатен као ботанички назив за плевелот (англ. ryegrass)
  3. „Thayer's Lexicon: ζιζάνιαThayer's Lexicon: ζιζάνια“. Посетено на 24 април 2013.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  4. 4,0 4,1 R. T. France, The Gospel According to Matthew: An introduction and commentary, Eerdmans. Парабола за каколот
  5. Augustine, Sermon #23 on the New Testament
  6. Richard Landes, "The Birth of Heresy: A Millennial Phenomenon," Journal of Religious History 24.1 (2000): 26 -43 http://www.bu.edu/mille/people/rlpages/TheBirthofHeresy.html Архивирано на 24 февруари 2021 г. Accessed December 13, 2010
  7. Jeffrey Burton Russell, Dissent and Order in the Middle Ages: The Search for Legitimate Authority (New York: Twayne Publishers 1992). стр. 23
  8. The Sermons of Martin Luther, Vol II. стр. 100-106, (Grand Rapids: Baker Book House 1906)
  9. James P. Byrd, The challenges of Roger Williams: religious liberty, violent persecution, and the Bible (Mercer University Press, 2002) (accessed on Google Book on July 20, 2009)
  10. „The Areopagitica“. Посетено на 12 јануари 2011.. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help).

Надворешни врски

уреди