Јилдиз (палата)

(Пренасочено од Палата Јилдиз)

Палатата Јилдиз (турски: Yıldız Sarayı) — огромен комплекс кој се наоѓа во Бешикташ, Истанбул, Турција.

Палата Јилдиз
Палата Јилдиз
Карта
Општи податоци
ВидПалата
МестоИстанбул, Турција
Координати41°02′58″N 29°00′40″E / 41.04944° СГШ; 29.01111° ИГД / 41.04944; 29.01111
Завршена1880

Историја

уреди

Објектот бил користен како седиште на османлиските султани. Името Јилдиз, на турски значи ѕвезда. Палатата била изградена во 1880 година во времето на султан Абдул Хамид II. Првиот султан кој изградил павилјон на ова место бил Ахмед I (1603-1617) додека за првпат местото се споменува во времето на Сулејман I. Кон крајот на XVIII век Селим III изградил куќа за својата мајка Амина Михришах султан и чешма. Во следниот период султаните Абдул Меџит I и Абдул Азис изградиле куќи за одмор и рекреација и лов. Во текот на XIX век, султанот Абдул Хамид II, плашејќи се од морски воден напад, решил својата резиденција да ја премести во Јилдиз од Долмабахче. Тој го поставил познатиот италијански архитект Раимондо Де Аронко како главен за проектот и наредил изградба на нови објекти во комплексот. При преселувањето во новата палата, таа станала четврта резиденција на османлиските султани. Претходните биле: Палата Ески во Едрене, Топкапи-сарај и Долмабахче во Истанбул.

Комплекс

уреди

Комплексот се состои од поголем број на згради вклучувајќи ги државните апартмани (Бујук Мабејн), павилјонот Шале, павилјонот Малта, павилјонот Чадир, театарот и операта, музејот, кралската фабрика. Во комплексот значајно место зазимаат и градините.

Павилјон Шале

уреди
 
Павилјон Шале

Престој на султанот бил во павилјонот Шале. Зградата има два спрата и подрум и е направена од мешавина на дрво и камен. Таа била изградена во три фази. Првиот дел бил изграден во 1870-тите и дизајнирана на начин да приликува на швајцарска вила, од каде доаѓа и името на павилјонот. Вториот дел бил изграден во 1889 година во времето кога царот Вилхелм II како прв странски монарх ја посетил престолнината, додека третиот дел бил изграден како приемна просторија и овој дел останал најимпресивен во целиот павилјон. На подот бил поставен тепих од 400 метри квадратни кој бил изработен од 60 ткајачи. Таванот од зградата е позлатен и има големи огледала. Самиот Абдул Хамид II како искусен столар направил дел од мебелот кој сè уште може да се најде во павилјонот.

Павилјон Малта

уреди
 
Павилјон Малта

Павилјонот Малта се состои од два спрата и била изградена од Абдул Азис како ловна вила. Зградата била дизајнирана од архитектот Саркис Балјан во необарок стил во 1870 година. Кога султанот Абдулазис бил симнат од престолот во 1876 година, неговиот внук Мурат V (владеел 30 мај - 31 август 1876) бил издигнат на престолот. Сепак, тој бил симнат од власта по само 93 дена со образложение дека е ментално болен и бил заменет со неговиот брат Абдул Хамид II, кој наредил Мурат да биде однесен во овој павилјон. Зад овој павилјон се одржало и судењето на големиот везир Митхад-паша, кој за време на притворот бил мачен во подрумот. По основањето на Република Турција, павилјонот како и многу други османлиски комплекси останале неискористени и запустени подолг период. Во 1979 година Турската автомобилна асоцијација потпишала договор со истанбулските власти за зачувување на резиденцијата, по кое следувала реставрација на објектот и негово отворање во 1982 година. Денеска објектот се користи како ресторан.

Павилјон Чадир

уреди
 
Павилјон Чадир

Овој павилјон бил изграден во 1871 година од страна на архитектот Саркис Билјан во времето на Абдул Азис, кој го користел како затвор. Во периодот до 1979 бил користен како музеј, додека денеска е кафуле.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Eyewitness Travel Guides: Istanbul. 124-125
  2. Points from Turkey Архивирано на 26 септември 2007 г.

Литература

уреди
  • Önder Küçükerman, Nedret Bayraktar, Semra Karakaţli. Yıldız Porcelain in National Palaces Collection. TBMM, Istanbul, 1998.
  • Vahide Gezgör, Feryal Irez. Yıldız Palace Chalet Kasr-ı Hümayunu. TBMM, Istanbul, 1993.

Надворешни врски

уреди