Несторијанство

(Пренасочено од Несторијанизам)

Несторијанството е движење во христијанството кое од православието се одделило по Третиот вселенски собор во 431 година. Ова христолошко учење било наречено според Несториј Цариградски.

Несторијански приврзаници

Несториј не го измислил своето учење, туку само ја развил мислата и учењето на Диодор Тарсиски и Теодор Мопсуетски кои сепак биле многу поблаги. Диодор тврдел дека Бог од вечност знаел дека ќе се роди човекот Исус кој ќе живее непорочен живот, па уште од самото раѓање благодата започнала преизобилно да се излева врез него. Според несторијанството, со текот на времето сè до христовата 30 година таа се акумулиралала во него, а по неговата смрт таа во него се јавила како таворската светлина. Така, чудата на Исус според приврзаниците би требало да се препишат на Бог, а не на христовата божествена природа. Од овде, несторијанството го негирало двете природи на Исус. Теодор Мопсуетски сепак тврдел дека терминот Богородица може да се користи како термин за мајката на Исус.

Несториј

уреди

По карактер, Несториј бил многу способен човек. Тој успеал да го убеди императорот Теодосиј II да го доведе во Цариград и да го постави за Цариградски патријарх. Несториј во својата работа како Цариградски патријарх издал едикт за прогонство на кривоверците, што особено се однесувало на малкуте аријани коишто сè уште постоеле во империјата. На почетокот во проповедањето и развивањето на неговото еретичко учење му помагал свештеникот Анастасиј кој тој го довел со себеси во Цариград. Анастасиј проповедал дека Богородица била човекородица, бидејќи не родила Бог туку човек. Ова предизвикало големи нереди во престолнината, бидејќи Богородица била заштитничка на Цариград. Несториј излегол да проповеда, но тоа довело до уште поголеми нереди, бидејќи и тој го проповедал истото што и Анастасиј, но отишол и уште подалеку во своето понижување на Христа велејќи дека не може бебе кое се хранело од градата на жена да нарече и признае за Бог.

Борбата со Кирил Александриски

уреди

Александрискиот патријарх Кирил Александриски жестоко реагирал на ситуацијата во Цариград. Тој испратил послание до повеќе личности и места, вклучувајќи ги и Несториј, императорот Теодосиј II, Пулхерија, Папа Целестин, антиохискиот архиепископ Јован. По ова, императорот му одговорил со писмо во кое го советувал да не предизвикува неред и кавги во црквата. Реакција на писмото од Кирил имало и во Рим, така папата Целестин свикал собор истата година (430) на кој несторијанството било осудено како ерес, а на Несториј му бил даден рок од 10 дена да се покае и откаже од своето погрешно учење, во спротивно му се заканувало отстранување од црквата. Во овој период, Рим и Константин сè уште не биле седишта на цркват во Европа, туку ова место припаѓало на Антиохија.

Кирил во Александрија следејќи го примерот на Целестин свикал Собор истата 430 година на кој Несториј бил осуден. Одлуките на соборот во коишто се изложува правилното учење биле изложени во 12 тези уште наречени антитематизми, бидејќи секоја од нив завршувала со анатема. Истите биле испратени до Несториј за да ги прифати и потпише, со што би покажал дека се откажува од своето погрешно учење. Но ова ништо не променило. Епископите од источните делови на империјата сè уште не прифаќале дека Несториј е еретик, а Кирил го гледале како човек кој ги слева двете природи на Исус.

Од страната на Несториј застанале Теодор Кирски и Андреј Самосадски. Антиохискиот архиепископ Јован од страна на императорот бил поставен за арбитер на проблемот, но тој почнал да го поддржува Несториј. Ова довело до поделба во црквата, источните епископи (поголемиот дел од нив) застанеле од страна на Несториј, а западните од страна на Кирил. Единствено ерусалимскиот архиепископ останал неутрален.

Сите овие околности доведуваат до Третиот вселенски собор.

Трет вселенски собор

уреди

Третиот вселенски собор се одржал на Ефес, место каде според црковното предание Пресвета Богородица го поминала својот живот по Исусовото распнување. Во Ефес, култот за Богородица бил многу голем. Повикан на соборот свети Кирил дошол во Ефес во придружба од околу 50 црковни лица. На соборот бил и локалниот епископ Мемнон со придружба од околу 40 луѓе. Несториј, пак, бил придружуван од околу 16 луѓе.

Соборот со мало задоцнување започнал со работа на 22 јуни 431 година. Отците на Третиот Собор го отфрлиле неговото учење со кое би се внесувала поделба во едната Личност на Господ Христос. На овој собор било потврдено дека Исус Христос е една Личност со две природи: со божествена природа – од вечноста, од Отецот, и со човечка природа – која ја примил во времето, од Пресвета Богородица

По соборот

уреди

По крајот од Ефескиот вселенски собор било решено во корист на Свети Кирил Александриски, а самиот Несториј бил осуден[1] Во наредните месеци биле сменети околу 17 епископи кои го поддржувале Несториј. Под притисок на императорот, Јован I Антиохиски го напуштил Несториј во март 433 година. На 3 август 435 година, византискиот цар Теодосиј II издал едикт според кој Несториј бил прогонет во манастир во Египет. Тој таму останал да живее до неговата смрт во 451 година.

Несторијанството сепак не исчезнало, туку истото било продолжено од страна на неговите приврзаници. По муслиманските освојувања од страна на Абасидите, хесторијанските водачи и водачи се засолниле во Багдад, во 762 година. По монголската инвазија во 1258 година, патријархот бил преместен од Багдад во северен Ирак. По овој датум несторијанската мисија завршиле. Подоцна, под притисок на новите европски освојувања, голем дел од несторијанците го прифатиле католицизмот.

Наводи

уреди