НЛБ Нов пензиски фонд
НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје претставува акционерско друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Седиштето на фондот се наоѓа на ул. Водњанска бр.1, 1000 Скопје.[1]
Дејност и сопственичка структура
уредиНЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје има единствена дејност на управување со двата пензиски фонда: Отворен задолжителен пензиски фонд - НЛБ Пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд - НЛБ Пензија плус. Исто така, друштвото врши и нивно претставување пред трети лица како и други дејности поврзани со управувањето со фондовите.
Основачкиот капитал на друштвото изнесува два милиони евра, а првичните акционери на друштвото биле:[2]
- Нова Љубљанска банка ДД Љубљана, која поседува 10 200 обични акции, што претставува 51% од основната главнина.
- НЛБ Тутунска банка АД Скопје, која поседува 9 800 обични акции што претставува 49% од основната главнина.
Во 2018 година била извршена промена во сопственичката структура, т.е. друштвото преминало во целосна сопственост на „Сава Ре“ Д.Д. од Љубљана, која ги откупила сите акции.[3]
Отворен задолжителен пензиски фонд - НЛБ Пензиски фонд
уредиОтворениот задолжителен пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд е отворен инвестициски фонд, основан и управуван согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и одобрението за управување со пензиски фонд од 9 јуни 2005 година издадено од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување. На крајот на 2014 година, во овој фонд биле акумулирани средства од осигурениците во висина од 249 милиони евра. Притоа, просечниот остварен годишен принос од крајот на 2007 до крајот на 2014 година изнесувал 4,83% (номинално), т.е. 2,67% (реално). На крајот од 2014 година, 55,85% од вкупните средства на фондот биле инвестирани во македонски обврзници, 29% биле инвестирани во македонски и странски акции и во странски инвестициони фондови; 14% во депозити во македонски банки. Во однос на валутната структура, 24,54% од вкупните средства биле инвестирани во странство, додека 75,39% во странски финансиски инструменти.[4]
Зачленување и надоместоци
уредиЧлен на задолжителен пензиски фонд може да биде физичко лице кое склучило договор за членство во задолжителен пензиски фонд или во чие име е отворена сметка во задолжителен пензиски фонд во случаите утврдени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и неговото членство трае се до остварувањето на правото на пензија. Еден осигуреник во исто време може да биде член само во еден задолжителен пензиски фонд и во тој пензиски фонд може да има само една сметка. Осигуреникот може да стекне членство во задолжителен пензиски фонд на два начина:
- со потпишување на договор за членство во задолжителен пензиски фонд и со регистрација во регистарот на членови кои го води Агенцијата, или
- со распределба во задолжителен пензиски фонд по случаен избор од страна на Агенцијата т.е. Фондот за ПИОМ, во случај кога осигуреникот кој е должен да стане член на задолжителен пензиски фонд не потпишал договор за членство во периодот за избор на задолжителен пензиски фонд и со регистрација во регистерот на членови кој го води Агенцијата.
Надоместоци кои ги наплаќа друштвото од членовите на НЛБ Пензиски фонд се:
- 4% од уплатениот износ на придонесите уплатени во фондот,
- месечен придонес од 0,05% од вредноста на нето средствата на задолжителниот пензиски фонд, и
- надоместок за премин од еден во друг фонд.
Уплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување ја врши обврзникот за плаќање на придонес, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Притоа, од законски определениот процент, 35% од придонесите се префрлаат во задолжителниот пензиски фонд каде осигуреникот е член, а остатокот од придонесите (65% ) се префрлаат во Фондот за ПИОМ.[5]
Основни цели и принципи на инвестирање
уредиОсновна цел при инвестирањето на средствата на НЛБ Пензиски фонд е долгорочно остварување на принос над определениот репер за портфолиото на фондот во целина и за групите инструменти кои се дел од портфолиото, со истовремено одржување на прифатливо ниво на ризик. Стапката на инфлација во Македонија, зголемена за еден процентен бод, претставува примарен репер за остварен задоволителен принос од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд. Имајќи го предвид задолжителниот карактер на капитално финансираното пензиско осигурување, основните принципи при инвестирањето на средствата се:
- сигурност на средствата на пензискиот фонд;
- диверзификација на ризикот на инвестициите;
- одржување на адекватна ликвидност.
Остварениот просечен годишен принос на НЛБ Пензиски фонд во периодот од 31 декември 2007 година до 31 декември 2010 година изнесува 2,67%, годишно.
Право на пензија
уредиКога член на НЛБ Пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, целиот износ на акумулираните средства на неговата сметка ќе се искористи, со право на личен избор на членот, за:
- купување на пензиски ануитет кој се исплаќа до крајот на животот од посебна институција овластена за оваа цел, или
- програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд каде што тој бил член на денот на пензионирањето, или
- комбинација на две наведени опции.
Доколку акумулираните средства на членот на задолжителниот пензиски фонд се повеќе од износот потребен за исплата на инвалидската пензија согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, членот на задолжителниот пензиски фонд може наместо таа инвалидска пензија, да избере да оствари право на пензија согласно наведените три можности. Слично на тоа, доколку акумулираните средства на членот на задолжителниот пензиски фонд се повеќе од износот потребен за исплата на семејната пензија согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, корисникот на семејната пензија може наместо таа семејна пензија, да избере да оствари право согласно трите можности. Кога членот на задолжителниот пензиски фонд нема да стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, заради тоа што нема навршено пензиски стаж од најмалку 15 години, тогаш тој може да купи месечен пензиски ануитет, но само доколку износот на ануитетот е еднаков или поголем од 40% од најнискиот износ на пензијата. Кога пресметаниот износ на овој пензиски ануитет е помал од 40% од најнискиот износ на пензијата, задолжителниот пензиски фонд на членот наеднаш ќе му ги исплати акумулираните средства на неговата сметка. Купувањето пензиски ануитет и исплатата на акумулираните средства во случај на ненавршени пензиски стаж од 15 години може да се изврши по навршувањето на 65 години живот. Обезбедувањето на пензиски ануитети и програмирани повлекувања се вршат согласно со Законот.[2]
Доброволен пензиски фонд НЛБ Пензија плус
уредиОтворениот доброволен пензиски фонд НЛБ Пензија плус претставува отворен инвестиционен фонд што се основа и работи согласно Законот за инвестициони фондови, доколку со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување не е поинаку утврдено. НЛБ Пензија плус е посебен имот без правен субјективитет, кој го сочинуваат средствата од придонесите на членовите на НЛБ Пензија плус и приносите од инвестираните придонеси. овој фонд е основан на 5 јуни 2009 година, со дозвола од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.[6]
Зачленување и надоместоци
уредиЧлен на доброволниот пензиски фонд може да биде секое лице кое навршило 18 години и е сопственик на доброволна поединечна сметка или секое лице кое е учесник во професионална пензиска шема и е сопственик на професионална сметка. Членот може да уплатува доброволен придонес сам за себе, или во негово име и за негова сметка, доброволниот придонес да го уплатува трето лице или за него да плаќа некој осигурител, односно финансиер на професионална пензиска шема.
Надоместоците кои ги наплатува друштвото од членовите на НЛБ Пензија плус се:
- 3,8% од уплатените придонеси во фондот,
- 0,1% месечен придонес од вредноста на нето средствата на доброволниот пензиски фонд, и
- надомест за премин во друг фонд.[7]
Членот, уплаќачот и осигурителот имаат право слободно да ја одредуваат висината на уплатениот износ на доброволниот придонес и динамиката на уплатата на придонесите, а промената на висината на уплатата или прекинот на уплатата не влијаат на правото на членство во фондот, односно не значат прекин на членството. Лицето кое склучило договор за членство (или уплаќачот) има право да го уплати првиот доброволен придонес по истекот на пет дена од датумот на потпишување на договорот за членство. Уплатите на доброволниот придонес во име и за сметка на член кој има професионална сметка може да ги врши само осигурителот кој ја организира и финансира професионалната пензиска шема во која е вклучен членот, по склучувањето договор за организирање и финансирање професионална пензиска помеѓу осигурителот и претставник на своите вработени или членови.
Инвестирање на средствата од фондот
уредиАкумулираните средства од придонесите се инвестираат во финансиски инструменти со цел да се оствари принос кој им припаѓа на членовите на Фондот. Со доброволното капитално финансирано пензиско осигурување се обезбедува дополнителен извор на средства за пензиски надоместок или еднократно користење. Основна цел на инвестирањето на средствата на Доброволниот пензиски фонд е долгорочно остварување принос над стапката на инфлација.
Пензиски надоместок
уредиЧленот на доброволниот пензиски фонд може да почне да ги повлекува средствата од доброволната поединечна сметка најрано 10 години пред возраста за стекнување право на старосна пензија од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување. Постојат четири алтернативни решенија за исплата на пензија, и тоа:
- исплата на вкупниот износ еднократно или во повеќе наврати,
- купување на пензиски ануитет,
- програмирано повлекување од пензискиот фонд, и
- комбинација од претходните три алтернативи.[6]
Извори
уреди- ↑ „НЛБ Нов пензиски фонд - За друштвото“. Архивирано од изворникот на 2012-01-01. Посетено на 2012-01-16.
- ↑ 2,0 2,1 НЛБ Нов пензиски фонд.[мртва врска]
- ↑ Мирослав Саздовски, „Сава Ре е нов сопственик на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје“, Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 9.
- ↑ „Пензиските друштва им заработија 100 милиони евра на идните пензионери“, Дневник, година XIX, број 5687, понеделник, 9 февруари 2015, стр. 7.
- ↑ „НЛБ Нов пензиски фонд - Надомест“. Архивирано од изворникот на 2012-01-28. Посетено на 2012-01-16.
- ↑ 6,0 6,1 НЛБ Нов пензиски фонд.[мртва врска]
- ↑ „НЛБ Нов пензиски фонд - Надомест“. Архивирано од изворникот на 2011-11-30. Посетено на 2012-01-16.
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место Архивирано на 27 мај 2010 г.