Митко Пенџуклиски
Митко Николов Пенџуклиски (17 февруари 1915 во Кратово — 17 јули 1944 во Сурлица, Србија) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1][2]
Митко Пенџуклиски | ||
Роден | 17 февруари, 1915 година Кратово, Македонија под окупација на Кралство СХС | |
---|---|---|
Починал | 17 јули, 1944 година Сурлица, Србија | |
Националност | Македонец |
За средното училиште во Кратово, посетете ја статијата ДСУ „Митко Пенџуклиски“ - Кратово
Животопис
уредиТој бил помладиот син на вдовицата Риса Пенџуклиска. Пораснал без татко заедно со својот постар брат Ампе и уште двете нивни сестри и животот уште од мал го сфатил многу сериозно. Добро учел и добро свирел на гитара, па бил миленик во семејството и меќу неговите врсници. Основно училиште завршил во Кратово, а гимназија учел и завршил во Велика Градишка и Крагуевац. Како одличен ученик и напреден младинец бил прифатен во напредните кругови во гимназијата, каде почнал да се интересира за настаните во земјата и светот. Откако ја завршил гимназијата продолжил да студира економија во Белград. Активно учествувал во сите активности на напредната студентска младина, бил учесник и во студентските демонстрации поради што му била укината државната стипендија. За да биде материјално обезбеден и да ги заврши започнатите студии, неговиот брат Ампе Пенџуклиски дошол во Белград да работи на шивачкиот занает. Времето што го поминал учејќи во Крагуевац и Белград било од голема важност за оформувањето на личноста на Митко, бидејќи напредните кругови во кои се движел придонеле да израсне во борец за ново општество. Повремено доаѓал во Кратово или за време на летните одмори. Секогаш носел нешто ново со него: брошури, искуство за организирана работа па и револуционерни песни.[1][2]
Втора светска војна
уредиКапитулацијата на Кралството Југославија во 1941 година, ја дочекал како војник, кој бил заробен крај Цер и извесно време бил заробеник во Германија. По враќањето од заробеништво стапил на работа во Свети Николе, но поради неговата комунистичка активност, бугарскиот окупатор го интернирала во Сливен - Бугарија. По враќањето од интернација работел во Куманово, а потоа ѝ во Скопје, каде имал широки можности за делување. Посебна преокупација му било да ги шири марксистичките идеи меѓу младината. На 22 април 1944 година се вклучил во Агитпроп на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. На 17 јули 1944 година, кога штабот се наоѓал во близината на селото Сурлица-Врањско, загинал од непријателска авионска бомба.[1][2]
Средното училиште во неговиот град го носи токму негово име.[2][3]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Нивната борба за слобода, наш патоказ за иднината. Кратово: Општински одбор на СЗБ НОВ Кратово. 1985. стр. 40.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Цветков, Ѓорѓи; Мицевски, Младен (2020). Монографија СОУ-Митко Пенџуклиски-Кратово. Кратово. стр. 7.
- ↑ „Mitko Pendjukliski HMS - Kratovo“. wikimapia.org (англиски).