Митко Караделев
Митко Караделев (роден на 6 септември 1959 година во Богданци) — македонски доктор по биолошки науки и универзитетски професор.[1]
Митко Караделев | ||
Роден | 6 септември 1959 Богданци, СФРЈ | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | биолог професор |
Животопис
уредиМитко Караделев е роден во Богданци. Основно образование завршил во родното место, а средно во УЦ “Јосиф Јосифовски” во Гевгелија. Во учебната 1978/79 се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје, каде во мај 1983 година дипломирал со дипломска работа од областа на систематика на виши растенија.
По дипломирањето, во учебната 1983/84 година се запишал на последипломски студии на Природно-математичкиот факултет во Загреб - група биологија. Во март 1987 година го одбранил својот магитерски труд под наслов „Лигниколна микофлора планине Кожуф и сусједног низинског подручја” и се стекнал со научниот степен магистер на биолошки науки. Во септември 1985 година се запослил како професор по биологија во УЦ “Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, на кое работно место останал до септември 1998 година.
Во периодот 1989-1991 година бил учесник во програмата за развој и вработување на истражувачки кадри од Републичката заедница за научноистражувачка дејност во Скопје. Во овој период интензивно работел на изработка на докторска дисертација под наслов „Квалитативно-квантитативни истражувања на лигниколните макромицети во јужниот дел на Република Македонија” под менторство на д-р Милица Тортиќ од Природно-математичкиот факултет во Загреб. Истата успешно ја одбранил на 16 декември 1992 година на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во септември 1998 година Караделев бил примен на одредено време на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на работно место раководител на проектот МАКОМО. За доцент на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија на ПМФ - Скопје по предметите: „методика на наставата по биологија" за наставна насока при Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и „општа екологија” за Интердисциплинарни студии по инженерство и заштита на животната средина бил избран во јуни 2000 година. Наставата по предметот „општа екологија” ја изведувал заклучно со учебната 2001/2002 година, а од 2003 година започнал со изведување на теориска и практична настава по предметот „микологија со лихенологија” за еколошката насока на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во јуни 2005 година бил избран за вонреден професор по предметите „Микологија со лихенологија” за еколошката насока на Институтот за биологија и „Методика на наставата по биологија" за наставната насока на Институтот за биологија.
Со активирање на еколошката насока на Институтот за биологија тој го вовел предметот микологија со лихенологија и интензивно работел на постојано осмислување, изменување и надополнување на теориската и практичната настава. Во рамките на практичната настава за прв пат вовел теренска настава и детерминација на габи. Под негово менторство биле изработени над 30 дипломски работи од областите микологија и методика на наставата по биологија. Освен во редовната настава, д-р Митко Караделев бил активно вклучен и во изведувањето на наставата од специјалистичките и последипломските студии на Институтот за биологија.
Во однос на за неговото научно и стручно усовршување најзначајни биле студиските престои во странство, и тоа:
- .Во 1991 година (септември - октомври) престојувал на Институтот за Зоологија и Ботаника при Естонската Академија на науките во Тарту, Естонија
- Во 1994 (септември - октомври) година на Одделот за биологија при Универзитетот во Осло, Норвешка
- 2000-2004 година на покана или во рамките на заеднички проекти престојувал во неколку научни институти како што се: Одделот за микологија при Филипсовиот Универзитет во Марбург, Германија; Институтот за хемија на дрвото во Рига, Латвија; Факултетот за природни науки при Селџук Универзитет во Конја, Турција и др.
Во однос на неговата научноистражувачката работа, тој има објавено вкупно 49 трудови од кои во списанија надвор од Македонија се публицирани 19 труда, во списанија во Македонија 17, во зборници на трудови надвор од Македонија 7 и во зборници на трудови во Македонија 6 труда. Од овие трудови со импакт фактор (ИФ) се 3 труда. На научни манифестации има презентирано 30 труда од кои надвор од Македонија 23, а 7 во Македонија. Автор е на 4 монографски дела и рецензент на 2 труда во странски списанија.
Караделев учествувал во реализацијата или е раководител на 9 научноистражувачки проекти и тоа 5 меѓународни и 4 домашни. Член на тимот е и во еден проект за унапредување на образованието. Како експерт од областа на микологијата и заштитата на габите учествувал во изработката на Стратегијата, Националната студија и Акциониот план за биодиверзитет на Република Македонија. Во работата на органите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во периодот 2005/2006 бил претседател на централната пописна комисија на Институтот за биологија, а во 2006 е член на Издавачкиот совет на ПМФ и член на Редакцискиот одбор на годишниот зборник на Институтот за биологија – Biologia Macedonica[2].
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Караделев“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 669. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Доктор Караделев Митко - Доцент“. Архивирано од изворникот на 2011-05-25. Посетено на 2020-08-16.