Микромегас
„Микромегас“ (француски: Micromégas) — новела на Франсоа Волтер од 1752 година.
Содржина
уреди- Глава 1 — Патувањето на еден жител на светот од ѕвездата Сириус на планетата Сатурн: На една планета околу ѕвездата Сириус живее Микромегас, суштество со огромни димензии (височина од осум милји). Тој е многу образован и пишува една научна книга поради која му е забранет пристапот на кралскиот двор. Поради тоа, тој решава да прошета низ вселената и така пристигнува на Сатурн.[1]
- Глава 2 — Разговорот на жителот на Сириус со жител на Сатурн: Таму го среќава секретарот на академијата на Сатурн и со него разговара за соврешноста на природниот поредок, за времетраењето на животот и за разновидноста на облиците во кои се јавува материјата.[2]
- Глава 3 — Патувањето на жителите на Сириус и на Сатурн: Микромегас и секретарот на сатурновата академија се договараат да прошетаат заедно, но тогаш се појавува љубовницата на секретарот, која се жали поради тоа што ја остава сама. Двајцата се качуваат на една комета и најпрвин одат на Јупитер, потоа на Марс, а на 5 јули 1737 година пристигнуваат на Земјата.[3]
- Глава 4 — Што им се случи на земјината топка: Двајцата вселенски патници ја обиколуваат Земјата во потрага по жив свет и најпосле забележуваат еден кит кој им се причинува како микроскопско суштество. Набргу, тие забележуваат и брод на кој се наоѓа група филозофи кои се враќаат од научната експедиција на поларниот круг.[4]
- Глава 5 — Опитите и размислувањата на овие двајца патници: Најпосле, тие ги забележуваат луѓето на бродот и внимателно ги набљудуваат нивните постапки, расправајќи дали се свесни суштества.[5]
- Глава 6 — Што им се случи со луѓето: Двајцата патници набрзина прават импровизирани направи со кои можат да го слушнат говорот на луѓето и така започнуваат разговор со нив.[6]
- Глава 7 — Разговор со луѓето: Вселенските патници помислуваат дека на Земјата владее совршена среќа, но филозофите им раскажуваат за постојаните војни во кои бесмислено гинат илјадници луѓе. Потоа, патниците им поставуваат на луѓето повеќе научни прашања за вселената, а луѓето одговараат прецизно и нивните одговори ги воодушевуваат патниците. Меѓутоа, кога ги прашуваат за душата, филозофите даваат сосема различни одговори, а кога еден од нив одговара дека целата вселена постои заради човекот, вселенските патници паѓаат од смеа. Тогаш, жителот на Сириус им дава на филозофите книга за крајната смисла на сè на светот. Тие ја предаваат книгата во Академијата на науките во Париз, но кога ја отвораат книгата, гледаат дека таа е празна.[7]
За делото
уредиИмето на жителот на Сириус е оксиморон од два грчки збора: „микрос“ (што значи: мал) и „мегас“ (што значи: голем). Во првата глава, Волтер наведува дека Микромегас уште во детството решил над 50 Евклидови поставки, надминувајќи го Блез Паскал кој во детството решил 32 вакви поставки, а за кого Волтер пишува дека „подоцна станал математичар со просечна вредност и многу лош метафизичар.“ Исто така, во оваа глава се споменува дека, поради својата книга, Микромегас добил забрана за пристап до кралскиот двор во траење од 850 години, што е алузија на Волтеровото прогонување од страна на бискупот Боаје затоа што Волтер во своите „Филозофски писма“ напишал дека способностите на нашата душа се развиваат истовремено со нашите органи и на истиот начин како и душевните способности на животните. Во истата глава, Волтер пишува за „образованието на срецето и на духот“, што е алузија на изразот кој го користел педагогот Шарл Ролен (1661-1741) во неговото дело „За учењето“. Најпосле, во оваа глава, Волтер го исмејува и англискиот свештеник и научник Вилијам Дерхам (1657-1735), кој во „Астрономската теологија“ и во уште неколку дела настојувал да го докаже постоењето на бога преку поедничените природни величенствени нешта. Патувањето на четворицата филозофи кои се споменуваат во четвртата глава има вистинита историска подлога: во 1737 година, четворица научници (Моперти, Клеро, Камис и Ле Монје) презеле експедиција во Лапонија заради мерење на меридијанот. На почетокот од втората глава, Волтер го подражува накитениот стил на пишување на долгогодишниот секретар на Француската академија, Бернар Ле Бовје де Фонтнел (1657-1757), кој е делумно прикажан во ликот на секретарот на академијата на Сатурн. Во шестата глава, Волтер ги споменува Џонатан Свифт („Микромегас“ е еден вид Волтерова реплика на „Гуливеровите патувања“), како и Вергилиј, кој во четвртата книга на „Георгики“ вели дека медот паѓа од небото. Во последната глава, за време на разговорот меѓу четворицата филозофи и вселенските патници, филозофите ги опишуваат бесмислените крвави војни во кои „сто илјади лудаци од нашиот род со капи на главите кои убиваат сто илјади други животни со турбани околу главата“ а сето тоа поради „едно купче кал“, што е алузија на Кримската војна и на војната меѓу Турција и Австрија во која австриската царица Ана навистина изгубила сто илјади војници без да оствари никакви територијални придобивки (Австрија ѝ ја вратила Србија на Отоманската империја). Инаку, во расправата меѓу филозофите учествуваат еден картезијанец (во „Филозофските писма“ Волтер го напаѓа Декартовото учење), еден следбеник на францускиот свештеник и филозоф Малбранш (чии теолошко-метафизички заклучоци ги напаѓа Волтер), еден приврзаник на Лајбниц (чие учење, исто така, го исмејува), една „животинка во четвртаста капа“ (доктор на Сорбона) и еден мал приврзаник на Џон Лок (еден од омилените филзоофи на Волтер).[8]
Наводи
уреди- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 176-177.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 178-180.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 180-182.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 182-185.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 185-186.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 186-189.
- ↑ „Микромегас“, во: Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 189-193.
- ↑ Волтер, Изабрана дела (књига прва). Просвета, Београд, 1949, стр. 203-205.