Марко Крале и Муса Кесеџија

Марко Крале и Муса Кесеџија (српски: Марко Краљевиһ и Муса Кесеџија) е српска епска (јуначка) песна за Крале Марко.

Содржина

уреди

Албанецот Муса пие вино во една меана во Истанбул, жалејќи се дека девет години му служи на султанот, а притоа не ги употребил ни коњот ни оружјето. Затоа, тој заминува крај морето, каде гради кула и ги затвора скелето и патиштата по кои поминува царското богатство. Тогаш, царот го испраќа својот везир, заедно со 3 000 војници да го фатат Муса, но тој ја победува војската, го заробува везирот и така врзан го испраќа кај царот во Истанбул. Потоа, царот ги повикува сите јунаци да го убијат Муса, ветувајќи им големо богатство, но никој не може да го победи. Царот запаѓа во очај, а везирот му кажува дека само Крале Марко може да го победи Муса Кесеџија. На тоа, царот одговара дека тоа не е можно, зашто Марко веќе три години е затворен, така што сигурно му скапале коските. Сепак, везирот го доведува Марко пред царот, а Марко е целиот поцрнет од мувлата, со долги нокти и коса до подот. Царот го прашува, дали може да му се спротивстави на Муса, а Марко одговара дека прво мора неколку дена да поседи во некоја меана за да се најаде и да се одмори.

Така, тој поминува во меаната цели три месеци, а кога царот го прашува дали е подготвен за борба со Муса, Марко му бара да донесе суво дреново дрво. Марко го стега дрвото со десната рака и тоа се распарчува, но не пушта вода, така што Марко кажува дека не е подготвен за борба. По еден месец, пак му носат суво дреново дрво и, кога Марко го стега во тупаницата, дрвото пушта две капки вода. Тогаш, Марко оди кај ковачот Новак, барајќи да му искова сабја каква што нема направена никогаш во животот. Марко ја пробува сабјата така што удира во наковалната, пресекувајќи ја на два дела, но Новак му кажува дека има направено уште посилна сабја по порачка на Муса Кесеџија. Налутен, Марко му вели на Новак да ја испружи раката за да му плати, но притоа му ја сече раката за никогаш повеќе да не направи ниту полоша ниту подобра сабја.

Марко и Муса се среќаваат во Качаничката клисура и тие започнуваат борба. Најпрвин ги фрлаат копјата, а потоа се борат со сабјите и топузите, но никој не победува, така што започнуваат да се борат со раце. Така, тие се борат до пладне и повторно, никој не може да победи, но најпосле, Муса го соборува Марко и му седнува на градите. Немоќен, Марко ја моли својата посестрима, самовилата, а таа го советува да го употреби тајното оружје. Тогаш, додека Муса ја гледа самовилата на небото, Марко го вади скриеното ноже и го распорува Муса Кесеџија. Тогаш, Марко гледа дека Муса има три срца, од кои, едното му се изморило, другото му се разиграло, а во третото му спие змија. Змијата се буди и му вели на Марко дека имал среќа што таа спиела за време на борбата, зашто инаку тој сигурно ќе бил победен. Марко заплакува, затоа што победил посилен јунак од себе, потоа ја сече главата на Муса и ја носи кај султанот во Истанбул, а царот му дава три товари со богатство.[1] [2]

За песната

уреди

Песната „Марко Крале и Муса Кесеџија“ прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од ајдукот Тешан Подруговиќ.[3]

Наводи

уреди
  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 70-77.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 205-212.
  3. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 488.