Македонија во Втората балканска војна
Меѓусојузничката балканска војна — Втора балканска војна, започнала на 17 јуни 1913 година, меѓу Србија, Црна Гора, Грција, Романија, Турција од една страна и Бугарија од друга.
Македонија по завршувањето на Првата балканска војна
уредиНајголемиот товар и најбројните жртви во Балканските војни ги поднел македонскиот народ. Македонскиот народ на различни начини и во разни вооружени формации учествувал во војните, самостојно или во составот на бугарската, на српската или на грчката војска. Силната пропаганда на соседните држави дека војната против турската војска имала за цел ослободување на христијанското население од петвековното османлиско владеење и големата омраза против султановиот режим била мотив македонскиот народ да се вклучи во таа војна.
По завршувањето на Првата балканска војна, односно по Битолската битка, кога еден полк на српската војска влегол во Охрид, во кој веќе три дена функционирала месната власт воспоставена со помош на македонските чети, при обидот да се воспостави српска власт, остро се спротивставил војводата Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО. Во таа расправија, командантот на српскиот полк се пофалил дека според Српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година, Македонија е поделена меѓу Србија и Бугарија и според тоа во Охрид треба да се воспостави српска власт.
Сличното чувство го доживеал и Јане Сандански, кога во Солун бугарските офицери му се заканиле дека за зборовите автономија за Македонија јазици ќе сечат. Немањето единствена национална и политичка програма и меѓусебната недоверба, биле најголема пречка за обединување на разединетите и спротивставени сили во македонското револуционерно движење непосредно пред Балканските војни. По завршувањето на Првата балканска војна, на ВМРО и на Јане Сандански им станало јасно дека нивните меѓусебни кавги оделе во полза на соседите и дека токму тие ја пропуштиле можноста да се обединат и да го предводат народот во борбата за ослободување и за создавање самостојна држава Македонија.
Во Првата балканска војна учествувале околу 100.000 Македонци, не земајќи ја предвид помошта од целото население што им ја укажувало на сојузниците. Можеби оваа бројка е преголема, но ако се знае дека постоеле самоформирани македонски единици, како што биле оние на Јане Сандански, четите на ВМРО, четите на МВК, Доброволниот полк, Ополченските дружини, Српските месни одреди и чети, селските чети, месната милиција, четите и дружините формирани од македонската емиграција и сите други Македонци мобилизирани самоволно или насилно во српската, бугарската и грчката војска, тогаш бројката од 100.000 луѓе веројатно ќе биде надмината.
Се смета дека во Првата балканска војна загинале неколку десетици илјади Македонци, а неколку стотици илјади Македонци емигрирале од Македонија поради теророт што го доживувале и од турската и од ослободителните војски. Општата политичка положба во освоените земји не станала подобра, туку полоша, отколку под Турците.
Ревизија на договорите
уредиБугарија не се сметала обврзана да направи територијални отстапки во Македонија по повлекувањето на српската војска од Албанија, поради тоа што Србија тоа го направила по одлука на големите сили, а не во спогодба со Бугарија. Според бугарското гледање на договорените обврски, Србија била должна да испрати помош кај Одрин. Тогаш дошло и до различни гледања на таканаречената спорна зона (види Српско-бугарска спогодба).
За Бугарија таа зафаќала дел од Македонија, што според договорот требало да и се отстапи на Србија, а Србите за спорна зона ја сметале цела Македонија.
Воено технички подготовки
уредиВо Бугарија, покрај веќе ангажираното македонско население кое во Првата балканска војна се борело во состав на бугарската војска, непосредно пред Втората балканска војна во новоослободените земји, односно во Македонија, била извршена мобилизација на младинците од 20 до 26-годишна возраст, од кои биле формирани Серската, Драмската и Одринската бригада. Бројната состојба на новомобилизираните младинци изнесувала 40.000 души. Од нив биле формирани 12 и 13 пешадиска дивизија и една самостојна бригада. Во секој новоформиран полк имало по еден баталјон искусни борци од Првата балканска војна.
Присилна мобилизација во српската војска
уредиПричината за формирањето на Доброволниот полк е отфрлувањето на Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година, со која била договорена поделбата на Македонија на спорна и неспорна зона, како и воспоставувањето нови граници. Со создавањето на државата Албанија, на Србија ѝ бил оневозможен излез на Јадранското Море, па таа барала можност да се прошири на територијата на Македонија и да излезе на Егејското Море.
Масовната мобилизација на македонското население во бугарската војска и префрлањето на македонските доброволни дружини (баталјони) од Тракискиот на Македонскиот фронт биле силен мотив српската влада на окупираната територија на Македонија да изврши присилна мобилизација. На тој начин биле формирани четири таканаречени крстосувачки одделенија, под команда на командантот на граничните единици. Од овие одделенија, две дејствувале на левата страна на реката Вардар, а две од десната страна, меѓу Кавадарци и Гевгелија. Последниве две крстосувачки одделенија го формирале Вардарскиот одред, со кој командувал Василие Трбиќ. Во реонот на Кратово-Овче Поле-Кочани бил формиран Крстосувачкиот одред на Јован Бабунски.
Слично како бугарската, и српската влада ги мобилизирала Македонците од својата окупациона зона и ги концентрирала во првите редови. На тој начин, Македонците се нашле во првите редови на српската и на бугарската војска, а тие војувале за поделбата на Македонија. Со оглед на тоа што според Хашките конвенции окупаторите немале право да го мобилизираат окупираното население, македонските единици биле наречени Доброволен полк, односно Ополченски дружини. Присилната мобилизација била спроведувана под изговор за запишување на доброволци.
Формирањето на Доброволниот полк било извршено со одобрување на Владата. На 16 мај 1913 година војводата Ратомир Путник наредил: 1. да се создадат четири баталјони со седишта: првиот баталјон во Свети Николе, вториот во Приштина, третиот во Гевгелија и четвртиот во Неготино. Пополнувањето на овие баталјони требало да се изврши со месно население од соодветните реони, а командниот кадар да го обезбедат граничните команди. Покрај христијаните, можеле да се мобилизираат Турци и Арнаути, и тоа оние што имале служено војска и кои би ги задржале чиновите од турската војска. Сите доброволци требало да положат заклетва на верност на врховниот командант на српската војска, Н. В. Кралот Петар. Сите мобилизирани биле обезбедени со униформа, со оружје и со храна. За секои 10 доброволци од месни извори бил обезбедуван по еден коњ за пренос на товар.
Битката на Брегалница
уреди- Види Битка на Брегалница
Самоуништувачка војна
уредиВо текот на Втората балканска војна, во армиите на двете завојувани страни, покрај масовните дезертерства, имало и бунтови во одредени единици. Особено незадоволство поради меѓусојузничката војна покажало македонското население кое се наоѓало главно во првите борбени редови на двете завојувани страни, водејќи самоуништувачка борба во корист на сопствените окупатори. За време на битката на Брегалница избувнале повеќе бунтови во четвртата. бугарска армија, а во српската трета. армија имало масовни дезертерства.
На некои делови на фронтовската линија биле забележани и братимења меѓу српската и бугарската војска. Се работи за Македонци кои се познавале од порано и кои ги сфатиле целите на војната, па не сакале да учествуваат во борбата за распарчување на сопствената татковина. Во 22 полк на 7. Рилска дивизија, што дејствувал на правецот кон Солун, избувнала побуна затоа што во времето на првото примирје бил префрлен во Источна Тракија. Околу 70 војници не сакале да заминат од Македонија, по што биле тепани со стапови. Појавата на колерата на Македонскиот фронт, исто така, предизвикала масовни дезертерства.
Во битката на Брегалница, загубите биле мошне големи и на двете страни. Во српската војска имало 16.200 мртви и ранети, од кои 11.350 во третата. армија.
Во бугарската војска имало 25.000 загинати. Само на српската страна имало околу 5.000 кои умреле од колера. Во бугарската војска од колера умреле многу повеќе луѓе, со оглед на тоа дека таа болест била пренесена од борбата против Турците во Тракија. Македонското население на двете страни на фронтот, исто така било, заразено од колерата. Освен тоа, многу села биле опожарени, храната однесена, недостасувала облека, па се водело грижа само за гол опстанок. По битката на Брегалница, дејствата во Македонија се претвориле во исцрпувачка рововска војна. Меѓусебното исцрпување траело до 31 јули 1913 година, кога било потпишано примирјето, кога балканските војни официјално завршиле.
Борбените дејства продолжуваат
уредиГолемите сили решиле да ја прекинат Втората балканска војна, особено поради злосторствата што сите војски ги вршеле врз недолжното македонско население.-И натаму поединечни и здружени меѓусебни воени судрувања
Борбата за територии во Македонија се водела со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на турските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштале во меѓувреме воспоставената месна власт и воспоставиле свои органи на власта. Како претставници на своите држави, тие го принудиле македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите што ја воспоставиле власта и како такви да испраќаат писма, анкети и апели, оти наводно сакале нивниот град и околијата да бидат присоединети кон соодветната држава.
На пример, селаните од Негорци, Гевгелиско, во текот на една недела трипати ја менувале својата национална и државна припадност. Тие биле принудени да испратат телеграма до бугарскиот цар Фердинанд дека се Бугари и дека бараат тој да ги присоедини кон Бугарија. Откако се повлекла бугарската, дошла грчката власт, па следела телеграма до грчкиот крал Ѓорги и на крајот била испратена телеграма со соодветна содржина до српскиот крал Петар.