Мелита
Мелита (француски: Mélite) — драма (комедија) на францускиот писател Пјер Корнеј од 1625 година.
Постанокот на драмата
уредиДрамата настанала врз основа на вистинита случка. Младиот Корнеј имал љубовна авантура: еден негов пријател се вљубил во некоја девојка, но немал смелост да ја искаже својата љубов и поради тоа го замолил Корнеј да го направи тоа. Тој ја извршил задачата толку вешто што девојката одговорила позитивно на љубовните изливи, но не во полза на пријателот на Корнеј, туку се вљубила во него. Така се развила силна љубов меѓу девојката (Катерина) и Корнеј, а според неговото подоцнежно признание, девојката ја разбудила во него поетската дарба.[1] Врз основа на оваа љубовна афера, тој го збогатил бројот на ликовите, внел елементи од своремениот живот на Руан, настанот го дотерал преку внесување заплет околу кој се врти дејството и така настанала неговата прва драма, комедијата „Мелита“. Во согласност со тогашната мода, „Мелита“ била исполнета со галантност, но за разлика од тогашните тешки и компликувани трагикомедии, таа е првата чиста комедија, но се разликувала и од популарните простачки фарси. Корнеј создал комедија со издржан стил, со лесни и пријатни стихови, со актуелна содржина и со живо дејство во кое учествуваат лица од секојдневниот градски живот. Во 1628 година, Мондори, раководителот на парискиот театар „ди Маре“ го посетил Руан, го прочитал ракописот на „Мелита“ и го оценил како освежување и новина во тогашната театарска пракса. Оттука, во 1629 година, претставата била прикажана и во театарот „ди Маре“ во Париз, каде постигнала огромен успех и останала постојано на репертоарот.[2]
Содржина
уредиЕраст, млад и убав човек, ја запознава Мелита со својот пријател Тирси. Набрзо, Мелита се вљубува во Тирси, а Ераст, за да се одмазди, пишува лажни писма со кои ја клевети девојката. Тука започнува заплетот во кој Тирси сака да се убие, Мелита се онесвестува, а Ераст полудува. Сепак, на крајот сè се разјаснува и Мелита се омажува за Тирси.[3]
Наводи
уреди- ↑ Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8-10.
- ↑ Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 10-11.
- ↑ Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 10.