Сина (драма на Пјер Корнеј)
Сина или Милосрдноста на Август (француски: Cinna ou la Clémence d'Auguste) - драма (трагедија) на францускиот писател Пјер Корнеј.
Содржина
уредиВо „Сина“ се испреплетуваат познатите мотиви од претхoдните драми на Корнеј, како: љубовта, одмаздата и борбата. Сепак, љубовта зазема второстепено место, зашто Сина не дејствува толку со намера да ја освои Емилија, колку да го ослободи народот од тиранијата. Исто така, животната цел на Емилија не е љубовта кон Сина, туку одмаздата за убиениот татко. Така, во едно писмо упатено до Корнеј, Гез де Балзак ја опишал Емилија како инкарнација на „страста за слобода“. Емилија е смела приврзаничка на републиката и таа со ништо не отстапува од омразата кон монархијата. Всушност, целиот нејзин живот е исполнет со стремежот за воведување на републиканскиот режим при што таа ја потиснува и својата искрена љубов кон Сина.[1]
Осврт кон делото
уредиКорнеј ја напишал трагедијата „Сина“ во 1640 година, во исто време како „Хорациј“, како одраз на душевната состојба и искуството во дебатата со своите непријатели по повод драмата „Сид“. Тоа го покажува и Буало, кој во еден прочуен стих изнесува дека „Сина“ му го должи своето раѓање на прогонетиот „Сид“. Сепак, останува нејасно дали „Сина“ била напишана од книжевни и театарски побуди или била предизвикана од политичките настани во тоа време. На пример, хроничарот Ед Фурние, во своето дело „Белешки за животот на Корнеј“, пишува дека во 1639 година, кога Корнеј работел на „Сина“, Руан и целата Нормандија се наоѓале во состојба на вистинско востание. Имено, оптоварени со бројни даноци на солта, кожата и лебот, селаните не можеле повеќе да ги издржат давачките и се бунеле при што многумина биле затворени, но судот ги ослободил. И покрај тоа, селаните кренале востание, а Ришелје испратил силна војска која го нападнала Руан, заземајќи го на јуриш, по што ја суспендирала локалната власт и наложила казна од 1.085.000 ливри. Четворица востаници биле запалени живи, дваесетмина биле обесени, голем број биле осудени, некои биле испратени во прогонство, а репресалиите продолжиле и понатаму. Според некои мислења, „Цина“ била напишана со цел да ги ублажи натамошните прогонувања. Во прилог на тоа оди и целосниот наслов на драмата „Цина или Милосрдноста на Август“. Во секој случај, во „Сина“ е обработена една политичка тема во која Корнеј ги спротивставил републиката и монархијата како форми на државно уредување. Во драмата дошле до израз актуелните настани од тоа време и можеби тоа било причината за нејзиниот успех кај публиката.[2]