Клеопатра (балет на Нерија Голдберг)

Клеопатра - балет на литванската композиторка Нерија Цепаите Голдберг од 2016 година, компониран по либретото на Јана Темиз.

Светска премиера

уреди

Балетот „Клеопатра“ бил создаден по порачка, по повод јубилејот 25 години уметничка дејност на балерината Александра Мијалкова. Светската премиера на балетот се одржала на 17 ноември 2016 година, во Скопје, во поставка на Македонската опера и балет. Кореограф на премиерната изведба бил Василиј Медведев, диригент бил Александар Анисимов, сценограф/костимограф бил Павол Јураш, помошник-кореограф бил Станислав Фечо, концерт-мајстор бил Климент Тодороски, а одговорен за осветлувањето бил Милчо Александров. Главните улоги во балетот ги играле:[1]

Синопсис

уреди

Балетот се состои од два чина, од кои првиот чин има пет слики, а вториот чин се состои од девет слики и завршница.

Прв чин

уреди

На плоштадот во Александрија пристигнува младиот Птоломеј, поздравен од народот. Тогаш, ненадејно доаѓа Цезар кој ги заробува Птоломеј и неговите придружници. Птоломеј му ја покажува на Цезар статуата на својата сестра Клеопатра и Цезар е воодушевен од неа. Во храмот, Клеопатра им се моли на боговите да ѝ дадат сила да му се спротивстави на Цезар. Подоцна, скриена во тепих, таа влегува кај Цезар, кој ја открива, но се воодушевува од нејзината храброст и ја кани да остане во дворецот. Цезар ја прогласува Клеопатра за владетелка на Египет, а тој мора да се врати во Рим, канејќи ја да му се придружи. Таму, таа се прикажува во целиот свој раскош. Марко Антонио се вљубува во неа на прв поглед, но во Октавија се раѓа љубомора.[2]

Втор чин

уреди

Во Рим, сенаторите го убиваат Цезар, а во заверата активно учествува Октавија, а Клеопатра мора да замине во Египет. По смртта на Цезар, Октавијан и Марко Антонио се договараат да ја поделат империјата при што Марко Антонио е определен за владетел на источниот дел, вклучувајќи го и Египет. Нивниот договор се зацрвстува со свршувачката на Марко Антонио и Октавија. За тоа време, Клеопатра е повторно во Александрија, незадоволна од својата положба и несигурна во поглед на иднината на земјата. Таа добива писмо од Марко Антонио и се подготвува да го освои. Потоа, таа оди на бродот на Марко Антонио, придружена од бројни девојки, и таму започнува оргија. Меѓу Марко Антонио и Клеопатра се раѓа силна љубов и тие склучуваат сојуз, со намера да му се спротивстават на Октавијан. Во Рим пристигнуваат вестите за сојузот и Октавијан е бесен, па му објавува војна на Египет. Со голема војска, Октавијан го напаѓа Египет и во борбата е ранет Марко Антонио, кој умира на рацете на Клеопатра. Во Александрија избива голем пожар што го зафаќа и дворецот на Клеопатра, каде се наоѓа телото на Марко Антонио. Клеопатра пристигнува во нејзината гробница, каде божицата ѝ дава змија и таа умира. Тогаш, околу нејзиното мртво тело се појавуваат египетските богови, кои ја земаат кај себе.[3]

Наводи

уреди
  1. Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 3.
  2. Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 26-27.
  3. Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 27-28.