Александра Мијалкова

Александра Мијалкова (1973, Скопје, Македонија) - македонска балерина.

Животопис

уреди

Александра Мијалкова е родена во 1973 година, во Скопје. Основното и средното образование го завршила во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, во класата на Ѓурѓица Јовановска. Во 1991 година се вработила во Македонската опера и балет, како член на балетскиот ансамбл, во 1998 година станала примабалерина. Во 2006 година дипломирала на Украинската академија за танц - Киевски факултет за кореографија во состав на Меѓународниот славјански универзитет, на отсекот педагог-репетитор за класичен балет. Во 2010 година магистрирала на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, по што била избрана за професор на Балетската академија при Факултетот за музичка уметност во Скопје, на предметот историски игри.[1]

Творештво

уреди

За време на својата балетска кариера, Мијалкова играла главни улоги во голем број балетски претстави, како: Рајмонда во истоимениот балет, Кармен во истоимениот балет, Јулија во „Ромео и Јулија“, Одета и Одилија во „Лебедово езеро“, Жизел во истоимениот балет, Китри во „Дон Кихот“, Забеида во „Шехерезада“, Есмералда во истоимениот балет, Екатерина во „Ана Каренина“, Медора во „Корсар“, Клара во „Оревокршачка“, Далила во „Самсон и Далила“, Роксана во „Александар III Македонски“, Маргарита во „Дамата со камелии“, Смртта во „Црвената соба“, Бес во „Порги и бес“, Ташула во „Охридската робинка Ташула“, Елизабет во „Дракула“, Девојка и Иштар во „Еп за Гилгамеш“, Девојка во „Македонска повест“, Вереница во „Песни за љубовта и смртта“, Констанца Вебер во „Златно перо“, Црвената жена во „Пинк Флојд“, Солистка во „Наполи“, Ленор во „Танго“, Девојка во „Бесконечно патување“, Неда во „Силјан штркот“, а исто така настапувала и во балетите „14 часа“, „Огнени градини“, „Дајте ни мир“, „Спартак“, „Фероче партита“, „Три сестри“, „Паралели“, „Болеро“ итн. Мијалкова е добитник на наградата „13 Ноември“, а покрај тоа добила златна плакета на меѓународниот натпревар во Нови Сад и го освоила второто место на Југословенскиот балетски натпревар во Белград.[1]

Според професорката Тања Вуисиќ Тодоровска, со својата танцова естетика Александра Мијалкова ќе остане забележана во македонската балетска историја по способноста за прецизно дефинирање на ликовите, по истенченосто чувство за стил и умереност, грациозното движење ипрецизните манири.[2] Во продолжение, според професорката Соња Здравкова-Џепароска, Мијалкова ќе сотане запаметена во историјата на македонскиот балет како балерина со широк играчки дијапазон, способна подеднакво да се снајде како во класичниот балет, така и во неокласичното кореографско структурирање и во слободната модерна поетика.[3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 10.
  2. Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 12.
  3. Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 14.