Нерија Цепаите Голдберг - литванска композиторка и дизајнерка на звук.

Животопис

уреди

Голдберг студирала хорско диригирање на конзерваториумот во Каунас, како и композиција (додипломски и постдипломски студии) и оркестарско диригирање на Литванската музичка академија. На Оксфордското училиште за звук дипломирала од областа на дизајн на звук и музичка продукција. Покрај компонирањето, Голдберг се занимава и со педагошка дејност, предавајќи на неколку музички школи, како: Универзитетот „Vytautas Magnus“, „Kazimieras Simonavicius“ и на Литванската академија за филм и театар.[1]

Творештво

уреди

Уште за време на студентските денови, Голдберг се определила за создавање големи музички дела - концерти, симфонии, опери и ораториуми. Во 1999 година бил објавен првиот носач на звук со нејзина музика, насловен „Мини опера“. За време на студентските денови, во 2001 година, Голдберг го компонирала своето прво големо дело, „Реквием“, кој премиерно бил изведен од Националниот симфониски оркестар на Литванија и Државниот хор на Каунас. Од нејзините подоцнежни дела посебно се истакнуваат ораториумот „Глорија“ и операта-мјузикл „The congress of birds“ за солисти, симфониски оркестар, хор и електроника (во соработка со либретистот Пол Лангман). Во 2016 година го компонирала балетот „Клеопатра“ чија светска премиера се одржала во Скопје. Како композитор, таа соработува со Националната опера и балет на Литванија, а нејзините дела се изведувани ширум светот, а таа работи и како дизајнер и инженер на звукот, аранжер и оркестратор. Најпосле, Голдберг компонира музика за филм и за телевизија и е членка на американската асоцијација „Broadcast Music Inc. (BMI)“.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Клеопатра - балет на Василиј Медведев (Русија) - светска премиера. Скопје: Македонска опера и балет, 2016, стр. 17.