Калид Ел Масри (роден на 29 јуни 1963) е германски државјанин со либанско потекло, кој беше притворен и одведен во Авганистан, каде што неколку месеци беше испрашуван и измачуван од агенти на ЦИА, а потоа беше ослободен без обвинение. Ова вонсудско притворање веројатно се должи на сличноста на неговото име со осомничениот терорист Калид ал Масри. Ел Масри беше притворен при влез во Република Македонија.

Ел Масри ја тужеше Република Македонија во Европскиот суд за човекови права за негово тајно предавање од страна македонското МВР на американските агенти на ЦИА. На 13 декември 2012 година, Големиот судски совет донесе конечна одлука со која ја прогласи македонската влада за виновна, односно дека е одговорна за тортура, малтретирање и тајно предавање на лице осомничено за поврзаност со тероризам. При тоа, Судот ја задолжи Македонија да му плати штета на Ел-Масри во висина од 60.000 евра.[1]

Лични информации

уреди

Ел Масри е роден во Кувајт од либански родители. Пораснал во Либан. Во 1985 година за време на Либанската граѓанска војна бега во Германија каде аплицира за азил поради своето членување во милитантната група Ал Тавхид. Неговото барање азил завршува позитивно, а од 1994 година Ел Масри добива германско државјанство, врз основа на неговиот брак со германска државјанка. Во 1996 година се преженува со Либанка со која има пет деца.

Апсење

уреди

Кон крајот на 2003 година Ел Масри заминува на одмор во Скопје. На граничниот премин Табановце, на 31 декември, македонските власти го апсат, поради тоа што неговото име е слично на Калид ал-Масри, наводен ментор на Хамбуршката ќелија на Ал Каеда, и поради сомнение дека неговиот германски пасош е фалсификуван. По апсењето Ел Масри преку три недели е задржан и испрашуван во некој мотел во Скопје.

Македонските власти на 23 јануари 2004 година им го предаваат на американски агенти, кои тајно преку Багдад го носат во Авганистан во таен истражен центар на ЦИА, со затвореници од Пакистан, Танзанија, Јемен и Саудиска Арабија.

Според тврдењето на Ел Масри, додека бил во истражниот центар на ЦИА, тој бил тепан, држен гол во ќелија, не му било давано да јаде, па дури бил и силуван. Во февруари службениците на ЦИА почнале да се сомневаат дека пасошот на Ел Масри не е фалсификат. По потврдата дека пасошот не е фалсификат, ЦИА почнува да разгледува опции како да се справи со случајот на Ел Масри. Една од опциите што се разгледуваат е Ел Масри тајно да се транспортира во Република Македонија, да се остави таму, а потоа да се негираат неговите обвинувања. Се отвора и прашањето дали да се информираат германските власти и на крајот, информирана е германската влада, без извинување, при што им успеа да ја убедат да не го коментира случајот.

Ослободување

уреди

Во меѓувреме Ел Масри се приклучува кон штрајк со глад во затворот, а е ослободен дури на 28 мај. Бидејќи се известени од страна на македонските власти дека се противат Ел Масри да биде вратен на македонска територија, американските агенти го оставаат во Албанија, на еден напуштен пат. Дополнителни проблеми Ел Масри има и со албанските сили кои при средбата со него мислат дека е терорист поради неговата надворешност. Ел Масри сепак успева брзо да дојде до аеродром и да се врати дома во Германија. Во меѓувреме неговата жена со децата се враќа во Либан, мислејќи дека тој ги напуштил. По дознавањето на вистината, таа му се враќа на својот маж.

Во декември 2005 година Ел Масри покренува тужба против поранешниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди