Ивање
Ивање — планински и топографски предел во Македонија, во кањонот Матка на реката Треска, недалеку од Скопје. Името потекнува од некогашното истоимено село, кое се сретнува во средновековните извори како село во посед на манастирот Свети Андреја.
Географски одлики на планината Ивање
уредиИвање е планински предел кој се издигнува веднаш над левиот брег на реката Треска во кањонот Матка. Всушност, Ивање е назив за југоисточната падина на планината Осој, која се надоврзува на венецот на планината Сува Гора кон североисток. Правецот на протегање на падината Ивање е како и на планината Осој, полунапореднички односно во правец југозапад - североисток, со наклонетост кон запад и северозапад. Составот на почвата е најчесто каменест и карпест, односно карст со изразена планинска кафеава и глинеста почва. Непосредно до реката Треска, релјефот е изразиот клисурест со стрмни карпи и долови, обраснати со разновидни растенија и камењар. Од растенијата во најголем дел се застапени листопадните и нискостеблестите грмушки како што се: даб, јасика, дива лоза, зеленика, а во помал дел и зимзелените дрвја како елка, смрека и бор. На повеќе места избиваат бројни слаби извори на вода, која е со добар квалитет и повремено предизвикува одрони на карпи и помали лизгања на земјиштето. Во североисточниот дел пред почетокот на клисурата застапени се повеќе зарамнети тераси и врвови, со бујна вегетација, поволни за сточарство. На самата падина постојат неколку планинарски и алпинистички патеки, како и четири средновековни црковни храмови и останати старини кои привлекуваат голем број на туристи.
Средновековното раселено село Ивање
уредиПознатиот Манастир „Св. Андреја“ - Матка изграден во 1389 година, во средниот век имал повеќе приложени села, меѓу кои биле и сега непостоечките Ивање, Лозно, Длбочица, Уздол, Крушица и други[1]. Остатоци од селиштето на селото Ивање биле забележани на падината на планината Осој, свртена кон реката Треска, на местото на сточарските станови и ниви на селаните од селата Мерово, Раовиќ, Чајлане и Семениште[1]. Земјиштето на кое се наоѓало селото е присојно, обраснато со бујна вегетација и неколку извори од кои се добивала вода за пиење. Според поставеноста на земјиштето и остатоците од ѕидини и градби, за местоположбата на некогашното село Ивање може да се претпостави дека се наоѓала на зарамнетите тераси под сртот на планината Осој, јужно и југоисточно од селото Матка во правец на природниот резерват „Јасен“.
Историја
уредиИвање било старо село, кое прво припаѓало на црквата во Сушица (веројатно на познатиот Марков Манастир), а во 1389 година било приложено на тогаш што туку изградениот Манастир „Св. Андреја“ - Матка, од страна на Андреаш, син на кралот Волкашин и брат на легендарниот Крале Марко[1]. Втор пишан спомен за селото Ивање, се сретнува во поменикот на манастирот Матка од втората половина на XVI век, кога се забележани 42 лица како приложници од ова село, а дел од нив се викале: Петар, Стојан, Иван и др.[1]. Пишани документи за селото Ивање се наоѓаат и во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 за Скопскиот вилает од 1452/53 година, каде за селото Ивање е запишано дека во него живееле со 11 христијански македонски семејства[2]. Подоцна во XIV век во пописните дефтери од 1544 година Ивање имало 31 македонско христијанско семејство, а во 1568 година биле регистрирани 17 христијански семејства[2]
Во околните македонски села, Матка и Луковица постои предание и историско сеќавање во кое се наведува дека Ивање била доста голема населба со православно македонско население[1]. Селаните од Ивање највеќе се занимавале со одгледување на кози, од планинско земјоделство, од шумарство и од пчеларство[1]. Во турско време, населението од Ивање, плаќало „спајилук“ (данок) со по „триста ока бел мед“ и со по „триста нешкопени јарци“[1]. Од овие податоци може да се заклучи дека селото имало доста развиен и богат економско-стопански живот и дека било слободно село со своја земја, а не било чифлик, бидејќи морало да плаќа данок.
Селото Ивање сосем се раселило околу средината на XIX век, поради сè поголемата несигурност и небезбедност („тогај се осетил јак зулум“) од доселеното албанско муслиманско население во соседните дервенски села[1]. Населението од овие села, било привлечено да доаѓа во Ивање поради одличните летни и зимски пасишта, а освен тоа синорот бил богат и со шуми[1].
Население
уредиВо селото Ивање, живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Од истражувањата се забележани само 2 иселени македонски христијански родови кои водат потекло од некогашното село Ивање, како и за една жена во градот Лерин:
- Павлевци (слават Воведение) - иселени во селото Здуње во Поречје, чиј основач се доселил таму од Ивање[1]
- Шопови или Панчевци (слават Богородица Пречиста) - живеат во селото Матка близу Скопје, каде што се доселиле од Ивање пред 175 години (родослов во 1949 година: Трпче, жив на 52 години - Цветан - Панче - Трајко, кој се иселил од Ивање)[1]
- Во 1917 година во градот Лерин во Егејска Македонија живеела жена на возраст од околу 80 години, која на неколку лица од сувогорското село Луковица (во 1949 година сѐ уште жив Дукадин), кои таму биле војници (за време на Првата светска војна), им кажувала дека е родена во селото Ивање на планината Осој кај Скопје[1]. Говорејќи им за родното село, жената кажувала дека Ивање имало воденица крај Треска, во бавчите една зелка мерела до 10 кг, од една крава се добивало по 18 литри млеко дневно и друго[1].
Цркви
уредиДодека во Ивање имало население, во селото постоела и црква, која се наоѓала во месноста сега наречена Киша (збор на албански јазик за црква), околу 300 метри североисточно од населбата во „една рупа“[1]. На црквиштето се познаваат остатоци од ѕидови. Според народната традиција ивањската црква била посветена на Света Недела и за време на селската слава се приредувал голем собор на кој „по седумдесет“ ивањски девојки пееле и играле оро[1]. Врз основа на местоположбата, можеме слободно да се заклучи дека остатоците и рушевините од средновековната Света Недела, сместна високо на падините на Ивање (Осој) во кањонот Матка, всушност се на некогашната селска црква на селото Ивање.
Наводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 Трифуноски, Јован (1951). „2“. За средновековните села на манастирот Св. Андреја крај Треска. 4 (Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје. изд.). Скопје: Историско-филолошки оддел на Филозофскиот факултет. стр. 6–7.
- ↑ 2,0 2,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 189.