„Златното магаре“ (Metamorphoses, libri XI) — роман на латинскиот писател Апулеј.

Насловна страница од латинското издание на Џон Прајс на романот ,,Златното магаре" од Апулеј (Гауда, Холандија, 1650)

Содржина

уреди

Романот се состои од 11 книги:

  • 1. книга: Луциј, по потекло од Коринт среќава двајца патници додека патува низ Тесалија. Еден од нив, трговецот Аристомен, раскажува за своето необично доживување за време на едно патување во Тесалија: тој го сретнал својот стар пријател Сократ кого во родниот град го прогласиле за мртов, а тој живеел како просјак. Него го упропастила меанџиката Мерое која била волшебничка. Кога слушнал за волшебната моќ на Мерое, Аристомен го посоветувал својот пријател да побегнат од градот, но ноќта ги посетила Мерое која го убила Сократ. Исплашен од можноста да биде обвинет за убиство на пријателот, Аристомен се обидел да се обеси, но се скинал конецот и тој паднал врз Сократ кој тогаш оживеал. Двајцата побегнале од градот, но откако ручал, Сократ повторно умрел, а исплашениот Аристомен побегнал од татковината и се преселил во Етолија. Луциј се разделува од двајцата сопатници и оди во еден град со намера да го посети скржавецот Милон.[1]
  • 2. книга: Утредента, тој ја среќава богатата Бирена која своевремено го одгледала како мајка, а таа му кажува дека Памфила, сопругата на Милон, е волшебничка. Луциј стапува во љубовна врска со убавата Фотида, слугинката на Памфила. За време на една вечера кај Бирена, Луциј ја слуша приказната на еден човек кого го осакатиле вештерките додека чувал еден мртовец. Ноќта, враќајќи се во домот на Милон, Луциј убива тројца разбојници.[2]
  • 3. книга: Утредента, Луциј е уапсен и изведен пред судот. На судењето присуствуваат сите жители на градот кои цело време се смеат, а тогаш Луциј дознава дека „разбојниците“, всушност, биле само три козји мевови. Подоцна, Фотида му признава дека таа случката ја предизвикала Памфила додека правела магија за да освои едно убаво момче. Исто така, Форида му раскажува на Луциј дека во една прилика ја видела Памфила како се преправа во був со помош на некоја волшебна маст. Љубопитниот Луциј посакува и самиот да се претвори во був, но Фотида го мачка со погрешна маст и тој се претвора во магаре. Подоцна, во шталата влегуваат разбојниците кои го ограбиле домот на Милон и го товарат магарето (Луциј) и бегаат.[3]
  • 4. книга: Во планинското засолниште Луциј ги слуша доживувањата наразбојниците. Во пештерата пристигнува една богата девојка, која ја грабнале разбојниците за време на нејзината свадба. Девојката тагува над својата несреќа, а старицата која се грижи за разбојниците ѝ ја раскажува приказната за Психа и Купидон: Психа била толку убава, што ја обожавале сите луѓе, а поради тоа го предизвикала гневот на божицата Венера. Таа го испратила својот син Купидон со задача да ја натера Психа да се вљуби во најнедостојниот човек.[4]
  • 5. книга: Наместо тоа, Купидон се вљубил во Психа и секоја ноќ почнал да ја посетува како нејзин маж, но никогаш не ѝ се покажал. Сестрите на Психа слушнале за нејзината среќа и ја убедиле да го убие мажот, велејќи дека тој е чудовиште. Ноќта, кога заспал Купидон, Психа се обидела да го убие и дури тогаш го видела во целата негова убавина. Тогаш, Купидон се разбудил и ја напуштил Психа, а таа им се одмаздила на сестрите.[5]
  • 6. книга: Старицата ја продолжува приказната и раскажува како Психа го барала саканиот маж низ целата земја, а во меѓувреме, Венера ја барала неа со намера да ја казни. Најпосле, самата Психа отишла кај Венера и таму била подложена на измачување. Имено, Венера ѝ поставила на Психа неколку тешки задачи, но таа ги извршила со помош на мравите, трската, орелот и кулата. Најпосле, по налог на Венера, Психа слегла во подземниот свет, но при враќањето заспала во смртен сон. Тогаш, Купидон ја спасил саканата, по што Јупитер ги венчал и набргу Психа и Купидон ја добиле ќерката Наслада. Во меѓувреме, разбојниците се враќаат во пештерата, а магарето слуша дека тие планираат да го убијат, па затоа бега заедно со девојката. Меѓутоа, разбојниците успеваат да ги фатат и ги осудуваат на смрт.[6]
  • 7. книга: Во пештерата пристигнува непознат човек, кој се претставува како разбојникот Хемус од Тракија. Разбојниците го избираат за водач, а тој ги убедува да не ја убиваат девојката (која се вика Харита). Всушност, тој е свршеникот на девојката, Тлеполем, кој прави гозба и ги опијанува разбојниците, ја носи девојката во нејзиниот град, а потоа ги убива разбојниците. Набргу, тие прават свадба, а магарето го задржуваат во палатата при што со него постапуваат добро. Но, наскоро го предаваат на коњушарот, кој го користи за тешки работи. Потоа, магарето го предаваат на едне роб и тој постапува со него свирепо и го измачува на најразлични начини. Најпосле, тој планира да го убие, но го напаѓа мечка и така магарето се спасува. Сепак, иако магарето успева да побегне, селаните пак го фаќаат.[7]
  • 8. книга: Утредента, доаѓаат гласници кои раскажуваат за страшните настани во палатата: Некое богато момче со име Тразил, чија браќна понуда ја одбила Харита во минатото, користејќи се со лукавство, за време на еден лов го убил Тлеполем. По неговата смрт, Харита пропаѓала од голема болка и тага, а Тразил ѝ понудил брак. Кога духот на Тлеполем ѝ ја кажал вистината за смртта на нејзиниот сопруг, таа го ослепила Тразил, а потоа се убила себеси. Кога сфатил што направил, Тразил влегол во гробницата на Харита и Тлеполем, со намера таму да умре од глад. По смртта на Харите, нејзините робови се селат во друг град и со себе го земаат магарето. Патем, нив ги напаѓаат некои селани, сметајќи ги за разбојници. Во некој град, магарето го купуваат измамници кои се претставуваат како следбеници на божицата од Сирија, а кои постапуваат лошо со него. Во друг град, еден готвач сака да го заколе магарето.[8]
  • 9. книга: Магарето успева да му побегне на готвачот, но потоа слугите сакаат да го убијат, мислејќи дека е заразено од беснило. Сепак, тоа успева да ги убеди слугите дека е здраво и продолжува да скита со измамниците. Така, тие доаѓаат во некое село, каде магарето ја слуша приказната за жената која го скрила својот љубовник во буре, но успеала да го насамари сопругот. По некое време, измамниците се уапсени поради кражба и ставени в затвор, а магарето го купува еден воденичар. Неговата жена постапува свирепо со магарето, кое дознава дека таа го изневерува воденичарот и му помага да го открие љубовникот на сопругата, а потоа го казнува љубовникот и ја брка сопругата. Меѓутоа, таа изнајмува волшебничка која со помош на еден дух го убива воденичарот. Тогаш, неговата ќерка го распродава имотот и така магарето завршува кај еден сиромашен градинар. Градинарот постапува добро со магарето, но тоа гладува. За време на посетата кај еден сосед се случуваат чуда, а набргу пристига веста дека погинале тројцата синови на соседот, по што тој се убива. Магарето и градинарот ги среќава еден легионар кој сака да го земе магарето, но градинарот успева да го претепа. Потоа, тој и магарето се кријат во куќата на еден негов пријател, меѓутоа власта ги пронаоѓа и така магарето завршува кај легионарот.[9]
  • 10. книга: Легионарот и магарето пристигаат во еден град каде се случило злосторство: жената на еден офицер се вљубила во својот посинок. Кога тој ја одбил нејзината љубовна понуда, со помош на својот роб, таа се обидела да го отруе, но отровот го испил нејзиниот син. Посинокот бил обвинет и изведен пред суд, но на судењето сведочел лекарот кој му го продал отровот на робот. Притоа, лекарот раскажал дека на робот му дал средства за заспивање и така го разбудиле детето во гробницата,а посинокот бил ослобед од обвинението. Легионерот им го продава магарето на двајца браќа-робови. Магарето постојано им ја јаде храната, но тие го откриваат, а нивниот господар го откупува магарето и го учи разни вештини. Така, тоа станува популарно и на својот сопственик му носи слава и заработувачка. Господарот го носи магарето во Коринт, покажувајќи им ги на луѓето неговите вештини. Таму, во магарето се вљубува една богата жена и тоа води љубов со неа. Кога неговиот господар дознава за тоа, му наложува на магарето пред очите на јавноста да води љубов со некоја жена, осудена за повеќе убиства. Жената била омажена за млад човек чија мајка родила ќерка, но ја дала на соседите. Кога девојката пораснала, нејзиниот брат ја примил кај себе, но неговата љубоморна сопруга, мислејќи дека таа му е љубовница, ја убила сестра му, а потоа го и сопругот, својата ќерка, како и еден лекар и неговата жена. Најпосле, таа била затворена и осудена, а како казна, било одредено магарето да има секс со неа пред очите на јавноста. На денот на приредбата, магарето бега од градот и заминува на морскиот брег, каде заспива.[10]
  • 11. книга: Ноќта, тоа ја сонува божицата Изида, која му ветува дека ќе го спаси од проклетството, давајќи му соодветни упатства. Утредента, за време на пролетната прослава во чест на божицата, магарето влегува во свечената поворка и од раката на првосвештеникот каснува ружа и така на Луциј веднаш му се враќа човечкиот лик. Набргу, насекаде се проширува гласот за чудото, а Луциј им се придружува на свештениците на божицата Изида на која ѝ се посветува и тој, по што змаинува во Рим. По една година, на сон му се јавува богот Озирис и Луциј му се посветува и нему. Најпосле, тој се посветува и по третпат, по што станува познат адвокат и извршува и други важни функции.[11]

За романот

уреди

„Златното магаре“ е единственото целосно сочувано дело на латинската книжевност. Делото се состои од повеќе различни приказни и фантастични доживувања кои цврсто се испреплетуваат. Првите десет глави претставуваат пикарско патување, полно со описи на разни луѓе и настани, а чија цел да му понуди забава на читателот. Од друга страна, 11. глава има поучен карактер и алегориско мистично значење и го претставува јадрото на овој роман. Се претпоставува дека самиот автор е главниот лик Луциј чии страдања се метафора на патот на писателот до спасот во религијата на Изида и спознанието дека вистинската среќа не може да се најде во страстите, кои ги симболизира магарето, туку во мистеријата, религијата и сонот. Стилот на Апулеј е распеан, динамичен и зачудувачки современ. Од бројните приказни во романот најубава е бајката за Амор и Психа која се наоѓа во централниот дел од книгата и зазема третина од текстот. Современоста на овој роман произлегува од безвременоста на неговите теми, како и од пристапот на авторот: хуморот успева да ги насмее и денешните читатели, а актуелна е и темата на постојаната борба на поединецот, кој мора постојано да се приспособува. Комбинацијата на еротската авантура, романтичната комедија и религиозно-мистичната бајка го прават романот камен-темелник на европската книжевност. Влијанието на ова дело е видливо кај Сервантес, Рабле, Шекспир, Колоди, Томас Ман, К. С. Луис, Мило Манара итн.[12]

Наводи

уреди
  1. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 5-21.
  2. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 21-40.
  3. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 40-56.
  4. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 56-77.
  5. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 77-92.
  6. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 93-112.
  7. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 112-130.
  8. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 130-149.
  9. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 149-174.
  10. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 174-197.
  11. Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 197-218.
  12. „Zlatni magarac - Apulej“, во: Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 227-229.