Забрдски манастир
Забрдски манастир „Св. Никанор“ или „Преображение Христово“ (наречен и само Забрдо; грчки: Ιερά Μονή Οσίου Νικάνορος Ζάβορδας) — манастир кај селото Тороник, Гребенско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Гребенската епархија на Цариградската патријаршија.
Забрдски манастир | |
---|---|
Свети Никанор | |
Οσίου Νικάνορος Ζάβορδας | |
Поглед на манастирот | |
39°59′30.3″N 21°47′44.1″E / 39.991750° СГШ; 21.795583° ИГД | |
Место | Тороник, Гребенско |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Завршена | 1534 |
Управа | |
Епархија | Гребенска |
Географија
уредиМанастирот се наоѓа во клисурата на реката Бистрица, на нејзината лева (северена) страна, на 3 км источно од блиското село Тороник, на територијата на општината Дескати.[1] Сместен е околу 45 км југоисточно од градот Гребен и околу 50 км јужно од Кожани.
Историја
уредиМанастирот е подигнат од јеромонахот Никанор (1491 - 1549) во првата половина на XVI век. Тој ја обновил и црквата „Св. Ѓорѓи“, која денес го носи неговото име. Поминал неколку години во аскетска самотија, по што околу 1534 година, во близина на тогашното село Забрдо го основал манастирот „Преображение на Христос Спасителот“.
Манастирот, како и светогорските, е центриран околу внатрешен двор поплочен со сиви речни камења.[2] Католиконот „Св. Преображение“ бил изграден во 1543 година, во кој се зачувани фрески од XIX век. Градбата претставува крстокуполна базилика во византиски стил. Фрескоживописот од 1547 г. е дело на зографот Франкос Кателанос. Продолжената припрата е живописана на источниот ѕид од Ѓорѓи Мануил од Селица во 1835 г. со фрески на животот на Св. Никанор и други светци почитувани од Охридската архиепископија. Куполата е живописана во 1869 година од мајсторот Мануил Георгиу. На јужната страна на католиконот, во кој порано се наоѓал параклисот „Св. Јован“ е сместен гробот на Свети Никанор.[3][2] Камбанаријата била доградена во 1873 година, за што сведочи нејзиниот натпис.[4]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Забрдо, чие име го носи манастирот, живееле 17 Грци-муслимани (Валахади).[5]
Во XXI век, манастирски игумен е Тимотеј. Главните празнувања на манастирот се Преображение Христово (19 август) и Св. Никанор (20 август).[6] Манастирот исто така располага со свои имоти што се обработуваат.[1]
Поврзано
уреди- Гребенска епархија
- Црква „Св. Никанор“ — посница и скит на манастирот
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 122.
- ↑ 2,0 2,1 „Αγ. Νικάνωρας“ (грчки). Παλιουριά Γρεβενών. Архивирано од изворникот на 2014-12-29. Посетено на 20 јуни 2024.
- ↑ „Μονή Αγίου Νικάνορα“ (грчки). Greek Travel Pages. Посетено на 20 јуни 2024.
- ↑ „Δυτική Μακεδονία“ (грчки). Ελλάδος Περιήγηση. Посетено на 20 јуни 2024.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 281. ISBN 954430424X.
- ↑ Официјална веб-страница на општина Дескати.