Заблудата на свети Себастијан

„Заблудата на свети Себастијан“ (српски: Zabluda svetog Sebastijana) — роман на српскиот писател Владимир Табашевиќ од 2018 година. За него, авторот ја добил НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина

уреди

Главен лик во романот е Карло Савиќ, мало дете од Мостар со големи уши. Тој е вонбрачно дете на Мирослав и Лидија, која еден ден го зема детето со себе и се преселува кај нејзините родители, во едно село во близината на Мостар. По некое време, Мирослав добива судска пресуда и доаѓа да го земе Карло со себе, но таткото на Лидија му се заканува со револверот. Во 1993 година, бидејќи се чувствува дека наскоро ќе почне војната, Лидија и Карло го напуштаат селото и се упатуваат за Белград. Патем, неа ја силуваат војниците. Во Белград, Лидија започнува љубовна врска со Јосип и така постепено се оддалечува од Карло кого го чува дедо му, кој во меѓувреме се преселил во Белград. Војната на просторите на поранешната СФРЈ е во полн ек, а луѓето страдаат. Карло веќе е пораснат и се вљубува во Ивана. Еден ден, тој паѓа низ прозорецот и завршува во болница со тешки повреди. Тој го живее тешкиот живот на бегалец, обременет со сеќавањата и траумите предизвикани од војната, така што е сместен во лудница. Неговиот пријател Дино, бегалец од Херцеговина и поранешен затвореник и пациент во психијатриски клиники, ја запознава уметничката Ема на која ѝ ги дава расказите на Карло, а таа пак подговтува театарска претстава врз основа на нив. Набргу, Дино ја напушта својата девојка Софија и започнува љубовна врска со Ема, а Софија се зближува со Карло. Еден ден, Дино го краде расказот на Карло за свети Себастијан и ѝ го дава на Ема, лажејќи ја дека тој е авторот. Во театарската претстава, Ема ја игра улогата на св. Себастијан, а една улога игра и Дино. Притоа, Ема има таен план во завршната сцена да му подметне вистинска стрела на Дино со цел претставата да ја направи поуверлива. Во публиката се наоѓа и непознат човек кој по претставата се запознава со Ема. Тој работи во службата за државна безбедност, кој потоа почнува да го следи и Дино при што разликата меѓу Дино и Карло не е јасна. По претставата, Ема го напушта Дино, кој живее бесцелно скитајќи низ градот. На крајот од книгата се зборува за автомеханичарот Јосиф чија сопруга останала бремена со друг човек, а тој започнува врска со Лидија која потоа ја зема за жена.[1]

Осврт кон делото

уреди

Користејќи ја како поттекст приказната за свети Себастијан, во романот Табашевиќ го проблематизира феноменот на жртвата и заблудите за неа - заблудите за нас кои „правиме добро“, заблудите за нашите праведнички настојувања и заблудите во кои често ги држиме другите луѓе за да си обезбедиме „публика“ за своите „спасителски мисии“. Поигрувајќи се со ликовите кои сбеси се доживуваат како праведници и како жртви, авторот пишува за војната во поранешна Југославија од 1990-тите, но и за современите заблуди во кои постојано се преобразуваат сеќавањата. Напишан со нескротен и разигран јазик, романот го поттикнува читателот да се замисли пред да каже за себе дека е „добар“ и дека „сакал сè најдобро“.[2]

Во исказите на благодарност, на крајот од второто издание на романот, Табашевиќ накратко ја објаснува својата раскажувачка техника која ја опишува како „одење по тенката жица на преведувањето од јазикот на чувствата, сеќавањата во јазикот на пишувањето и соопштувањето“ и дека на тој начин се обидел да побегне од „разните јазични и квазијазични пракси на пропагандистичко дрдорење“.[3] Исто така, тој соопштува дека намерно го избегнал „ќорсокакот на јаснотијата и писателската прецизност“ и дека му било многу важно романот да не биде типично „разбирлив“.[4]

Наводи

уреди
  1. Vladimir Tabašević, Zabluda svetog Sebastijana. Beograd: Laguna, 2019.
  2. Vladimir Tabašević, Zabluda svetog Sebastijana. Beograd: Laguna, 2019.
  3. „Izjave zahvalnosti“, во: Vladimir Tabašević, Zabluda svetog Sebastijana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 193.
  4. „Izjave zahvalnosti“, во: Vladimir Tabašević, Zabluda svetog Sebastijana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 194.