Живко Мадевски
Живко Мадевски (Куманово, 12 октомври 1929 - Скопје, 10 јули 2018) — македонски научник и универзитетски професор.
Живко Мадевски | ||
Роден | 12 октомври 1929 Куманово, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 10 јули 2018 Скопје | |
Занимање | професор |
Животопис
уредиЖивко Мадевски е роден на 12 октомври 1929 година во Куманово. По завршувањето на средното образование во родното место се запишал на студии по математика на Филозофскиот факултет во Скопје и со успех ги завршил во 1954 годинас. По дипломирањето работел како професор по математика во гимназиите во Скопје и во Гостивар. Во текот на 1956 година бил избран за асистент на Институтот за математика, каде што работел сè до 1 октомври 1995 година кога заминал во пензија како редовен професор. Учебните години 1960/61 (делумно) и 1961/62 ги поминал во Безансон, Франција, како стипендист на Француската влада и на тамошниот Природно-математички факултет се стекнал со сертификат од III степен по небесна механика.
Во 1973 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје ја одбранил својата докторска дисертација „Некои методи за добивање релации меѓу елементите од еден триаголник“. Како асистент се вклучил во наставата на Институтот и водел вежби по повеќе предмети, а по изборот за наставник во 1964 г. изведувал наставата по теориска механика, аналитичка геометрија, линеарна алгебра и други, а повремено гостувал како наставник и на Фармацевтскиот, Економскиот и други факултети во Скопје. Тој е извонреден методичар, дидактичар, педагог, автор или соавтор на повеќе (околу петнаесет) учебници за основното и за средното образование. Во научноистражувачката работа неговите интересирања се насочени најнапред кон алгебрата, потоа кон небесната механика (каде што, главно, го проучува проблемот на три тела). Во геометријата посебно се интересира за геометриските неравенства, област од која е и неговата докторска дисертација. Од сите области има објавено повеќе трудови. Тој стручно бил многу активен во Друштвото на математичарите (бил претседател на Друштвото, повеќегодишен член на неговото раководство, организатор на натпревари, еден од организаторите и повеќепати предавач на Школата за млади математичари), Педагошкиот завод (надворешен соработник - увиди, наставни програми, предавач на курсеви итн.),Просветно дело (автор на учебници, рецензент и референт на повеќе учебници итн.). Забележително е и неговото учество во органите и комисиите на Универзитетот и Факултетот (член на Универзитетскиот совет, член и претседател на Советот на Факултетот, декан на Математичкиот факултет, директор на Математичкиот институт итн.). Бил член и претседател на Републичкиот педагошки совет. За повеќегодишната работа и за општествената ангажираност добитник е на наградата "Климент Охридски", а одликуван е и со Орден на трудот со сребрен венец и со Орден на трудот со златен венец.
Литература
уреди- ПМФ 1946-2006, монографија; БУ бр. 331/1979.
Надворешни врски
уреди- Живко Мадевски Архивирано на 20 август 2010 г.