Драган Шојлевски
Драган Шојлевски (30 јуни 1924 во Нови Сад — 30 септември 2010 во Скопје) — македонски агроном, истакнат научник, истражувач, педагог и основоположник на современата пејзажна уметност и архитектура во Македонија.[1]
Драган Шојлевски | ||
Роден | 30 јуни 1924 Нови Сад, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 30 септември 2010 (возраст: 86) | |
Националност | Македонец |
Во својата долгогодишна кариера тој создал голем број паркови, рекреативни центри, спомен-паркови, а некои од нив и ден-денес сѐ уште ги красат градовите и населбите низ Македонија.[2]
Работел на просторното, урбанистичкото и пејзажното планирање. Има подготвени над 500 елаборати од пејзажната архитектура.[1]
Животопис
уредиОбразование
уредиШојлевски завршил основно и средно образование (гимназија) во Скопје во 1943 година, а дипломирал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Загреб во 1952 година. Израснал во семејство со развиено чувство за ликовна и музичка култура, а нишката на поврзување на уметничката склоност ја наоѓа во пејзажната архитектура и уметност. Докторската теза ја одбранил исто така во Загреб во 1982 година.[1]
Кариера
уредиПрофесионалната кариера ја започнал како директор на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во Скопје, а потоа бил ангажиран во Заводот за урбанизам и архитектура на Град Скопје, каде што учествувал во подготовката на генералниот урбанистички план на Скопје и неговата околина. Истовремено, бил главен автор и раководител на тимот што го изработува проектот за пејзажно обликување на Градскиот парк во Скопје.[2]
Својата кариера ја продолжил во Институтот за просторно планирање со седиште во Охрид, каде што учествувал во изработката на просторниот план на Македонија во 1982 година. Учествувал во изработката и на други планови за развој, уредување и користење на просторот за повеќе општини и региони.[2]
Како експерт на Обединетите нации, а по покана од Владата на Перу, во 1972 година работел во Перу,[1] во тимот за урбанистичко и просторно планирање на градот Чимботе и неговата околина.[2]
Станал прв раководител на новосоздадениот сектор за животна средина на поранешното Министерство за урбанизам во 1981 година.[2]
Во 1982 година бил избран за редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што предавал на Земјоделскиот факултет и на третиот степен образование на Природно-математичкиот факултет и на Архитектонскиот факултет.[2]
Работната кариера ја завршил како советник за животна средина и просторно планирање во 1988 година во Собранието на Македонија.[2]
Придонеси
уредиЗаедно со Душко Поповски, тогашен амбасадор во Франција, отпочнал вклучување на Охридското Езеро, градот Охрид и регионот на списокот на светското културно и природно наследство под заштита на УНЕСКО.[2]
Проекти
уредиНајпознати проекти на Драган Шојлевски се:[1]
- Рекреативниот парк „Горица“ со вилата „Билјана“ во Охрид (1953)
- Градскиот парк во Скопје (1967)
- Градскиот парк во Битола
- Градскиот парк во Радовиш
- Градскиот парк во Виница
- Градскиот парк во Свети Николе
- Паркот во Ѓорче Петров
- Езерото Младост во Велес
Исто така, има изработено проекти споменичните комплекси во Прилеп, Штип и Велес.
Дела
уредиИма објавено околу 80 научни и стручни трудови и две книги. Добитник е на околу 30 признанија за својата активност.[1]
Во 1966 година ја има издадено книгата „Пејзажната уметност и обликување на просторот“. Истражувањата од неговата докторска дисертација „Македонската домашна градина како еден од изворните елементи на современото обликување на парковите“ ги има издадено во неговата втора книга „Македонска домашна градина и обликувањето на просторот“ во 1984 година.[2]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Школска“. Македонска енциклопедија. , книга . Скопје: МАНУ. стр. 1656. Text "series " ignored (help)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Здравеска, Даниела Трајковска (2020-09-30). „Човек и професионалец што остави длабока трага за идните генерации“. Нова Македонија. Посетено на 2023-03-15.