Драган Павловиќ Латас

(Пренасочено од Драган Павловиќ - Латас)

Драган Павловиќ Латас (р. 25 февруари 1960 во Скопје) — македонски новинар со српско потекло. Тој бил главен и одговорен уредник на телевизија Сител од 1997 година до 2018 година и на дневниот весник „Вечер“ во периодот 2006–2012. Латас е член на Македонската асоцијација на новинари (МАН) и бил нејзин генерален секретар во два мандати (2002–2007 и 2011–сѐ уште). Латас во 2004 година, е основач на Порталот "Вечер".[1]

Драган Павловиќ Латас
Роден(а)Драган Павловиќ
25 февруари 1960(1960-02-25)(64 г.)
Скопје, СР Македонија, ФНРЈ
НационалностМакедонец
НародностСрбин
Занимањеновинар
Активен период1980-денес
Страница
vecer.mk
vesnik.com
vreme.mk

Кариерата ја започнал во „Млад борец“ (1980–1984), а бил и соработник на белградскиот младински весник „Младост“. Работел во неделникот „Фокус“ извесен период по неговото основање во 1995. Завршил економски науки на универзитетот во Белград, а има дипломирано и политички науки на универзитетот ФОН во Скопје во 2005. Магистрирал и докторирал на Европскиот универзитет во Скопје, каде работи како професор од 2012 г.[2]

Павловиќ бил осомничен за соработка со српските тајни служби за време на југословенските војни. Весникот „Време“ објавил документи од ДБК кои посочуваат дека Латас го организирал палењето на американската амбасада во Скопје во 1999 година по налог на УДБА. Весникот го посочува Павловиќ како доушник на Слободан Милошевиќ, кој наредбата ја добил на 13 март 1999, а палењето се случило десет дена подоцна.[3] „Време“ го обвинува Павловиќ и дека го шпионирал раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во време кога на чело на партијата бил Љубчо Георгиевски.[4]

Латас бил осудуван од новинарската фела во Македонија поради неговиот непристоен речник и кршење на етичкиот кодекс на новинарите.[5] Во интервју на Сител во 2016, Латас на Зоран Заев, претседател на СДСМ, му рекол дека е „изрод“ и дека „лаже како Турчин“. На однесувањето на Латас реагирале турската амбасада во Македонија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), велејќи дека ги навредил Турците во Македонија и дека создава искривена слика за новинарството.[6]

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во 2017 отворило истрага „Тотал“ во која го сомничи Латас за даночно затајување како сопственик и управител на фирмите „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“. СЈО го товари дека во периодот 2008–2015 тој давал лажни податоци во завршните сметки на фирмите за да одбегне плаќање данок со што го оштетил државниот буџет за 63 илјади евра како физичко и 121 илјади евра како правно лице.[7] Латас исто така преку фактури на фирмите набавувал персиски теписи, рачен часовник, душеци и други предмети за лична употреба.[8]

Наводи

уреди
  1. „vecer.mk“. Посетено на 29 јануари 2024.
  2. Македонска енциклопедија (втор том), МАНУ, Скопје, 2009, стр. 1103
  3. Домашните играчки стануваат меѓудржавни плачки! Архивирано на 1 јули 2016 г. Вечер (21 јануари 2010)
  4. Може ли Латас да биде нашиот Гијом? Архивирано на 30 јуни 2016 г. Глобус (26 јануари 2010)
  5. Најгласниот мегафон на Груевски никогаш никого не наклеветил, ниту навредил!? Фокус (13 август 2010)
  6. Медиумите губитници во мечот Латас–Заев Архивирано на 25 септември 2016 г. Утрински Весник (11 февруари 2016)
  7. СЈО отвори 4 нови истраги, една е за фирмите на Латас Бриф.мк (23 март 2017)
  8. Латас за луксузни душеци и брајтлинг затаил 164 илјади евра Архивирано на 25 март 2017 г. СДК.мк (23 март 2017)