Волче Наумчески (Прилеп, 18 јануари 1916 - Скопје, 20 март 1980) — македонски писател. Автор е на првата стихозбирка исцело напечатена на македонски јазик во предвоена Југославија, стихозбирката „Иди пролет“, испечатена во Битола во 1939 година.[1]

Волче Наумчески

Објавил голем број стихозбирки за деца и возрасни меѓу кои спаѓаат „Поема за злото“, „Пролетни желби“, „Виорно знаме“ и „Седумдесет цветови“.

Животопис

уреди

Во 1934 година се зачленил во „Трезвена ложа“. Од 1935 година бил активен член на Културно-просветното друштво „Абрашевиќ“ во Прилеп. Во тој период ја напишал и својата прва песна „Молитва“. Во 1939 година му е објавена првата стихозбирка „Иди пролет“.

Во 1940 година бил мобилизиран во војската на Кралска Југославија. Како војник за време на Априлската војна, на 9 април 1941 година, бил заробен од Германците кај Ниш и одведен во Бугарија, во логорот во Драгоман и Сливница. Откако е ослободен, заминува во Софија. Таму ја објавува својата стихозбирка „Македонска китка“.[2] На 2 септември 1941 година, исто така во Софија, бил сведок на смртта на Коле Неделковски.[3] Истиот месец се враќа во Прилеп. Учествувал во оружената акција на 11 октомври и станал борец на Прилепскиот партизански одред. Кога се растурил одредот, во декември 1941 година одново заминува во Софија. Во 1943 година повторно заминува во партизани и објавува стихови за борбата.

По војната работел во МВР, во одделот за агитација и пропаганда.

За своите залагања во НОВ е одликуван со Орден на храброст, Орден за заслуги за народ и Орден на трудот. Од областа на литературата, во 1968 година ја добил наградата на Струшките вечери на поезијата за најдобра книга за деца за таа година. Добитник е и на наградата „11 октомври“ за животно дело.[4]

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1028-1029 стр.
  2. Вълчо Наумчески, „Македонска Китка (стихотворения)“, София, 1941.
  3. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 26-27.
  4. „oldprilep“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2013-12-17.

Надворешни врски

уреди