Боцкоглавци
Боцкоглавците (науч. Acanthocephala) се група која вклучува најчесто мали и облигатно-паразитски црвовидни животни, со околу 1000 видови, што го прави овој тип среден по големина. Ларвите на овие организми паразитираат во хемоцелот на членконогите (ракови, стоногалки и инсекти), додека возрасните живеат во системот за варење на ’рбетниците (во прв ред тоа се коскените риби). Речиси сите се космополитски организми (поседуваат голема валенца на домаќини), освен неколку, кои имаат ограничена географска распространетост (строго специфични за домаќинот). Исто така, боцкоглавци се најдени и во риби кои живеат во абисалот и ултраабисалот.
Боцкоглавци | |
---|---|
Corynosoma wegeneri | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
(нерангирано): | Првоусни |
(нерангирано): | Спирални животни |
(нерангирано): | Платизои |
Тип: | Боцкоглавци Koelreuther, 1771[1] |
Боцкоглавците имаат напреден план на градба на своето тело, односно поседуваат примарна телесна празнина (псевдоцелом), но кај нив отсуствува сегментација. За разлика од останатите паразитски животни, тие не се толку распространети и чести.[1]
Морфолошки одлики
уредиОбоеноста на телото кај боцкоглавците варира од бела, жолта, кафеава, црвена или портокалова боја, но повеќето видови се безбојни. Возрасните форми достигнуваат должина од неколку милиметри до 60 см, а најдолги се претставниците од класата Archiacanthocephala. Телото не е поделено на сегменти, но неколку видови покажуваат псевдосегментација. Боцкоглавците се полово диморфни, што се огледува во тоа што женките се обично поголеми од мажјаците.
Телото на овие животни може да се подели на три дела: риличен дел (пробосцис), вратен дел и трупен дел. Рилката (риличниот дел, пробосцис) е потенок израсток на антериорниот крај, кој може да се испушти од телото и повторно да се врати во него (ретрактибилност). Таа е наоружана со кутикуларни израстоци – куки, со кои паразитот се прикачува за цревото на домаќинот. Всушност, по овие куки типот го добил своето име (грчки akante - трн, kephale - глава). Куките може да се распоредени во редови или надолжно, што е во зависност од видот. Некои претставници како дополнителна структура поседуваат еден апикален орган чија функција е најверојатно сетилна. Рилката се враќа (односно увртува) назад во телото со помош на активноста на мускулите ретрактори, кои ја сместуваат во риличен рецептакулум, едно шупливо мускулно мевче што виси во предниот дел од трупот. Меѓутоа, рилката се издава од телото со помош на хидрауличен притисок (причинет од псевдоцеломската и лакунарната течност). Риличниот рецептакулум со помош на парни мускули е прицврстен за телесниот ѕид и цревото. Странично од рецептакулумот се наоѓаат посебни шупливи органи наречени лемнисци (латински lemniscus - врвка) кои содржат систем од канали. Бидејќи епидермисот на боцкоглавците е исполнет со лакуни (меурести простори), се смета дека лемнисците служат како складишта за лакунарната течност која се истиснува во нив за време на ретракцијата на рилката. Вратниот дел обично нема боцки или куки, а поседува сетилни структури. Трупот е најголемиот телесен дел. Присуството на куки или боцки на трупниот дел е важен критериум при детерминацијата на овие животни.
Анатомски одлики и физиологија
уредиТелесната празнина на Acanthocephala е од псевдоцеломски тип и во неа се сместени сите органи и органски системи. Телесниот ѕид е составен од три дела. Кутикулата е бесструктурна покривка која го штити паразитот од стомачните ензими на домаќинот. Епидермисот е сличен со оној на цевчестите црви по тоа што е од синцициелна природа, но кај боцкоглавците е многу подебел. Тој е исполнет со лакуни и поседува големи амебоидни јадра. Мускулниот слој е претставен со два потслоеви: надворешен слој од кружни шупливи мускули и внатрешен слој од надолжни мускули. Под нив се наоѓа псевдоцеломот. Во него се наоѓаат сите внатрешни органи. Тие се изведени од еден лигамент кој се протега средишно долж псевдоцеломот.
Овие животни не поседуваат систем за варење во ниту една фаза од својот животен циклус, како резултат на длабокиот ендопаразитски начин на живот. Готовата храна ја впиваат преку целата телесна површина. Меѓутоа, податоците за исхраната на овие организми се ограничени, бидејќи е проучен метаболизмот на само неколку видови. Откриено е дека како главен супстрат за метаболизмот на боцкоглавците се јаглехидратите, а како главен краен производ е етанолот. При внесот на моносахариди се забележани механизми на активен транспорт, како и хидролитичка активност на плазмалемата од површинските клетки на интегументот. Ензимска активност е локализирана и во површинските длабнатинки на интегументот. Тие ја зголемуваат апсорпционата површина и се сметаат за вонцитоплазматски варни органели. Познати се различни аминокиселини кои можат да се апсорбираат преку површината на интегументот (на специфични места за секоја аминокиселина), но нивната улога во метаболизмот не е сè уште јасна. Липидите, пак, се апсорбираат и се складираат во лемнисците, меѓутоа постои несогласување околу тоа дали липидите се апсорбираат преку целата површина или само преку вратниот и риличниот регион. Иако можат да се најдат големи резерви на липиди во ткивата на акантоцефалите, сепак, се верува дека тие не се искористуваат во метаболизмот.
Циркулаторен и респираторен систем отсуствуваат, а нивната улога ја има преземено лакунарната и псевдоцеломската течност (слично како кај Nematoda). Екскреторниот систем е застапен само кај Archiacanthocephala, и тоа во вид на изменети протонефридии кои се адхерентни со репродуктивниот систем. Но, кај повеќето видови отсуствуваат посебни екскреторни органи.
Нервниот систем се состои од една церебрална ганглија сместена во риличниот рецептакулум од која поаѓаат две нервни стебла во ѕидот на рецептакулумот за да го инервираат ѕидот на трупот. Машките единки поседуваат и генитална и клоакална (бурсална) ганглија.
Репродуктивниот систем на мажјаците се состои од пар на семеници и специјализирани клетки означени како цементни жлезди. Производите од овие органи се изнесуваат преку копулаторен орган (пенис), сместен во копулаторна бурса или клоака (кај оние видови што поседуваат и протонефридии). Женките од Acanthocephala се одликуваат по тоа што јајчникот постои како одделен орган само во раните стадиуми на развој, додека подоцна се распаѓа и дава слободнопливачки јајце-клетки.
Поврзано
уреди„Боцкоглавци“ на Ризницата ? |