Македонска фаланга

(Пренасочено од Фаланга)

Фалангата била вид борбен строј на античката македонска војска, тесно збиен одред на пешадијата во облик на четвороаголник, вооружен со долги копја, обично осум редици. Кај македонската фаланга со шеснаесет редици, јадро на македонската пешадија.

Фалангата во карактеристична формација

Македонската фаланга била пешадиска формација осмислена од Филип II Македонски и употребувана од неговиот син Александар III Македонски за освојување на Персиската империја и другите војски. Фалангата останала проминентна единица на бојното поле за време на целиот Хеленски период, иако за тоа време војните се претвориле во одолговлечени опсадни и поморски битки исто толку колку и битки на поле, сѐ додека на крај не биле заменети со римските легии.

Филип II поминал голем дел од младоста како заложник во Теба, каде учел кај познатиот генерал Епаминонд чии реформи биле основа за филиповите реформи на фалангата. Членовите на фалангата биле професионални војници и биле едни од првите трупи во историјата кои биле орагинизарно вежбани, давајќи им ја споспбноста да изведуваат комлицирани маневри многу подобри од оние на непријателите. Тие се бореле во густи квадратни формации со просечна длабочина од осум војника. Водачот стоел на чело на секој ред, а помошникот-водач во средината на редот, така што задните редови можеле да се разместуваат по страните во случај да треба повеќе фронтални војници.

Војниците во фалангата носеле по една сариса, копје со два врва кое било долго преку 6 метри. Сарисата се носела во два дела кои се спојувале пред битка, и морале да бидат ракувани со две раце. Одблизу ваквите големи оружја биле бескорисни, но од раздалеченост војникот можел лесно да ги чува непријателите таму кај што се без да можат да се доближат; оружјата на војниците од првите пет редови прилично се истакнувале од самата формација, така што во секое време имало повеќе копја отколку цели за напад. Второто нивно оружје бил краток меч.

Ниту Филип ниту Александар не ја користеле фалангата како главно оружје за напад, туку како алатка за држење на непријателите во едно место додека тешката коњица им ги разбивала редовите. Македонската коњица се борела во клинеста формација и била сместена најдесно; по пробивањето низ непријателските редови, коњаниците ги придружувале штитоносците, елитни пешадијци кои служеле како телохранители на кралот, а по нив доаѓала фалангата. На левото крило секогаш се наоѓала сојузничка коњаница од Тесалија, која се борела во ромбоидна формација и служеле главно за одбрана.

Другите единици — престрелниците, разните гаѓачи, резервите од сојузнички хоплити, стрелците, и артилеријата — исто така биле употребувани во битка. Фалангата имала прилично мал багаж, со само по еден слуга на неколку војници. Ова ѝ дало на фалангата голема брзина на марширање која никој не можел да ја надмине — во некои случаи противниците му се предавале на Александар заради неспремност, бидеќи не можеле да предвидат дека неговата војска ќе пристигне толку рано. Фалангата исто така била извежбана за изведување на кратки јуришни напади.

Војските во раниот хеленски период биле опремени и се бореле на сличен начин по урнек на македонската војска. Меѓутоа при крајот на периодот, офицерите почнале да претпочитат напади само со фаланга и го исфрлиле комбинираното војување од употреба. Во тој случај фалангите морале да јуришшат кон непријателот како хоплитите пред нив. Ова ја направило формацијата прилично ранлива — иако била речиси непобедлива при напад врз неа, фалангите, како и другата пешадија се прилично подложни на заобиколување или да се рашират при брз марш по нерамен терен. Сѐ додека сите се користеле со иве тактики, пропустите не биле очигледни. Но со доаѓањето на римските легии истите биле поразени во секоја покрупна битка, од кои најпознатата е Битката кај Пидна, во која Римјаните можеле слободно да навлегуваат во процепите низ редовите и да ја заобиколат непријателската војска на многу места.