Билансот на успех (англиски: Income statement) ги прикажува главните приходи и расходи на банката или претпријатието, заедно со финансискиот резултат од работењето во текот на еден определен временски период (на пример една календарска година).[1]

Дефинирање на билансот на успех

уреди

Билансот на успех е финансиски извештај за финансиските текови т.е. финансиските приливи и одливи во определен временски период. Тој е нераскинливо поврзан со билансот на состојбата и затоа при анализа овие два биланса треба да се анализираат заедно. Така остварувањето на приходите е од сопствените средства (депозити, кредити, вложувања во хартии од вредност), а во исто време расходите потекнуваат од обврските (депозити, недепозитни обврски). Исто така дел од трошоците се од постојаните средства (згради, опрема), а финансискиот резултат се распределува на сопствениците на капиталот.[1]

Равенка за изразување на рамнотежата

уреди

Бидејќи се работи за биланс постои рамнотежа која се изразува низ равенката:

  • Приходи = Расходи +Добивка или
  • Приходи + Загуба = Расходи

Овие равенства јасно ја отсликуваат суштината на билансот на успех т.е. целта да се утврди финансискиот резултат како разлика меѓу приходите и расходите. За билансот на успех постои со пропис утврден формат. Во меѓународни рамки изгледот и содржината на овие документи се пропишува со меѓународните сметководствени стандарди.[2]

Пример за биланс на успех на една фирма

уреди

Во продолжение е даден пример за можен изглед на билансот на успех кај една фирма согласно со македонските прописи:

2007 2006
Приходи од продажба 146.551 136.820
Трошоци содржани во продадените производи 96.850 89.856
Бруто-добивка 49.661 46.964
Останати деловни приходи 10.360 8.663
Административни трошоци и трошоци на продажбата 33.120 34.288
Останати трошоци од работењето 10.263 6.968
Оперативна(деловна) добивка 16.638 14.371
Приходи од камати 0 643
Приходи од инвестиции 220 233
Расходи за камати 2.460 2.588
Курсни разлики(позитивни/негативни) 0 0
Вонредни приходи 1.360 650
Вонредни расходи 1.423 1.110
Неоперативни приходи/расходи -2.303 -2.172
Добивка пред оданочување 14.335 12.199
Данок на добивка 2.115 1.711
Нето-добивка 12.300 10.600

[3]

Делови кои го сочинуваат билансот на успех

уреди

Билансот на успех се состои од неколку сегменти. Секој од овие сегменти има одредено значење и дава финансиски резултат кој на своевиден начин ја отслукува успешноста во работењето.

Во првиот дел се содржани приходите од продадените производи во тековната година и трошоците кои се содржани во овие трошоци(директни трошоци). Нивната разлика ја дава бруто-добивката односно бруто-маржата.

Во следниот сегмент сместени се останатите деловни приходи и расходи кои не можат да се идентификуваат со конкретни производи. Тука се и индиректните или општи трошоци-трошоци за периодот за кој се составува билансот.Финансискиот резултат по овој сегмент се нарекува оперативна добивка (добивка од работење).

Ставките во третиот сегмент се ставки од надворешна природа на кои менаџментот речиси не може да влијае како камати, даноци и вонредни приходи и расходи. Резултат од овој сегмент е добивката пред оданочување. Данокот на добивка не одговара на износот на одреден процент туку се пресметува со посебен извештај-даночен биланс кој се изготвува за потребите на Управата за јавни приходи.

Нето-добивката е последната линија од билансот на успех која го претставува конечниот резултат од активностите на претпријатието во минатиот период.[4]

Биланс на успех на банка

уреди

Рековме дека билансот на успех претставува преглед на приходите, расходите и финансискиот резултат од работењето (нето-добивката). Притоа финансискиот резултат не е ништо друго туку разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на банката:

  • Нето добивка = вкупни приходи – вкупни расходи

Вкупните приходи на банката се добиваат како збир на следните основни категории: каматните приходи, некаматните приходи и капиталните добивки. Каматните расходи на банката ги сочинуваат следните основни категории: каматни расходи, некаматни расходи, резервации за можни загуби на кредитите, капитални загуби и даноци.[1]

Каматни приходи

уреди

Како основен и најважен извор на приходи на банките се јавуваат каматните приходи (interest income) и затоа тие се прикажуваат како прва ставка во билансот на успехот. Во оваа група спаѓаат каматата и другите надоместови што банката ги наплаќа на одобрените кредити. Притоа како каматоносни приходи се третираат само надоместоците што се директно поврзани со каматоносните инструменти, односно што претставуваат дел од нивната делотворна каматна стапка. Во оваа група спаѓаат: каматата што банката ја заработува на хартиите од вредност што таа ги држи во своето портфолио( државни записи , благајнички записи, државни обврзници, општински обврзници, корпоративни хартии од вредност итн); каматата на депозитите што банката ги вложила во други банки и финансиски институции; каматата на кредитите што банката ги дава на меѓубанкарскиот пазар; каматата заработена на репо трансакциите како и приходите од финансиски лизинг. Вообичаено најголем дел од каматните приходи отпаѓа на каматата на одобрените кредити, а значењето на другите каматни приходи зависи од структурата на средствата на банката.[5]

Каматни расходи

уреди

Каматните расходи(interest expenses) претставуваат прва расходна ставка во билансот на успех. Овие расходи претежно произлегуваат од каматата што банката ја плаќа на депозитите т.е. каматата на тековните сметки, депозитите по видување, орочените депозити итн.; каматата што ја плаќа на недепозитните обврски: кредитите земени на меѓубанкарскиот пазар, кредитите од централната банка, репо транскациите, издадените обврзници итн. ; каматата што банката ја плаќа на субординираниот долг. Како каматни расходи се третираат и надоместоците и другите трошоци што ги плаќа банката, а кои се директно поврзани со каматоносните инструменти, односно се дел од нивната делотворна каматна стапка. Нивното релативно значење зависи од структурата на изворите на средствата на банката, а вообичаено најголем дел од каматните расходи отпаѓа на каматата на депозитите.[5]

Нето каматен приход

уреди

Нето каматниот приход(net-interest income) претставува разлика меѓу каматните приходи и каматните расходи и ја покажува успешноста на банката во извршувањето на нејзината основна функција – финансиското посредување.[5]

Некаматни приходи

уреди

Во поново време сè поголемо учество во вкупните приходи на банките заземаат некаматните приходи(non-interest income). Тоа е последица на изумирање на традицијалното комерцијално банкарство и со поголемо ангажирање на банките во различни видови финансиски услуги. Тука спаѓаат провизите и надоместоците што банките ги нудат на своите клиенти како што се: посредување во домашниот и меѓународниот платен промет, отворање акредитиви и давање гаранции, управување со средствата, брокерски активности, посредување при издавањето на хартии од вредност, советодавни услуги, старателски активности итн. Понатаму спаѓаат и : остварените и неостварените курсни разлики од тргувањето со девизи, преведувањето во денари на ставките изразени во странски валути и бројни други приходи прикажани под името: "останати приходи од дејноста" како што се: наеми од оперативен лизинг, вложувања во подружници и придружени друштва, наплата на претходно отпишани побарувања итн.[6]

Некаматни расходи

уреди

Во групата на некаматни расходи(non-interest expenses) спаѓаат расходите што банката ги прави за извршување на редовните активности. Претставува многу разновидна категорија којашто вклучува ставки како што се: плати и други надоместоци за вработените, амортизација, трошоци за одржување, трошоци за енергија, матерјални трошоци, премии за осигурување на депозитите, трошоци на софтверот, премии за осигурување на имотот и на вработените, административни трошоци, трошоци на маркетинг, кирии, судски и адвокатски трошоци итн. Како најважна поединечна ставка во оваа група се јавуваат трошоците на вработените кои ги опфаќаат: нето-платите, придонесите за социјално осигурување, бонуси и награди, отпремнини итн. Како што се гледа , некаматните расходи се многу обемни и по правило ги надминуваат некаматните приходи на банките. Затоа разликата меѓу некаматните расходи и некаматните приходи се нарекува товар(burden) и банките постојано се трудат овие расходи да ги намалат што е можно повеќе, зашто тоа ја зголемува нивната профитабилност.[7]

Резервации за можни загуби на кредитите

уреди

Како многу значајна ставка во билансот на успехот позната под името "исправка на вредноста на финансиските средства" се јавуваат резервациите за можните загуби на кредитите(provision for loan losses). Всушност се работи за некаматни расходи што не предизвикуваат издатоци на парични средства, туку само се јавуваат како пресметковна категорија слично на амортизацијата. Имено на товар на вкупните приходи банките се обврзани да издвојат одреден износ за покривање на загубите што би можеле да ги претрпат на кредитите коишто ги одобриле. Резервациите за можни загуби на кредитите прикажани во билансот на успехот го претставуваат тековниот т.е. периодичниот придонес што банката го прави кон резервата за можните загуби на кредитите. За големината на овие расходи одлучува раководството на банката во зависност од проценката на квалитетот на кредитното портфолио, но притоа банката треба да се придржува кон прописите што ги носи централната банка. Ако банката смета дека средствата се изложени на поголем ризик ќе издвои поголем износ на резервации.[8]

Капитални добивки и загуби

уреди

Банката може да покаже поголем или помал финансиски резултат и врз основа на остварените и неостварените капитални добивки или загуби на финансиските средства за тргување , финансиските средства расположени за продажба и финанскиските деривати, при продажбата на недвижностите и опремата на баката. Во билансот се вклучени во ставките: нето-приходи од тргување , останати приходи од дејноста/ останати расходи од дејноста.[9]

Данок

уреди

На добивката пред оданочување(income before taxes) банката е должна да плати данок. Добивката на банката прикажана во билансот на успехот не ја прикажува целосно даночната основа( основата за пресметка на данокот на добивка).[9]

Добивка

уреди

Откако ќе се пресмета данокот на добивка се доаѓа до крајниот финансиски резултат: нето добивка(income after taxes) или загуба доколку банката остварила негативен финансиски резултат.Органите на управување одлучуваат како ќе ја распределат добивката т.е. колкав дел ќе им се подели на акционерите во вид на дивиденда а колкав дел е остане во банката во вид на задржана добивка.[10]

Пример за биланс на успех на една банка

уреди
опис Тековна година Претходна година
Приходи од камата 400 862 336 863
Расходи од камата -202 186 -127 395
Нето-приходи од камата 198 676 209 468
Приходи од провизии и надоместоци 222 310 163 521
Расходи за провизии и надоместоци -153 261 -112 224
Нето-приходи од провизии и надоместоци 69 049 51 297
Нето-приходи од тргување 34 913 15 396
Нето-приходи од курсни разлики 41 286 22 114
Останати приходи од дејноста 6 340 2 115
Удел во добивката на придружени друштва 5 887 4 961
Исправка на вредноста на финансиските средства на нето-основа - 17 810 -24 117
Загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа -5 193 -5 003
Трошоци за вработените - 102 368 -94 662
Амортизација - 11 259 -10 154
Останати расходи од дејноста - 4 652 -5 698
Добивка пред оданочување 214 869 165 717
Данок на добивка -17 189 -13 257
Добивка за финансиската година 197 680 152 460
Заработка по акција во денари 26 21

[11]

Заработка по акција

уреди

Заработка по акција е последната ставка во билансот на успех и се пресметува според формулата:

Заработка по акција = (нето приход-дивиденди на акции)/(издаден број на акции)

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 35
  2. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент - Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 27-28
  3. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент - Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 28
  4. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент - Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 29
  5. 5,0 5,1 5,2 Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 36
  6. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 36-37
  7. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 37
  8. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 37-38
  9. 9,0 9,1 Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 38
  10. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 38-39
  11. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 40