Банка на Шпанија
Банка на Шпанија (шпански: Banco de España) е национална централна банка и супервизор на шпанскиот банкарски систем. Таа е членка на Европскиот систем на централни банки. Нејзината дејност е уредена со Законот за автономија на Банката на Шпанија.[1]
Седиште | |
Седиште | Мадрид |
---|---|
Основана | 1782 |
Гувернер | Луис М. Линде |
Централна банка на | Шпанија |
Валута | евро EUR (ISO 4217) |
Историја
уредиНа 2 јуни 1782 година, со декрет на кралот Карлос III, била основана „Banco Nacional de San Carlos“, а врз основа на проектите кои грофот од Кабарус ги доставил до премиерот, грофот од Флоридабланка. Главните цели на оваа банка биле: обезбедување финансиска поддршка на кралството, олеснување на движењето на државниот долг и негово претворање во готовина; финансирање на вооружените сили; извршување на плаќањата во странство; и борба против лихварството и обезбедување кредити за трговијата и индустријата. Нејзиниот капитал бил приватен и бил поделен на акции, а на акционерите им се исплаќала дивиденда. Истовремено, банката ги издала првите шпански банкноти, наречени „гаранции на Банко де Сан Карлос“, иако тие не биле добро прифатени од јавноста. Со законот од 28 јануари 1856 година, новата „Banco Español de San Fernando“ била преименувана во „Banco de España“, а законот ја овластил државата да именува гувернер и двајца заменици-гувернери. Потоа, Банката на Шпанија ги отворила своите филијали во Аликанте и во Валенсија. Во 1868 година, министерот за финансии, Лауреано Фигуерола, ја прогласил пезетата (поделена на 100 центи) како основна единица на шпанскиот монетарен систем. Првите монети биле исковани во 1869 година. Со декрет-законот од 19 март 1874 Банката на Шпанија стекнала монопол врз издавањето банкоти во континентална Шпанија и нејзините острови, во замена за голем заем за покривање на финансиските барања на владата. Другите банки биле принудени да изберат да работат како комерцијални банки без можност да издаваат пари или да станат дел од Банка на Шпанија како нејзини овластени филијали. Шпанија не го прифатила златниот стандард и нејзините банкноти никогаш не биле конвертибилни во злато. За време на Граѓанската војна (1936-1939), Шпанија била поделена на две области: една контролирана од републиканската армија, а друга од страна на националистичката војска. Банката, исто така, била поделена на два дела, контролирани од двете страни, а тоа довело до формирање паралелни институции и паралелни пезети. Истовремено, најголемиот дел од златните резерви на Банката бил испратен во Москва и се користел за финансирање на војната. По граѓанската војна, министерот за финансии, Жозе Лараз, ја презел контролата и ја иницирал реконструкцијата на финансискиот сектор и на Банката на Шпанија. Со формирањето на Европскиот монетарен сојуз (ЕМУ), Банката на Шпанија станала полноправен и активен учесник во Евросистемот, а пезетата престанала да постои и била заменета со еврото.[2]
Функции на Банката на Шпанија
уредиПочитувајќи ги функциите што произлегуваат од нејзината интеграција во ЕСЦБ, Банката на Шпанија ги извршува следниве функции:[3]
- поседува и управува со девизните резерви што не се пренесени на ЕЦБ
- промовирање на правилно функционирање и стабилност на финансискиот систем без да се наштети на функциите на ЕЦБ и на националните платни системи
- надзор над солвентноста и усогласеноста со посебните регулативи на кредитни институции и другите субјекти и финансиски пазари
- ги става во промет монетите и во име на државата извршува други функции
- подготвува и објавува статистика поврзана со нејзините функции и ѝ помага на ЕЦБ во прибирањето статистички информации
- обезбедува услуги за финансиски агенти во врска со јавниот долг
- ја советува владата и прави извештаи и истражувања
Органи на управување
уредиВо согласност со Законот на автономија на Банката на Шпанија, нејзините раководни органи се следниве:
- Гувернер кој раководи со банката, претседава со Управниот совет и со Извршната комисија и ја застапува банката пред сите институции и меѓународни организации во кои таа учествува. Гувернерот се назначува од страна на кралот, по предлог на премиерот. Неговиот мандат трае шест години, без можност на втор мандат. Тековен гувернер на Банката на Шпанија е Луис М. Линде.
- Заменик на гувернерот кој ги врши должностите утврдени во прописите и задачите што ќе му ги довери гувернерот. Тој се назначува од страна на владата, по предлог на гувернерот. Мандатот на заменикот-гувернер трае паралелно со мандатот на гувернерот во период од шест години, без можност на втор мандат.
- Управниот совет ги одобрува општите насоки за работата на банката, а особено: оние кои се однесуваат на монетарната политика; предлози за санкции кои Банката мора да ги поднесе до министерот за економски прашања и финансии; и ги ратификува именувањата на генералните директори на Банката на Шпанија.
- Извршна комисија.
Платни системи
уредиПромовирањето на правилното функционирање на платните системи е една од функциите на Банката на Шпанија. На 18 февруари 2008 година започнал со работа ТАРГЕТ2-Банка на Шпанија, интегрален систем на ТАРГЕТ2, кој ја заменил Управата за ликвидација на Банката на Шпанија (СЛБЕ). ТАРГЕТ2-хартии од вредност (Т2С) е единствена пан-европска платформа, сопственост на Евросистемот, која го олеснува централизираното порамнување во трансакциите со хартии од вредност во евра или други валути.[4]
Супервизија
уредиБанката на Шпанија врши супервизија на солвентност и согласност со посебните прописи на институциите кои таа е одговорна да ги надгледува. Моделот на супервизија е заснован на четири елементи:
- Ефикасна и разумна регулатива, со правила за пристап и вршење на дејноста.
- Континуиран надзор на финансиските институции, со приемот и анализа на периодични информации и инспекции на самото место.
- Косрективни мерки: Барања и препораки, плановите за реструктурирање, интервенција или замена на директори.
- Дисциплинска мерка и систем на санкционирање кој ги опфаќа институциите и нивните директори.
Овие делови нудат информации за надзорната рамка на Банката и прописите или критериумите за надзор (супервизија), меѓу другите информации.
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Централна Банка на Шпанија (шпански) (англиски)