Артан Груби

Политичар од Македонија

Артан Груби (албански: Artan Grubi) — македонски политичар и новинар. Од 2020 година е прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Артан Груби
Artan Grubi
Прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците
На должноста
Стапил
30 август 2020
Лични податоци
Роден(а) 7 јуни 1977(1977-06-07)(47 г.)
Скопје, СР Македонија, СФР Југославија
Партија ДУИ (до 2024)

Животопис

уреди

Роден е во 1977 година во Скопје. Основно и средно училиште завршува во родниот град. Дипломира новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот факултет магистрира бранејќи ја темата „Улогата на новите медиуми во транзициони општества“. Докторира на Универзитетот во Тирана, Албанија, бранејќи ја темата „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени“.

За време на Косовската војна, работи на помош на бегалците. Од мај 1999 до октомври 2000 година е менаџер на проект во Catholic Relief Services, меѓународна хуманитарна невладина организација на католици во САД, одговорен за целокупното управување со програмата за храна и засолниште за бегалци, а истовремено е и координатор на проект за програмата за засолништа и рехабилитација во Куманово. Од октомври 2000 до декември 2004 година работи во Хашкиот трибунал, извршувајќи оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Хаг.

Основач и претседател од мај 2006 до мај 2011 година е на граѓанското движење „Разбуди се“. Од јануари 2005 до март 2008 година е политички асистент во Кабинетот за политички советници на НАТО. Од март 2008 до март 2011 година е политички советник во амбасадата на Холандија во Скопје. Во февруари 2011 година „Разбуди се“ се спротивставува на изградба на црква-музеј на скопското Кале. На 13 февруари доаѓа до физички судир меѓу приврзаници и противници на изградбата на црквата-музеј во која учествува и Груби.[1][2] Од мај 2011 година извршува повеќе високи функции во Демократската унија за интеграција (ДУИ), меѓу кои шеф на кабинетот на претседателот на партијата Али Ахмети и негов политички советник. Во октомври 2011 година е именуван за член на Државната пописна комисија, но бидејќи пописот е прекинат, комисијата поднесува колективна неотповиклива оставка.[3][4]

Груби е кандидат на ДУИ за градоначалник на Град Скопје на локалните избори во 2013 година.[5] Од мај 2013 година предава на студиите по новинарство на Државниот универзитет во Тетово. Пратеник е во два мандати, од 2014 до 2016 година и од 2016 до 2020 година.

На 11-ти декември 2024 година, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД поради обвиненија за корупција. Според соопштението од Стејт департментот, Груби бил вмешан во обиди за заштита на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, од затворски казни, преку влијание во судски процеси. Оваа одлука за додавање на Груби на црната листа следеше по обвинувањата за корупција и злоупотреба на службената должност.[6]

Во текот на декември 2024 година, беше отворена истрага против Груби и неговиот поранешен соработник, Перпарим Бајрами, за сомневања за проневера и злоупотреби во Државната лотарија. Претреси беа извршени на нивните домови и на други локации, а истрагата продолжува со собирање докази за финансиска штета и незаконски тендерски процедури.

Обвинителството наведува дека Груби и Бајрами учествувале во активностите кои довеле до значителна финансиска штета за Лотаријата во 2023 година, со износ од околу 501 милион денари. Овие активности се проценуваат како обид за незаконско прибавување имотна корист. Во истрагата се вклучени и четири други лица, меѓу кои претседател и членови на комисија за два јавни повика.

Истрагата исто така вклучува и обвиненија за нелегално издавање лиценци за интернет коцкање од страна на Груби, како и истрага за набавка на апарати за коцкање од Бајрами во вредност од скоро 12 милиони евра. Дополнително, истражувано е и изнајмувањето на објектот во Визбегово, каде што Државната лотарија платила 300.000 евра за закуп на поранешен ресторан за свадби.

Поранешниот вицепремиер Груби, кој беше ставен на црната листа на САД, негираше дека е во бегство, тврдејќи дека се наоѓа во приватна посета во Косово. Обвинителството продолжува со истрагата, а се очекуваат нови развој на настаните.

Наводи

уреди
  1. „Меѓу-национален инцидент на Кале“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  2. „За „Кале" нема приведени“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  3. „Нови членови на ДПК, пописот почнува“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  4. „Пописот стопиран“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  5. „Груби - Случувањата на Кале беа пресврт во историјата на Скопје“. Радио Слободна Европа. Посетено на 7 април 2023.
  6. „Тошковски: Кривична пријава за поранешниот премиер и вицепремиер“. Сител Телевизија. Посетено на 2024-12-16.

Надворешни врски

уреди