Антон Мирчев - Пешкоски
Антон Мирчев - Пешовски (Тресонче, Дебарско; 1890 - Москва, 1942) — македонски комунист, учесник во Октомвриската револуција.
Животопис
уредиАнтон (Доне) Мирчев (Мирчин) - Пешкоски е роден во Тресонче во маалото Пешковци и бил брат на учителот Крсте Мирчески. Во 1906 година заминал во Русија. Станал член на Македонската колонија во Петроград и бил потписник на неколку нејзини акти во списанието „Македонски голос“ (1914). Од 1914 година учествува во повеќе напредни групи во Русија. Во 1916 година во една полициска провала е затворен и протеран во Сибир. Потоа се враќа во Петроград и во 1917 година станува член на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград. По избувнувањето на Октомвриската револуција зема учество во неа и учествува во нападот на Зимскиот дворец. За време на револуцијата бил член на петроградскиот револуционерен комитет и соработувал со Владимир Илич Ленин и Кристијан Раковски.[се бара извор] Назначен е за еден од раководителите на монополот за шпиритус и член на контролната петорка за снабдувањето и исхраната на градот.
Кога во јануари 1918 година во Петроград е формирана групата на балкански комунисти, тој, заедно со Михаил Антонов, Владимир Каваев и Елена Каваева, зема активно учество во нејзината работа.[1] Во 1918 година станува член на Руската комунистичка партија (болшевици). Потоа се вклучува во Првиот интернационален баталјон на Црвената армија за борба против контрареволуционерите и интервенционистите.
Доне станал и функционер во Комунистичката интернационала, како и министер во владата на Украина, составена по Октомвриската револуција од 1918 година.[се бара извор]
Во 1920 година како комунистички емисар ја посетува Југославија и Бугарија.[2] По враќањето во Русија, завршува инженерство. Испратен е во Сибир каде работел на обновата и изградбата на Магнитогорск.[3]
Постојат две верзии за неговата смрт во 1942 година. Според првата Доне Мирчев починал во болница во Москва болен од туберкулоза.[4] Според втората, тој мистериозно исчезнал една ноќ во 1942 година во Москва кога германските војски биле пред портите на главниот советски град.[5]
Наводи
уреди- ↑ Ѓ. Миљковиќ „И тие јуришаа на Зимскиот дворец“, „Нова Македонија“, 7 ноември 1972 година, 6 стр.
- ↑ Енциклопедия „България“, том 4, Издателство на БАН, София, 1984, 278 стр.
- ↑ Стојан Ковачески, Марјан Димитријевски „Д-р Владимир и Д-р Елена Каваеви“, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Струга, 2010, 22-23 стр.
- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1156-1157 стр.
- ↑ „Антон Мирчев - Пешкоски“, tresonce.com.mk