Македонски револуционерен комитет (Петроград)

Македонскиот револуционерен комитет претставува македонска национално револуционерно здружение основано во март 1917 година, по Февруарската револуција во Русија, од македонски иселеници во Петроград, Русија. Создадена е на иницијатива на истакнатите македонски дејци Димитрија Чуповски, Гаврил Константиновиќ, Антон Пешкоски (од село Тресонче, Гостиварско, 18901942), Глигор Угриновски (родум од Кичевско) и др.[1]

федералистичката концепција на Комитетот се залага за урнување на монархиите на Балканот и за создавање на Балканска Федеративна Демократска Република, којашто, како потполно рамноправни субјекти би ги вклучувала: Македонија, Грција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Тракија, Хрватска и Словенија, на чело со еден Претседател, Сојузна влада и Совет којшто би претставувал замена за Претседателот.

Откако, по Балканските војни, Македонија била разделена на три дела, Комитетот се изјаснил за нејзино повторно обединување.

Програма за Балканска Федеративна Демократска Република

уреди

Програмата за Балканска Федеративна Демократска Република со тројниот потпис во в. "Воля Народа" (18 март 1917):

БАЛКАНСКА ФЕДЕРАТИВНА ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА

Балканот за балканските народи. Полно самоопределување на секоја нација.

Сегашната светска војна на многу поробени народи им носи слобода и самоопределување. Македонија со векови се борела и проливала потоци крв за таа слобода и независност, но таа предавнички, неправедно беше раскината од злосторниот шовинизам и алчноста на крвавите династии на државите што ја окружуваат. Релултатите од овој беспримерен грабеж во историјата предизвикаа не само заемно истребување на балканските народи, но потоа и невидена досега светска војна. Сега, кога поголемиот дел од Балканскиот Полуостров е во урнатини, а остатоците од неговите народи се наоѓаат под тешко австро-германско ропство, ние Македонците, настрадани повеќе од кој и да е друг, ве повикуваме сите вас, балкански народи, да ги заборавите минатите расправии, да се обедините и да се приклучите кон нашата општобалканска револуционерна програма за заедничка упорна борба и за создавање Балканска Федеративна Демократска Република.

Програмата на нашиот Револуционерен комитет се состои од следниве основни пунктови:

  • 1. Сите балкански народи треба да ги урнат постојните династии и да воведат кај себе републикански начин на управување.
  • 2. Секоја балканска република во својот внатрешен живот треба да биде наполно самостојна.
  • З. Сите балкански републики составуваат една општа Балканска Федеративна Демократска Република.
  • 4. Во составот на Балканската Федеративна Демократска Република влегуваат следниве републики: Македонската, Албанската, Црногорската, Грчката, Српската, Бугарската, Хрватската, Босанско-херцеговската, Словенечката и Тракиската.
  • 5. Самостојни републики на Балканот се признаваат не само едноплеменските држави, туку и оние области со мешано население, чии животни интереси се тесно поврзани со географските, историските, политичките и културно-економските услови.
  • 6. Во републиките со мешано население може да се образуваат автономни окрузи и општини, каде што секоја народност ќе има полна слобода на родниот јазик, верата и обичаите.
  • 7. Службен јазик на секоја одделна република е јазикот на мнозинството.
  • 8. Секоја одделна република испраќа свои ополномоштени пратеници во заедничкиот Сојузен парламент на Балканската Федеративна Демократска Република.
  • 9. Од составот на ополномоштените пратеници се формира Сојузна влада и Совет што го заменува президентот на Федеративната Република.
  • 10. Во составот на Сојузната влада и во Советот влегуваат по еднаков број лица од секоја република-федерација.
  • 11. Федеративната влада и Советот ги раководат сите општофедеративни внатрешни и надворешни меѓународни работи на Балканската Република.

Македонскиот револуционерен комитет,

Македонското другарство "Кирил и Методија",

Редакцијата на "Македонскiи голосъ"


Програмата на Македонскиот револуционерен комитет e навистина радикално и директно спротивставена на бугарските социјалдемократи што во согласност со бугарската влада, како впорочем и нивните побратими од Србија и Грција, бараше "национално обединување". Овде се истакнува токму националниот ентитет на Македоците како услов за таквото федерирање на балканските народи, но во заедница на наполно рамноправни, еднакви во своите права и обврски федерални единици. Тоа во многу погледи беше нов прилог во теоријата за федерациите и значаен приод кон практичното реализирање на ваквата државна заедница. Дури по половина век во бившата југословенска федерација беше направен сличен потфат, но недокрај изведен.

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 875.