Владимир Каваев (Струга, 1880[1] - Загреб, 11 јули 1931) — македонски лекар, учесник во Октомвриската револуција и градоначалник на Струга од 1923 до 1927 година.

Каваев потекнувал од сиромашна струшка фамилија. По завршувањето на основното четиригодишно училиште, заминал да се школува во Охрид, каде морал истовремено и да работи. Во 1893 година го продолжил школувањето во гимназијата во Битола, каде исто така учел и работел. Добил стипендија од Бугарската егзархија за да се школува на духовната богословија во Цариград. Откако ја завршил богословијата во Цариград, како одличен ученик го испратиле во Света Гора. Меѓутоа, таму не му се допаднал монашкиот живот, па по неколку месеци се вратил во Цариград. Импресиониран од делата на Максим Горки, во цариградските списанија објавува една статија посветена на него и превод на неговата „Песна за буревесникот“. Поради тоа е уапсен од полицијата и лежи во затвор шест месеци.[2]

Поради својата револуционерна дејност, Каваев е принуден да го напушти Цариград и оди во Бејрут, каде што две години се школувал во Американскиот медицински колеџ. По Бејрут, во 1909 година заминал во Петроград, каде што завршил Воено-медицинска академија. Истовремено се школувал и на Институтот за историја на народите на Блискиот Исток. По завршувањето на студиите на Институтот за Блискиот Исток, во 1916 година излегува од печат неговиот „Англо-арапски, персиско-турски речник“.

Од почетокот на Првата светска војна работи во воена болница во Петроград, каде што се запознава со Елена Етингер, со која се жени на 14 февруари 1918 година.[3]

За време на Руската револуција Каваев е претседател на Балканската група на емигранти револуционери, која е блиска на болшевиците. Зема учество во уличните борби во Петроград за време на Октомвриската револуција.

Во јуни 1920 заминува од Русија и оди во Берлин, каде што специјализирал хирургија.[4] Краток период Каваеви живеат во Полска, а во 1923 година се преселуваат во Струга. На изборите во ноември 1923 година Каваев е избран за градоначалник на Струга и на таа функција останува до 1927 година. Во 1931 година оди да се оперира во Загреб, но на 11 јули истата година починал.

Наводи

уреди
  1. Стојан Ковачески, Марјан Димитријевски „Д-р Владимир и Д-р Елена Каваеви“, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Струга, 2010, 41 стр.
  2. Ковачески, Димитријевски, цит. дело, 45-46 стр.
  3. Ковачески, Димитријевски, цит. дело, 50 стр.
  4. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 656 стр.

Надворешни врски

уреди