Амернис Нокшиќи
Амернис Нокшиќи - Јовановска (албански: Amernis Nokshiqi Jovanovska; Приштина, 3 октомври 1977) — македонска глумица од албанска народност.
Амернис Нокшиќи - Јовановска | ||
Родена | Амернис Нокшиќи 3 октомври 1977 Приштина, САП Косово, СР Србија, СФРЈ | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Народност | Албанка | |
Занимање | глумица | |
Сопружник | Борјан Јовановски | |
Мајка | Ајета Реџеповиќ |
Животопис
уредиСвоето средно образование го завршила во средното балетско училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, за потоа да се запише на Факултетот за драмски уметности. Во 2001 година дипломирала на отсекот глумечка игра кај професорот Владимир Милчин. Нејзината мајка е: Ајета Реџеповиќ, глумица во Албанскиот театар во Скопје. Мажена е за македонскиот новинар Борјан Јовановски.
Кариера
уредиНокшиќи е една од најплодните македонски глумици, која во својата глумечка кариера подолга од 15 години има остварено над 50 улоги во театар, на телевизиските екрани и на филмското платно. Нејзината театарска кариера ја означуваат соработки со режисери како Слободан Унковски, Владимир Милчин, Иван Поповски, Зоја Бузалковска, Дино Мустафиќ, Ќендрим Ријани, Сашо Миленковски, Коле Ангеловски, Наташа Поплавска, Лука Кортина и многу други. Со театарските претстави, таа гостува на многу театарски фестивали во светот како во: Белград, Сараево, Приштина, Загреб, Љубљана, Каиро, Краков, Моска, Санкт Петербург, Париз, Истанбул, Бурса и други. Играла и во телевизиски проекти како: „Погрешно време“, „Наше маало“ и „Министер“; и во филмски наслови како: првата македонска догма „Боли ли“ на режисерката Анета Лешниковска, понатаму, во „Коски“ на режисерот Милчо Манчевски, „Татко“ на Шќипе Нуредини, „Сакав да го видам сонцето“ на Џеват Чорај и други.
Награди
уредиДобитничка е на повеќе државни и меѓународни награди за најдобро глумечко остварување. Во 2004 година, таа ја добила Награда за најдобра женска главна улога во филмот „Сакав да го видам сонцето“ во режија на Џеват Чорај. Во 2011 година, таа ја добила Наградата за најдобра споредна женска улога во претставата „Кабаре“ на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Награда за најдобра главна женска улога за претставата „Прст“ во 2013 година, исто така на „Војдан Чернодрински“. За својата улога во претставата „Прст“, ја добила и Наградата за најдобро глумечко остварување на меѓународниот фестивал „Јануарски пламен“ (албански: „Flaka e Janarit“) во Косово.
Добротворна работа
уредиВо 2008 година станува дел од кампањата „Во прегратка на пријатели“ во огранизација на „Борка“, чија цел е да им даде поддршка на сите жени во нивната истрајност против ракот на дојка.