Џјиуџаигоу ([tɕjòʊ.tʂâɪ.kóʊ] ( слушнете); кинески: 九寨沟; пинјин: Jiǔzhàigōu) — природен резерват и национален парк што се наоѓа во северниот дел на покраината Сичуан во Југозападна Кина. Џјиуџаигоу претставува долга долина која се протега од север кон југ. УНЕСКО го запишал како светско наследство во 1992 година и како светски резерват на биосфера во 1997 година.[1] Припаѓа на категоријата V (Заштитен предел) во системот на IUCN за категоризација на заштитени подрачја.

Природно и историски интересно подрачје Џјиуџаигоу
九寨沟风景名胜区
Одозгора надолу:
Петцветно Езеро, Петбојно Езерце, Водопади Нуориланг, Водопади Бисерен Гребен
МестоЏјиуџаигоу (округ), Сичуан
Најблизок градСунгпан
Координати33°12′N 103°54′E / 33.200° СГШ; 103.900° ИГД / 33.200; 103.900
Површина720 km2 (280 sq mi)
Воспоставен(а)1978
Посетители1.190.000 (во 2002)
Управно телоСечуанска покраинска градежна комисија
Светско наследство на УНЕСКО
Критериумприродно: (vii)
Навод637
Запис1992 (XVI заседание)
Површина72,000 ha (280 ми)

Долината Џјиуџаигоу е дел од планините Мин на работ на Тибетската Висорамнина и се простира на 72.000 хектари. Позната е по многуте водопади на повеќе нивоа, шарени езера и врвови покриени со снег. Нејзината височина се движи од 2000 до 4500 метри.

Историја

уреди

Џјиуџаигоу (буквално „Долина на Девет Населби“) го зел своето име од деветте тибетски населби што се наоѓаат по нејзината должина.

Оддалеченото подрачје со векови било населено од различни тибетски и чјианг народи. До 1975 година оваа недостапна област била малку позната.[2] Обемна сеча се одвивала до 1979 година, кога кинеската влада ги забранила таквите дејства и ја прогласила областа за национален парк во 1982 година. Било основано Административно биро и местото официјално било отворено за туризам во 1984 година.

Местото било впишано од УНЕСКО како светско наследство во 1992 година и Светски биосферен резерват во 1997 година. Туристичката област е класифицирана како живописна област AAAAA од страна на кинеската национална туристичка администрација.[3]

Од отворањето, туристичката посета се зголемува секоја година: од 5.000 во 1984 година на 170.000 во 1991 година, 160.000 во 1995 година, на 200.000 во 1997 година, од кои околу 3.000 странци. Бројот на посетители се искачил на 1.190.000 во 2002 година [4] Од 2004 година, местото во просек има 7.000 посети дневно, со врвна вредност од 12.000 за време на екот на сезоната.[2] Градот Џангџа на излезот од долината и блискиот округ Сунгпан имаат сè поголем број хотели, вклучувајќи неколку луксузни со пет ѕвездички.

Случувањата поврзани со масовниот туризам во подрачјето предизвикале загриженост за влијанието врз животната средина околу паркот.[5]

Население

уреди

7 од 9-те тибетски села сè уште се населени и денес. Главни населби кои се лесно достапни за туристите се Хеје, Шуџенг и Зечава по главните патеки. Нивните жители се грижат за туристите, продавајќи разни ракотворби, сувенири и грицки. Во помалата долина Зару се наоѓа Решји, а зад селото Хеје се селата Џјианпан, Панја и Јана. Селата Гуоду и Хеџјиао повеќе не се населени. Селата Пенбу, Паншјинг и Јонгџу лежат покрај патот што минува низ градот Џјиуџаигоу - Џангза надвор од долината.

Во 2003 година, бројот на постојани жители во долината бил околу 1.000 во 112 семејства,[2] и поради заштитената природа на паркот, земјоделството повеќе не е дозволено, па месното население сега се издржува од туризмот и субвенциите на месната власт.

 
Поглед на селото Шуџенг, најпрометното тибетско село во долината

Географија и клима

уреди
 
Карта на Џјиуџаигоу

Џјиуџаигоу се наоѓа на јужниот крај на планинскиот венец Миншан, 330 километри северно од главниот град на покраината Ченгду. Тој е дел од округот Џјиуџаигоу (поранешен округ Нанпинг) во Автономната Префектура Аба Тибет Чјианг во северозападната провинција Сичуан, во близина на границата со Гансу.

Долината зафаќа 720 квадратни километри, со тампон-зони кои покриваат дополнителни 600 квадратни километри. Нејзината надморска височина, во зависност од разгледуваното подрачје, се движи од 1.998 до 2.140 м (на устието на долот Шуџенг) до 4.558-4.764 m (на планината Ганзигонгаи на врвот на долот Зечава).

Климата е суптропска до умерена монсунска со просечна годишна температура од 7,8 °C, со просечна од −3,7 °C во јануари и 16,8 °C во јули.[2] Вкупните годишни врнежи се 761 мм, но во облачната шума е најмалку 1.000 мм.[2] 80 % од врнежите се од мај до октомври.[2]

Екологија

уреди

Екосистемот на Џјиуџаигоу се состои од умерени широколисни шуми и шумовити месности, со мешани планински и висорамнински системи. Скоро 300 квадратни километри од средиштето на подрачјето се покриени со девствени мешани шуми. Тие шуми добиваат привлечни (живописни) жолти, портокалови и црвени нијанси наесен, што ја прави оваа доба од годината омилена за посетителите. Тие се дом на голем број растителни видови од интерес, како што се ендемични сорти на рододендрон и бамбус.

Месната фауна ги опфаќа загрозената џиновска панда и златниот ринопитек. Двете популации се многу мали (помалку од 20 единки за пандите) и одвоени. Нивниот опстанок е доведен во прашање во долината која е предмет на зголемен туризам. Таа е една од само трите познати месности за видот во опасност <i>Proedromys bedfordi</i>. Џјиуџаигоу е дом на приближно 140 вида птици.

Геологија и хидрологија

уреди

Пределот на Џјиуџаигоу е составен од карст на висока надморска височина, обликувани од дејство на глацијалнои, хидролошки и тектонски промени. Лежи на големите раседи на раздвоениот појас помеѓу Чјингхајско-тибетската плоча и плочата Јангце, а земјотресите исто така го обликувале пределот. Карпестите слоеви се претежно составени од карбонатни карпи како доломит и туфа, како и некои песочници и шкрилци.

Долината го опфаќа сливот на три дола (кои поради нивната голема големина често се нарекуваат и долини) и е еден од изворите на реката Џјиалинг, а преку реката Баилонг и дел од системот на реката Јангце.

Најпознатата одлика на Џјиуџаигоу се неговите десетици езера со сина, зелена и тиркизна боја. Месните Тибетанци ги нарекуваат хаизи на кинески, што значи „син на морето“. Овие езера потекнуваат од глацијалното дејство, биле преградени од паднати карпи и други природни појави, а потоа зацврстени со процеси на таложење карбонат. Некои езера имаат висока концентрација на калциум карбонат, нивната вода е многу чиста, така што дното често е видливо дури и на големи длабочини. Езерата се разликуваат по боја и аспект според нивните длабочини, остатоци и околина. Некои од помалку стабилните брани и формации се вештачки зајакнати, а на туристите им е забранет непосреден пристап до езерата.

Забележителни одлики

уреди

Џјиуџагоу е составен од три долини распоредени во облик на латиничната буква Y. Долините Ризе и Зечава течат од југ и се среќаваат во средиштето на подрачјето каде што ја создаваат долината Шуџенг, течејќи на север до устието на долината. Планинските сливови на овие долови се испресечени со 55 км патишта за туристички автобуси, како и шумски патеки и мали павилјони. Патеките обично се наоѓаат на спротивната страна на езерата од патот, за шетачите да не бидат вознемирувани од автобусите кои поминуваат.

Повеќето посетители прво се возат со автобус до крајот на Ризе и/или долот Шуџенг, а потоа пешки се враќаат по удолницата по патеките, а користат автобус кога следната месност е премногу оддалечена. Еве резиме на месностите кои се наоѓаат во секој од доловите:

Долина Ризе

уреди
 
Водопадот Бисерен Плитак е водена завеса широка 165 метри

Долината Ризе (日则沟, пинјин : Rìzé Gōu) широка 18 км е југозападна гранка на Џјиуџаигоу. Содржи најголема разновидност на места и вообичаено прва се посетува. Одејќи надолу од нејзината највисока точка, се поминува низ следните места:

  • Првобитна Шума (原始森林 Yuánshǐ Sēnlín) е зачувана древна шума. Пред неа се гледаат погледите на околните планини и карпи, вклучувајќи ја и 500 метри високата карпа на мечот во облик на сечило (剑岩 Jiàn Yán).
  • Лебедово Езеро (天鹅海, Tiān'é Hǎi) е езеро долго 2250 метри и широко 125 метри, именувано по неговите лебеди и патки кои го посетуваат.
  • Тревно Езеро (草海, Cǎo Hǎi) е плитко езеро покриено со сложена вегетација.
  • Езеро Бамбусова Стрела (箭竹海, Jiànzhú Hǎi) е плитко езеро со длабочина од 6 м што се простира на површина од 170.000 м2. Се наоѓа на надморска височина од 2.618 м, и тука бил снимен најголемиот дел од кинескиот филм Херој од 2002 година.
  • Езеро Панда (熊猫海, Xióngmāo Hǎi) има љубопитни обрасци на бои од сина и зелена боја. Се вели дека џиновските панди дошле во ова езеро да пијат, иако нема видено со години. Езерото се излева преку водопадите Панда во повеќекратни потоци, со повеќе нивоа, паѓајќи 78 м во три чекори.
  • Петцветно Езеро (五花海, Wǔhuā Hǎi) е плитко повеќебојно езеро на чие дно има древни паднати стебла.
  • Бисерен Гребен (珍珠滩, Zhēnzhū Tān) е широка, нежно наведната област на активно таложење на варовничкa туфа покриена со тенок лист со проточна вода. Се влева во познатите бисерни водопади, каде што гребенот паѓа 28 м во 310 метри широка завеса од вода. Таму е снимена сцена од телевизиската адаптација на Патување на Запад .
  • Езеро Огледало (镜海, Jìng Hǎi) е уште едно тивко езеро кое фрла прекрасни одрази на околината кога водата е мирна.

Долина Зечава

уреди
 
Долгото Езеро е највисокото, најголемото и најдлабокото езеро во Џјиуџаигоу

Долот Зечава (则查洼沟, Zécháwā Gōu) е југоисточна гранка на Џјиуџаигоу. Тој е приближно исто долг како и долот Ризе (18 км), но се издига на поголема надморска височина (3150 м кај Долгото Езеро). Од својата највисока точка надолу, се редат следните месности:

  • Долго Езеро (长海, Чанг Хǎи) е во облик на полумесечина и е највисокото, најголемото и најдлабокото езеро во Џјиуџаигоу, со димензии 7,5 км во должина и до 103 м во длабочина. Наводно, нема излезни водни патишта, бидејќи водата ја добива од топењето на снегот и ја губи во понирање. Месниот фолклор прикажува чудовиште во неговите длабочини.
  • Петбојно Езерце (五彩池, Wǔcǎi Chí) е едно од најмалите од езерата Џјиуџаигоу. И покрај неговите многу скромни димензии и длабочина, тој има богато обоен подводен предел со некои од најсветлите и најчистите води во областа. Според преданието, езерцето било местото каде што божицата Семо ја миела косата, а богот Даге секојдневно доаѓал да и носи вода.
  • Сезонски Езера (季节海, Jìjié Hǎi) се низа од 3 езера (долно, средно и горно) долж главниот пат, кои во текот на годината се полнат и празнат.

Долина Шуџенг

уреди
 
Заспаното Змејско Езеро и Пенливото Езеро среде утринската магла во текот на есента

Долината Шуџенг (树正沟, Shùzhèng Gōuу) е северна (главна) гранка на Џјиуџаигоу. Завршува после 14,5 км на пресекот во облик на латиничната буква Y на трите долови. Одејќи надолу од раскрсницата до устието на долината, посетителите се среќаваат со следново:

  • Водопади Нуориланг (诺日朗瀑布, Nuòrìlǎng Pùbù), водопади во близина на спојот на долините, високи 20 м и широки 320 м. Тие, наводно, се најширокиот водопад во Кина, најширокиот водопад со травертин во светот и еден од симболите на Џјиуџаигоу.
  • Езера Нуориланг (诺日朗群海, Nuòrìlǎng Qúnhǎi) и езерата Шуџенг (树正群海 Shùzhèng Qúnhǎi) се скалести низи од соодветно 18 и 19 природни езера образувани од ледници, а потоа природно оградени. Некои од нив имаат свои народни имиња, како што се езерата Носорог, Непознат и Тигар.
  • Заспано Змејско Езеро (卧龙海, Wòlóng Hǎi) е едно од пониските езера во областа. Со длабочина од 20 м, забележливо е по јасно видливиот варовник што минува низ него, чиј облик се споредува со змеј што лежи на дното.
  • Трскино Езеро (芦苇海, Lúwěi Hǎi) е мочуриште долго 1375 метри, покриено со трска, со проѕирен тиркизен поток (познат како „Жадска Лента“) кој цик-цак се движи низ него. Контрастот е особено впечатлив наесен кога трската добива златножолта боја.

Други

уреди

Туризам

уреди
 
Поглед на планините Мин додека авионот се приближува до аеродромот Џјиуџаи Хуанглонг

Долината Џару (扎如沟, Zhārú Gōu) се протега југоисточно од долот Шуџенг и ретко ја посетуваат туристи. Долината започнува во будистичкиот манастир Џару и завршува кај Црвеното, Црното и езерото Далинг.

Долината Џару е туристички најразвиена во Џјиуџаигоу.[6] Долината неодамна била отворена за мал број туристи кои сакаат да одат на планинарење и кампување надвор од воспоставените патеки. Посетителите можат да избираат од дневни прошетки и повеќедневни планинарења, во зависност од нивното расположливо време. Водичите познавачи ги придружуваат туристите низ долината, споделувајќи го нивното знаење за единствената биолошка разновидност и месната култура во националниот парк. Во долината Џару има 40 % од сите растителни видови што постојат во Кина и тоа е најдоброто место за да се види дивиот свет во националниот парк.

Главната пешачка патека го следи поклонението (аџилакот) на месните бенбо будисти кои ја посетуваат светата планина Џа Ји Џа Га, висока 4.528 м.[7]

Пристап

уреди

Во Џјиуџаигоу, во споредба со другите живописни места во Кина со голема посетеност, може да биде тешко да се стигне по копно. Поголемиот дел од туристите стигнуваат до долината со десетчасовно возење со автобус од Ченгду по кањонот на реката Мин. Кањонот е подложен на повремени мали одрони на карпи, а во сезоната на дождови, свлечишта од кал што можат да го продолжат времето на патување за неколку часа. Новиот автопат изграден по оваа траса бил тешко оштетен за време на земјотресот во Сичуан во 2008 година, но оттогаш е поправен. Понатамошните поправки на патот од Мао Шјиан до Чуан Џу Си продолжуваат, но патот е отворен за јавни автобуси и приватни возила.

Од 2003 година, можно е да се лета од Ченгду или Чонгчјинг до аеродромот Џјиуџаи Хуанглонг што се наоѓа на надморска височина од 3.448 м на планинската страна во округот Сунгпан , а потоа се патува еден час со автобус до Хуанглонг или 90 минути до Џјиуџаигоу. Од 2006 година, дневниот лет до Шјиан се отвора во шпицот на сезоната. Во октомври, 2009 година, биле додадени нови директни летови од Пекинг, Шангај и Хангџоу. Националните паркови Џјиуџаигоу и Хуанглонг не претрпеле никаква штета за време на земјотресот во мај, 2008 година и не биле затворени потоа.

Железничката пруга Ченгду — Ланџоу е во изградба и ќе има станица во округот Џјиуџаигоу.

Влијание на земјотресот во 2017

уреди

Во август 2017 година, земјотрес со јачина од 7 степени го погодил округот Џјиуџаигоу, предизвикувајќи значителна штета. Властите ја затвориле долината за туристи до 3 март 2018 година, а потоа паркот бил отворен со ограничен пристап.[8]

Овој земјотрес имал значително влијание врз живописната област. Исто така, тој предизвикал оштетување и пробивање на две брани, имено браната на водопадот Нуориланг и браната на езерото Хуохуа.[9]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Jiuzhaigou Valley Scenic and Historic Interest Area“. UNESCO World Heritage Centre (англиски). Посетено на 2017-08-16.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Архивиран примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-03-05. Посетено на 2011-11-08.
  3. „AAAAA Scenic Areas“. China National Tourism Administration. 16 November 2008. Архивирано од изворникот на 4 April 2014. Посетено на 9 April 2011.
  4. „UNEP World Conservation Monitoring Centre“. Архивирано од изворникот на 2009-01-30. Посетено на 2020-02-04.
  5. „Development vs. Protection: The South-West's Struggle“. Архивирано од изворникот на 2016-05-20. Посетено на 2011-09-06.
  6. „Jiuzhai Valley National Park – Eco-tourism“.
  7. „Jiuzhai Valley National Park – Park Information: History, culture and religion“.
  8. „Australian Government Travel Advice for China“. Smartraveller.gov.au (англиски). Посетено на 2017-12-03.
  9. Zhao, Bo; Wang, Yun-sheng; Luo, Yong-hong; Li, Jia; Zhang, Xin; Shen, Tong (2018-02-23). „Landslides and dam damage resulting from the Jiuzhaigou earthquake (8 August 2017), Sichuan, China“. Royal Society Open Science (англиски). 5 (3): 171418. doi:10.1098/rsos.171418. ISSN 2054-5703. PMC 5882679. PMID 29657755.

Надворешни врски

уреди

Предлошка:National parks of China

Предлошка:Valleys of China