Ќустендилски конгрес

(Пренасочено од Ќустендилски когрес)

Ќустендилскиот конгрес е конгрес на конзервативното крило[1][2] во Македонската револуционерна организација, кој се одржал од 5 до 15 март 1908 година. Конгресот претендирал дека е општ конгрес на Организацијата, но на него не присуствувал ниту еден претставник на реформското крило. Со овој конгрес дефинитивно дошло до крај на Македонската револуционерна организација, а двете крила тргнале секоја по свој пат. Од реформското крило ќе произлезе Народната федеративна партија, а конзервативното крило по конгресот ќе се трансформира во нова организација ВМРО (Автономистичка).

Резолуцијата на конгресот.

Причини за одржување на конгресот

уреди

На Рилскиот конгрес одржан во 1905 година настанала јасна поларизација на двете струи што постоеле во Организацијата. За да се направи обид да се избегне расцепот се постигнал компромис да се одржи втор конгрес исто така во Рилскиот манастир. Тој сепак не се одржал.

Конзервативното крило барало револуционерното движење да дејствува во сообразност со бугарската држава и да се финансира со парите од бугарскиот буџет, реформското крило под никакви услови не сакало да го прифати тоа. На тој начин меѓу двете крила на револуционерното движење настанала безмилосна војна.

Во интерес да ја заштити независноста и интегритетот на револуционерното движење, кон крајот на ноември 1907 година биле ликвидирани Борис Сарафов и Иван Гарванов, како носители на сите заговори против Организацијата. Дошло и до формално санкционирање на расцепот.

Заседание

уреди

Во првите денови на март 1908 во селото Жабокрт, конзервативното крило го одржало својот таканаречен Ќустендилски конгрес, на кој е извршена ревизија на одлуките од Рилскиот конгрес.

Делегати

уреди

На конгресот не биле поканети и не присуствувале делегати - претставници на реформското крило на организацијата. На конгресот се собрале следните делегати:

Христо Матов
Христо Татарчев
Петар Ацев
Ефрем Чучков
Тодор Черваров
Христо Шалдев
Петко Пенчев
Петар Чаулев
Тане Николов
Добри Даскалов
Тодор Александров
Милан Гурлуков
Васил Чакаларов
Климент Шапкарев
Христо Силјанов
Илија Биолчев
Михаил Монев
Ангел Узунов

Работа

уреди

Избор на тела

уреди

За претседател на конгресот е избран Христо Матов, за потпредседател Петар Ацев, а за секретари Петко Пенчев и Добри Даскалов.

Прашања

уреди

Биле разгледани состојбите во Ораганизацијата, работата на Централниот комитет и Задграничното претставништво, четничкиот институт, примена на терористички акции во градовите, самофинансирање и спонзорство од Бугарија.

Односот на Организацијата кон Бугарија, Бугарската егазрхија, странските пропагнади, младотурците и реформите во Османлиското Царство [3].

Најсериозна расправа се водела околу убиствата на Михаил Даев, Иван Гарванов и Борис Сарафов извршени од Тодор Паница, по наредба на Јане Сандански.

Решенија

уреди

Конгресот го осудил Јане Сандански за непочитување на членовите 189, 190, 193 и 205 од Уставот на ВМОРО, односно за неправомерно извршување на убиства.

Јане Сандански, Тодор Паница, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Георги Скрижовски биле осудени на смрт [4].

Според конгресот Организацијата требала да одржува контакти со Бугарија, да зема финансиски средства од бугарската влада, меѓутоа таа не треба со ништо конкретно да се обврзува и ангажира кон Бугарија.

Бил избран нов Централен комитет во кој влегле Павел Христов, Ефрем Чучков и Петко Пенчев. Како дополнителни членови биле избрани Стојан Икономов, Петар Ацев и Аргир Манасиев. За задгранични претставници биле избрани Христо Матов, Михаил Дорев и Апостол Греџов, а за дополнителни членови доктор Христо Татарчев, Пејо Јаворов и Христо Силјанов.

За официјален орган би избран весникот „Илинден“.

Серчани и конгресот

уреди

Серскиот револуционерен комитет во првата половина на мај 1908 год. со Второ отворено писмо информирал дека расцепот на Организацијата е извршен со бугарски пари и за бугарска сметка: „мислејќи дека со парите на бугарската држава ќе можат да го завладеат светот... предавниците отидоа многу далеку, импровизирајќи некаков општ конгрес на Организацијата.“

Со други зборови, не бил признат овој конгрес, бил доведен во прашање неговиот легитимитет, а неговите решенија не биле прифатени.

Серчани обвиниле дека:

За нас не е важно дали тој се одржал во бугарско министерство за надворешни работи, или како куриозитет конгресмените отишле до Ќустендилската граница. Судбината на Револуционерната организација... се решава цинично од некакви платени бугарски чиновници и случајни патриоти, а другите подлежат на проклетство и на беспоштедни прогони [5].

Значење

уреди

Поделбата која се чувствувала по Илинденското востание и која сè повеќе се продлабочувала со овој конгрес доаѓа до својот крај. Двете крила не можеле да се усогласаат и започнале вооружени престрелки за предимство во Организацијата. Македонската револуционерна организација престанала да постои.

Извори

уреди
  1. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  2. Во постарата литература првата групација се нарекува левица, а втората како десница. Во поновата литература двете струи се нарекуваат реформско-демократска и конзервативно-централистичка
  3. Пърличев, Кирил, „Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 г.“, “ВЕДА-МЖ”, София, 2001 г., стр. 18, 170.
  4. Пърличев, Кирил, „Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 г.“, “ВЕДА-МЖ”, София, 2001 г., стр. 184.
  5. Историја на македонскиот народ, том III, стр. 409, издание на ИНИМ, Скопје, 2003.

Литература

уреди
  • Спомени - Ѓорче Петров
  • Спомени – д-р Христо Татарчев
  • Историја на македонскиот народ том издание на ИНИМ Скопје,2003 г.
  • Историја на македонскиот народ книга втора ,издание на ИНИМ,1969 г. Скопје
  • Историја на македонскиот народ издание 1988 година, Скопје

Надворешни врски

уреди