Јанко Узунов
Јанко Узунов-Узун (Валандово, 15 февруари 1951 — Берово, 24 август 2014) — македонски естраден уметник и пејач на народни, поп и забавни мелодии.
Јанко Узунов | ||
Роден | 15 февруари 1951 Валандово, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 24 август 2014 Берово, Македонија | (возр. 63)|
Занимање | пејач и гитарист | |
Сопружник | Жаклина Колоска-Узунова |
Животопис
уредиУзунов е роден на 15 февруари 1951 година во Валандово, во семејство по потекло од Богданци, а музичката кариера ја започнал на почетокот на седумдесеттите години на XX век со првата снимка, „Магдалена", песна на Димитар Масевски. Во 1969 година пристигнал на студии во Скопје — Земјоделско-шумарски факултет и по завршувањето на факултетот се запишал и на Музичката академија, наставно-теоретски одел. Како агроном, Узунов работел пет-шест години. Узунов починал ненадејно од срцев удар во Берово, на 24 август 2014 година, каде бил со својата сопруга Жаклина на одмор.[1][2]
Негова сопруга е: Жаклина Колоска-Узунова.
Музичка кариера
уредиУзунов започнал да се занимава со музика уште како дете. На деветгодишна возраст почнал да свири на мандолина, во музичката секција на училиштето. Неколку години подоцна, сестра му од Скопје му донела ученичка гитара и, оттогаш, тој се насочил кон гитарата. Учел сам, и веќе во 1966 година, во Валандово ја оформил рок групата „Златни стени“, која молскавично брзо стекнала популарност, и тоа низ цела Македонија. Групата настапувала и на тогашните актуелни гитаријади, а во 1969 година, на гитаријадата во Гевгелија, Узунов бил прогласен за најдобар гитарист и списането „Млад борец“ му доделило електрична гитара.
Узунов во текот на сета своја богата музичка кариера во македонската јавност бил доживуван како „момчето со мандолината“, според хитот што во 1976 година го испеал со Цветанка Ласкова, на Фестивалот во Опатија. Подоцна, Узунов започнал да се занимава и со новокомпонирана фолк музика, останувајќи запаметен како автор на песните „Чаки панкерот“ и „Звучна фантазија“. Во последните години од животот, Узунов бил насочен на работата на своето приватно музичко училиште „Узун“.[1][2]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Почина легендата на македонската музика Јанко Узунов
- ↑ 2,0 2,1 Наташа Спирова, „Филмаџиите жалат за Вилијамс, а музичарите — за Кокер“, Антена, број 862, 2.1.2015, стр. 12-13.