Тигрест питон

(Пренасочено од Python molurus)
Тигрест питон
Тигрест питон на дрво
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: ’Рбетници
Класа: Влекачи
Ред: Лушпари
Подред: Змии
Семејство: Питони
Род: Питон
Вид: Тигрест питон
Научен назив
Python molurus
(Linnaeus, 1758)
Распространетост на тигрестиот питон
Лушпите на главата на тигрестиот питон
Тигрест питон како се сонча пред својата дупка
Жолта варијанта на кожата

Тигрест питон или индиски питон[1] (научPython molurus) — голем неотровен питон кој може да се најде во многу тропски и суптропски краишта на Јужна Азија и Југоисточна Азија. Видот е ограничен на Јужна Азија. Општо е посветло обоен од  Бурманскиот питон и обично достигнува 3 метри должина.[2]

Оваа змија може да се види во терариумот на Зоолошката градина во Скопје.[3]

Вообичаени имиња

уреди

Индиски питон,[1] питон со црна опашка,[4] индиски питон - камењар, азиски питон - камењар.[5][6] На непалски јазик се нарекува аџ(ин)гар, на хинди и маратски, аздаха (истоветно на македонскиот збор „аждаја“[7]) на урду и авџогор на бенгалски. Во Шри Ланка видот е наречен пимбура (පිඹුරා) на синхалски јазик. Името на подвидот Python molurus pimbura се смета дека е изведен од името дадено во Шри ланка. Како и да е, пимбура, или Цејлонски питон повеќе не се смета за подвид и поради тоа индискиот и цејлонскиот питон се регистрирани како истото животно. 

Опис

уреди

Бојата е белузлава или жолтеникава со дамки чии нијанси варираат од жолто-кафена боја до темнокафена боја. Боите може да варираат во зависност од околината и живеалиштето. Примероците од ридските шуми во Западните Гати и Асам се потемни, додека тие од висорамнината Декан и источниот брег се обично посветли.[8]

Во Пакистан индиските питони обично достигнуваат должина од 2,4-3 метри.[9] Во Индија, номиналниот подвид расте до 3 метри во просек. [2][8] Оваа вредност е поткрепена со истражување изведено во 1990 година во Националниот парк „Кеоладео“, каде најголемите 25% од популацијата на питони била со должина од 2,7-3,3 метри. Само на два примероци им е измерена должина од 3,6 метри.[10] Поради настанатите помешувања со бурманскиот питон, претерувањата и истегнатите кожи во минатото, тешко е да се одреди најдолемата должина на овој подвид. Најдолгиот стручно измерен примерок, кој е пронајден во Пакистан, имал должина од 4,6 метри и тежина од 52 килограми.

Распространетост

уреди

Номиналниот подвид се наоѓа во Индија, Јужен Непал, Пакистан, Шри Ланка, Бутан, Бангладеш и веројатно во северниот дел на Бурма.[11]

Живеалиште

уреди

Живеалиштето опфаќа широк опсег на средини, вклучувајќи ги тревните површини, мочуриштата, карпестите предели, шумските предели итн. Изборот претежно зависи од трајниот извор на вода.[12] Понекогаш може да се најдат во напуштени дувла на цицачи, шупливи дрвја, густа вегетација со речни трски и во коренестите делови на грмушести растенија.[8]

Поведение

уреди

Овие змии се летаргични и се движат бавно и дури и во природното живеалиште изразуваат плашливост и ретко се обидуваат да нападнат дури и кога се нападнати. Движењето е обично праволиниско. Тие се одлични пливачи и во вода се чувствуваат удобно. Тие можат да седат целосно потопени во вода во времетраење од повеќе минути доколку е потребно, но обично претпочитаат да останат во близина на брегот.

Исхрана

уреди

Како и сите змии, индиските питони се месојади и се хранат со цицачи, птици и влекачи без пребирање, но се чини дека претпочитаат цицачи во нивната исхрана. При близина на пленот се побудуваат кон активност, при што напредуваат тресејќи ја опашката и се фрлаат со отворена уста. Живиот плен се дави и убива. Една или две намотки се користат за да се држи во цврст стисок. Пленот го губи здивот и не можејќи да дише се предава и потоа е проголтан со главата напред. По обилен оброк, питонот е нерасположен да се движи. Доколку е приморан да се движи, големите парчиња од оброкот може да пробијат низ телото на змијата. Затоа, доколку се вознемирени при варењето на храната, некои примероци прво го повраќаат оброкот со цел да избегаат од можни грабливци. По обилен оброк, питонот може да пости со недели, а најдолгиот забележан период на постење изнесува 2 години. Питонот може да проголта плен поголем од неговиот пречник бидејќи коските во вилиците не се поврзани. Исто така, пленот не може да избега од устата поради распоредот на забите (кои се во вид на накосена пила).

Размножување

уреди
 
Легло јајца на тигрест питон

Тие се јајценосни животни, до 100 јајца се положуваат од женката, кои подоцна се заштитени и инкубирани од истата.[12] За таа цел, се покажало дека тие се способни да ја подигнат својата телесна температура над температурата на средината со помош на движења на мускулите.[13] Изведените единки се 45-60 см долги и растат брзо.[12] Вештачки метод за инкубација е развиен во Индија за успешно одгледување на изведени единки од напуштени јајца, користејќи се со комори со вештачки створени услови. 

Заштитен статус

уреди

Индискиот питон е класифициран како речиси загрозен вид со низок ризик на  Црвениот список на загрозени видови на МСЗП.[14] Ова влистување кажува дека може да стане загрозен од истребување и дека има потреба од почесто утврдување на статусот.[15]

Таксономија

уреди

Во литературата може да се сретне уште еден подвид: P. m. pimbura Deraniyagala, 1945, кој може да се најде во Шри Ланка.

Бурманскиот питон (Python bivittatus) се сметал за подвид на тигрестиот питон сè до 2009 г, кога му е променет статусот во вид на питон.[16] Името Python molurus bivittatus може да се сретне во постара литература.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 "Python molurus".
  2. 2,0 2,1 Wall, F. (1912), "A popular treatise on the common Indian snakes – The Indian Python", Journal of the Bombay Natural History Society 21: 447–476 .
  3. „Тигрест питон (погрешно наведен на страниата како „бурмански")“. Зоо Скопје. Архивирано од изворникот на 2015-05-04. Посетено на 20 август 2015.
  4. Ditmars RL. 1933.
  5. Jerry G. Walls: "The Living Pythons";T. F. H. Publications, 1998: pp. 131-142; ISBN 0-7938-0467-1
  6. Mark O’Shea: „Boas and Pythons of the World“; New Holland Publishers, 2007; pp 80-87; ISBN 978-1-84537-544-7
  7. „аждаја“Дигитален речник на македонскиот јазик
  8. 8,0 8,1 8,2 Rhomulus Whitaker: „Common Indian Snakes – A Field Guide“; The Macmillan Company of India Limited, 1987; pp. 6-9; SBN 33390-198-3
  9. Minton, S. A. (1966), "A contribution to the herpetology of West Pakistan" Архивирано на 29 април 2015 г., Bulletin of the American Museum of Natural History 134 (2): 117–118 .
  10. Bhupathy, S. (1990), "Blotch structure in individual identification of the Indian Python (Python molurus molurus) and its possible usage in population estimation", Journal of the Bombay Natural History Society 87 (3): 399–404 .
  11. R. Whitaker, A. Captain: Snakes of India, The field guide.
  12. 12,0 12,1 12,2 Mehrtens JM. 1987.
  13. Hutchison, Victor H.; Dowling, Herndon G. & Vinegar, Allen (1966), "Thermoregulation in a Brooding Female Indian Python, Python molurus bivittatus", Science 151 (3711): 694–695, doi:10.1126/science.151.3711.694 .
  14. Python molurus Архивирано на 12 март 2008 г. at the IUCN Red List.
  15. 1994 Categories & Criteria (version 2.3) at the IUCN Red List.
  16. Jacobs, H.J.; Auliya, M.; Böhme, W. (2009).

Надворешни врски

уреди