Јасика

вид растение
(Пренасочено од Populus tremula)
Јасика
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Семејство: Врби
Род: Топола
Отсек: Јасики
Вид: Јасика
Научен назив
Populus tremula
L.
Распространетост

Јасика или трепетлика[1] (науч. Populus tremula) — вид топола од умерените предели на Европа и Азија, од Исланд[2] и Британските Острови[3] источно до Камчатка, северно до внатрешноста на поларникот во Скандинавија и северна Русија, а јужно до централна Шпанија, Турција, Тјеншан, Северна Кореја и северна Јапонија. Се среќава и во една месност во Алжир, северозападна Африка. Во јужниот дел на ареалот, јасиката расте по планинските предели.[4][5] како што е случај со Македонија, каде таа е најзастапена во буковите предели на планините.[1]

Опис

уреди
 
Листови (лево) и разлистоци (десно)

Ова е крупно листопадно дрво кое достига висина од 40 м. Крошната е широка 10 м, а стеблото има пречник од 1 м.[6] Кората има бледа зеленикавосива боја; кај помладите дрва е мазна, со темносиви баклавовидни леќички, а распукана и темносива кај постарите дрва. Листовите на развиените гранки се речиси округли, малку проширени, со пречник од 2–8 см, со грубо брановидни рабови и бочно сплескани дршки долги 4-8 см. Сплесканата дршка им овозможува листовите да треперат дури и при најмало струење на воздухот, што е причината за името „трепетлика“ и научното име.[6]. Листовите кај малите дрвца и брзорастечките стебленца на кореновите изданоци имаат срцевиден облик и се речиси триаголни.[7] Истите се доста поголеми, достигајќи 20 см, а дршките не им се толку сплеснати. Цветовите имаат облик на реси кои излегуваат рано напролет, пред разлистувањето; овие се дводомни, што значи дека машките и женските реси се на различни дрва, а опрашувањето го врши ветерот. Машките реси се зелено-кафеави, со должина од 5–10 см кога испуштаат полен; женските реси се зелени, долги 2-6 см во истиот период, узреваат на почетокот на летото и имаат по 10–20 (50–80) чаури со мали семчиња обвиткани со влакнеца. Влакненцата служат за лесно расејување на семето кога го носи ветерот.[4][6][8]

Се разликува од сродната американска јасика (Populus tremuloides) по тоа што листовите му се погрубо брановидни.[4]

Како и другите членови на родот, растението се шири на голема површина со кореновите изданоци, дури 40 м од матичното дрво, образувајќи пространи клоновски колонии.[4][8]

Екологија

уреди
 
Јасика кај Марбург, Германија.

Јасиката е светлољубиво и водољубиво растение кое набргу ги колонизира чистинките по пожар или сеча. Ако една единка се оштет или уништи, плитките странични корења почнуваат интензивно да пуштаат коренови изданоци. Брзиот раст продолжува сè до возраст од 20 години, кога се зголемува конкуренцијата на крошните. По навршени 30 години, растот запира. Дрвото достигнува старост од 200 години.[6]

Ова е многу издржливо дрво кое поднесува долги студени зими и кратки лета. Отпорно е на избрестување од срни поради непријатниот вкус на листовите.[9]

Видот е важен за големиот тополин стаклоклирец (Sesia apiformis), кој се вдомува во него како ларва.

Одгледување

уреди

Јастиката се одгледува во паркови и големи градини.[10]

Во Европа и средна Азија често се среќава сивата топола (Populus × canescens), која е јасика вкрстена со бела топола (Populus alba). Шумарските институти вкрстуваат и други јасики со цел да се зголеми дрвниот принос и отпорноста на болести (таква е P. tremula × P. tremuloides во Данска[11]).

Употреба

уреди

Дрвото на јасенот е светло, меко и речиси не се собира. Се користи како дрвена граѓа и за кибрит, но и во производството на целулоза и хартија, особено онаа за пишување. Покрај тоа, од него се прави фурнир и разни видови деланки и иверка. Има значајна улога во дрвопроизводството за обновлива енергија. Во еколошки поглед е значајно за разни видови инсекти и габи, и е живеалиште на неколку видови цицачи и птици што престојуваат во млади шуми.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Јасика (Трепетлика)“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 636. Text "series " ignored (help)
  2. „Blæösp (Populus tremula) Vísindavefurinn“.
  3. James Kilkelly Irish native Aspen tree Архивирано на 14 август 2017 г.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Rushforth, K. (1999). Trees of Britain and Europe. Collins ISBN 0-00-220013-9.
  5. Den Virtuella Floran: Јасика (Populus tremula), со карти на застапеност (шведски)
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Wühlisch, G. (2009), Eurasian aspen - Populus tremula: Technical guidelines for genetic conservation and use (PDF), European Forest Genetic Resources Programme, стр. 6 p., Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-01-31, Посетено на 2017-11-15
  7. Stace, Clive (2010). New Flora of the British Isles (III. изд.). Cambridge, UK: Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-70772-5., p. 314
  8. 8,0 8,1 Trees for Life Species Profile: Aspen Архивирано на 26 февруари 2014 г.
  9. Rackham, Oliver (1994). The Illustrated History of the Countryside. London : BCA. CN 2922. p. 64.
  10. „RHS Plant Selector - Populus tremula. Архивирано од изворникот на 2013-04-23. Посетено на 28 May 2013.
  11. Jensen, N. (1994). Guide til Arboretet i Hørsholm.

Литература

уреди
  • Kuusinen, Mikko. "Epiphytic lichen flora and diversity on Populus tremula in old-growth and managed forests of southern and middle boreal Finland", Annales Botanici Fennici. Vol. 31. No. 4. 1994.

Надворешни врски

уреди