Мекотели

(Пренасочено од Mollusca)
Мекотели
Период: Камбриум – денес
Tonicella lineata
Научна класификација
Домен: Еукариоти
Царство: Животни
Натколено: Lophotrochozoa
Колено: Мекотели
Класи

види текст.

[[|Разновидност]]
85.000 видови

Мекотелите (тип: Mollusca) се ткивни животни кои спаѓаат во без‘рбетниците. Во рамките на еуметазоите со несегментирано тело, тие го достигнале највисокиот развиток. Денес се познати над 100.000 видови на мекотели, од многу ситни (неколку mm) до многу крупни форми (некои главонози достигаат и над 15 m). Мекотелите се најкрупните денешни без‘рбетници.

Во морфолошки поглед, на мекотелите може да се разликуваат неколку региони: глава, на која се наоѓаат устата и сетилните органи; труп, во и на кој се сместени главните, витални органи; стапало, кое претставува месест орган што служи за движење и наметка (или мантија), како голем набор на кожата помеѓу трупот и стапалото. Наметката го обвива трупот, при што се создава мантијна празнина во која се сместени жабрите и природните отвори на дигестивниот, екскреторниот и репродуктивниот систем. Друг карактеристичен белег е постоењето на черупка, која ја лачи (продуцира) наметката и која делумно или целосно го обвива телото.

Черупки на морски школки и полжави.

Телото на мекотелите е покриено со еднослоен епител, богат со жлездени клетки кои лачат лигава материја. Под епителот се наоѓа сврзно и мускулно ткиво, а телесната празнина е мешавина од примарна празнина и целом.

За дигестивниот систем е карактеристично постоењето на орган, наречен ренде во почетниот дел на дебелото црево, кое служи за обработка на храната. Обично средното црево кај мекотелите е диференцирано во желудник (во кој своите секрети ги лачи крупната цревна жлезда) и тенко, неразвиено средно црево.

Респираторниот систем кај водните мекотели е претставен со жабри (еден или повеќе парови), сместени во мантијната празнина, а кај копнените мекотели (полжавите) - со непарен бел дроб. Белиот дроб кај копнените мекотели е составен од дел на внатрешната површина на мантијната празнина, во овој случај белодробна празнина, која е богата со крвни садови.

Циркулаторниот систем е од отворен тип и е составен од срце со преткомора и комора, крвни садови и лакуни.

Екскреторниот систем се состои од примитивни бубрези со долги, нефридијални канали и екскреторна пора во мантијната празнина.

Нервниот систем е од ганглионарен тип, и се состои од 3 до 5 пара ганглии, меѓусебно поврзани, од кои продолжуваат нерви за сите телесни органи.

Сетилните органи се особено добро развиени кај полжавите и главонозите, при што, на пример, сложеноста на градбата на очите кај главонозите се приближува кон градбата на очите кај ‘рбетниците. Поголемиот број на мекотели се разделно полови, а помал се хермафродити.

Репродуктивниот систем кај разделно-половите е просто изграден, за разлика од тој кај хермафродитите, кој е со посложена градба. Онтогенезата на мекотелите е главно со метаморфоза. Општо земено, органите од органските системи кај мекотелите се диференцирани на релативно високо еволутивно ниво.

Видови мекотели

уреди

Во оваа група животни спаѓаат:

  • хитоните, кои се приспособени да живеат на тврди подлоги;
  • полжавите се најголема и најразновидна група мекотели. Главата им е добро развиена, стапалото е широко и рамно, а черупката има спирален облик. Повеќето полжави, главно, ползат со стапалото. Тие се жители на слатките и солените води, а некои од нив живеат и на копно;
  • школките кои се припособиле да можат да се кријат и живеат во меки подлоги на слатките или солените води. Мекото тело кај школките е заштитено со черупки кои на предната страна може да се отвораат, а на задната страна се поврзани;
  • главонозите кои се жители исклучиво во солените води. Кај нив стапалото е изменето и е во вид на пипалка сместени околу устата. Како претставници од оваа група се октоподите и сипите.