Da si ti ja (македонски: Да си ти јас) е тринаесеттиот студиски албум на хрватската група Магазин Албумот е издаден во 1998 година од издавачките куќи Орфеј (сега Кампус) и Тоника. Ова е втор албум на групата Магазин со Јелена Розга како главен вокал. Албумот има произведено неколку хит синглови, вклучувајќи ги и „Opijum“ („Опиум“), „Gutljaj vina“ („Голтка вино“), „Ginem“ („Гинам“), „Na svijetu sve“ („Сѐ на светот“) и „Idi i ne budi ljude“ („Оди и не ги буди луѓето“).

Заднина

уреди

Во 1996 Јелена Розга станува новата пејачка на групата Магазин. Истата година, во декември, беше објавен албумот Nebo boje moje ljubavi (Небо во боја на мојата љубов), во кој беа вклучени хитовите „Nebo boje moje ljubavi“, „Minut' srca tvog“ („Минута на твоето срце“), „Suze biserne“ („Бисерни солзи“) и „Samo navika“ („Само навика“) (дует со Оливер Драгојевиќ ). Групата веќе следната година почнува да работи на нови песни, па во 1997 настапот во Дора го одбележува со песната „Opijum“, а потоа и настапот на Мелодиите на хрватскиот Јадран во 1997 година со песната „Ime mi spominje“ („Ми го споменува името“). Две години по албумот Nebo boje moje ljubavi, во 1998 година е објавен албумот Da si ti ja.[1]

За албумот

уреди

Името на албумот е засновано на стихот на песната „Glas“ („Глас“). На албумот има 10 песни (всушност, девет, бидејќи десеттата песна е инструментална верзија на песната „Briga me“ („Не ми е гајле“)). Автори на песните се Вјекослава Хуљиќ и Тончи Хуљиќ. Продуцент на скоро сите песни е Федор Боиќ (освен песните „Gutljaj vina“ и „Opijum“; на првата работел Реми Казиноти, а на втората Стипица Калоѓера). Продуценти на албумот се Тончи Хуљиќ и Федор Боиќ. Албумот е звучно кохезивен и преовладува поп звук.[2]

Комерцијален успех

уреди

Da si ti ja е еден од најуспешните албуми на групата Магазин. Албумот достигнува платинести тиражи во Хрватска и Словенија.[1] Речиси сите песни постигнуваат значителен комерцијален успех и скоро сите песни (освен песните „Glas“, „Luna“ и „Na sve svete“) се придружени со видео клипови. Особено се издвојуваат песните: „Gutljaj vina“, „Ginem“, „Opijum“, „Na svijetu sve“ и „Idi i ne budi ljude“.

Наводи

уреди