Бел носорог

(Пренасочено од Ceratotherium simum)
Бел носорог
Бел носорог во паркот Кругер
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Perissodactyla
Семејство: Rhinocerotidae
Род: Ceratotherium
Вид: C. simum
Научен назив
Ceratotherium simum
(Burchell, 1817)
Подвидови

Ceratotherium simum simum
Ceratotherium simum cottoni

Распространетост на белиот носорог (портокалово: Северен бел носорог (C. s. cottoni), зелено: Јужен бел носорог (C. s. simum)).

Белиот носорог (Ceratotherium simum) е еден од петте вида на носорози кои постојат денес и е еден од ретките видови претставници на мегафауната. Овој вид има широка уста адаптирана за пасење, и е еден од најсоцијалните видови на носорози. Белиот носорог е со најбројна популација и има два подвида: Јужниот бел носорог со 17 480 единки во дивината според проценките од крајот на 2007 година, и многу пореткиот Северен бел носорог. Се смета дека од северниот подвид преостанати се само 13 единки, од кои 9 во заробеништво и 4 во дивината. Сепак малата попуација во дивината не е видена од 2006 година, па можно е овој вид да е целосно изумрен во дивината[2].

Распространетост

уреди

Северниот подвид денес се среќава само во Конго, додека јужниот подвид што претставува најголемиот дел од белите носорози живее во јужна Африка. 98,5% од популацијата живее само во пет земји (ЈАР, Намибија, Зимбабве, Кенија и Уганда). Иако во почетокот на 20 век била на работ од изумирање, денес ги има во солиден број. Во 2001 е проценето дека има 11 670 бели носорози во дивината и уште 777 во заробеништво низ зоолошките градини во светот, што го прави најбројниот носорог во светот. До крајот на 2007 година, бројот на единки во дивината достигнал и до 17 480 (IUCN 2008).

Како и црниот носорог, и за овој вид најголема опасност претставува губењето на природното живеалиште и ловокрадството. Рогот најмногу е употребуван за традиционалната медицина иако нема здравствени придобивки, како и за изработка на накит. Според наодамнешни пребројувања на популациите во Конго, утврдено е дека има останато само уште 10 носорози, поради што на 15 јануари 2005 година, конзервационистите предложиле транспортирање на носорозите од Гарамба во Кенија. Иако поседувале официјално одобрување ова транспортирање било спречено на почетокот на 2006 година. На 12 јуни 2007 година ловокрадците и ги застрелале последните два носорога во Замбија. Едниот бил повреден а другиот бил мртов. Рогот на мртвиот носорог бил отстранет од страна на ловокрадците.

Таксономија

уреди

Популарна теорија за потеклото на името на белиот носорог е лошиот превод од холандски на африканс и англиски. Африканскиот збор wit, што значи „бел“ (white) на англиски се смета дека е лош превод на холандскиот збор wijde што значи „широк“ (wide на англиски и wyd на африканс). Зборот широк всушност се однесува на формата на устата на овој вид на носорог. Поради ова недоразбирање, европските доселеници, наместо „носорог со широка уста“ го употребувале името „бел носорог“. Спротивно на овој, друг вид на носорог со испакнати усни, е нарекуван Црн носорог (иако бојата и на двата носорози е доста слична). Сепак, последните истражувања на литература за носорози на холандски и африканс јазик, не успеале да обезбедат докази дека зборот wyd се употребувал за опишување на овој вид[3]. Друга популарна теорија предлага дека името доаѓа од неговата широка распространетост низ Африка и бојата која се должи на валкањето во варна почва или поради посветлата боја на неговиот рог.

Видовното име на белиот носорог – Ceratotherium, го дал зоологот Џон Едвард Греј (John Edward Gray) во 1868 година[4], и потекнува од грчките зборови κερας (керас) „рог“ и θηριον (терион) „ѕвер“. Simum е изведен од грчкиот збор σιμος (симус) што значи „сплескан нос“.

Јужен бел носорог

уреди
 
Бели носорози во Јужна Африка

Последните проценки кои датираат од 31 декември 2007 година, даваат бројка од 17 480 јужни бели носорози (Ceratotherium simum simum) кои живеат во дивината, што го прави најбројниот подвид на носорог во светот. Јужна Африка е местото каде што живеат 93% од единки на овој подвид, односно 16 255 бели носорози. Помали популации кои се вратени во дивината постојат и во Намибија, Боцвана, Зимбабве и Свазиленд, како и во Мозамбик. Мали популации на овој подвид се пуштени и во некои земји кои не припаѓаат на распространетоста во минатото, како на пример Кенија, Уганда и Замбија [5].

Носорози фатени во дивината без проблеми се размножуваат во заробеништво доколку имаат поволни услови во однос на простор и храна, како и партнер од спротивниот пол со слична возраст. Во паркот за диви животни во Сан Диего од 1972 година до денес се родени 91 млади носорози. Сепак, нешто што уште не е разјаснето е слабата стапка на размножување на женките кои се родени во заробеништво[6].

 
Група носорози кај езерото Накуру, Кенија

Северен бел носорог

уреди

Северниот бел носорог (Ceratotherium simum cottoni) кој во минатото се среќавал во повеќе земји во источна и централна Африка јужно од Сахара, денес се смета за критично загрозен вид.

Според WWF постојат само уште 4 единки во дивината[7]. Сепак во јуни 2008 година е пријавено дека е можно овој вид да е исчезнат бидејќи никој ги нема забележано овие единки од 2006 година[2].

Особености

уреди
 
Носорогот има три прста на секоа стапало

Белиот носорог е најголемиот копнен цицач после слонот[8]. Има масивно тело и голема глава, краток врат и широки гради. Должината на носорозите е помеѓу 3,4 и 4,2 метри, а опашката додава уште 50 до 70 сантиметри. Висината до рамениците изнесува 150-185 сантиметри. Просечната тежина е од 1440 до 3600 килограми, а мажјаците се малку потешки од женките[9]. Најголемиот регистриран бел носорог тежел околу 4500 килограми[10]. На муцката на овие животни има 2 рога составени од кератин (за разлика од роговите кај елените кои се од коска). Предниот рог е поголем и има просечна должина од 90 сантиметри која може да достигне и до 150 сантиметри. Специфична одлика на белиот носорог е и неговата грбка на задниот дел од вратот што служи како поддршка за неговата голема глава. Секое стапало на носорогот има три прсти. Бојата на кожата варира од жолтеникаво кафеава до сива. Влакна имаат само на врвовите на ушите и на крајот од опашката. Белите носорози имаат и карактеристична сплескана и широка муцка, адаптирана за пасење.

Носорозите се способни да ги движат ушите независно едно од друго со цел да прецепираат што повеќе звуци, иако најмногу се потпираат на нивниот осет за мирис. Органите за мирис кај овие животни се поголеми од нивниот мозок.

Однесување

уреди
 
Бел носорог
 

Белите носорози ги населуваат пасиштата и саваните. Овие носорози се хербиворни животни кои се хранат претежно со пасење трева. Кога има вода во изобилство, пијат двапати дневно, но во сушните периоди можат да преживеат без вода 4 до 5 дена. Околу половина ден го поминуваат во јадење а една третина се одмараат. Останатото време го поминуваат во различни активности како на пример валкањето во кал за да го оладат телото.

Белите носорози произведуваат и најразлични звуци како бревтање, грофтање и стенкање за време на додворувањето, врискања коа е во неволја или болка и ржење и рикање кога е во опасност. Карактеристично однесување на мажјаците кога се во опасност е триењето на рогот од земјата и ниската поставеност на главата со ушите насочени наназад. Белите носорози се доста брзи и агилни и достигнуваат брзина од 50 км/ч.

Белите носорози може да живеат во стадо од 14 единки (речиси секогаш женки). Младите мажјаци од белиот носорог исто така се собираат во група, најчесто заедно со возрасна женка. Повеќето од ворасните мажјаци се самотни животни. Доминантните мажјаци ја означуваат територијата до измет и урина. Изметот е во точно дефинирани купови. Вакви купови можe да има 20-30 и имаат улога да ги предупредат останатите носорози дека навлегуваат на негова територија. Друг начин на означување на територијата е со правење белези со рогот на грмушките или на земјата и гребење на земјата со нозете пред да ја означи со урина. Мажјаците ги прават овие означувања околу 10 пати во еден час додека патролираат низ нивната територија. Територијалниот мажјак остава траги со означување на секои 27-28 метри долж границата на територијата. Потчинатите мажјаци не означуваат територии. Најголемите борби помеѓу носорозите се за време на сезоната за парење. Териториите на женките носорози се преклопуваат и тие не ја бранат територијата.

Размножување

уреди
 
Мајка со младенче

Женките достигнуваат полова зрелост на 6-7 години, дедека мажјаците стануваат зрели на 10-12 годишна вораст. Додворувањето најчесто е доста проблематично. Женките се доста агресивни и реагираат кога мажјакот се доближува. Мажјакот најчесто трча по женкта или и го блокира патот и не и дава да ја напушти територијата. Кога женката е спремна за парење застанува во укочен став. Паровите кои се размножуваат остануваат заедно 5 до 20 дена пред да се разделат. Носењето на младите трае 16-18 месеци. Се раѓа само едно младенче кое тежи помеѓу 40 и 65 килограми. Мајката е многу заштитнички настроена према нејзиното младо, и агресивно напаѓа секогап кога смета дека постои опасност. Одбивањето од цицање почнува веќе во вториот месец, но младото може да продолжи да цица и до крајот на првата година. Помеѓу две раѓања најчесто поминуваат 2 до 3 години. Пред да го роди новото младо, мајката го брка веќе пораснатото младенче.

Животниот век на белите носорози изнесува 40-50 години. Возрасните бели носорози, пордаи својата големина немаат природни грабливци[11], па и младите носорози се многу ретко напаѓани бидејќи секогаш се во присуство на нивната мајка.

Зоолошки градини

уреди
 

Повеќето од белите носорози во зоолошките градини се од јужниот подвид. Зоолошката градина во Сан Диего (Калифорнија, САД) имала 3 северни бели носорози, сите фатени во дивината. Денес се останати само женката Нола и мажјакот Ангалифу, откако втората женка Нади умрела во мај 2007 година, најверојатно поради старост. Нола не е фертилна, па овој пар не е способен да се размножува.

Ангалифу е последниот мажјак од Северниот бел носорог кој постои. Огромни напори се прават за да се земе што повеќе семе од Ангалифу за да се употреби за оплодување на женките носорози во чешките зоолошки градини, како последна надеж за спасување на овој подвид.

Постојат и неколку женки на бел носорог во Дизниевото животниско царство во Орландо, Флорида.

Зоолошката Бревард во Флорида има четири бели носорози. Два мажјака, Хоуард и Макс, и две женки. Најголем во групата е Макс кој тежи 2720 килограми.

Зоолошката градина Рио Гранде во Албукерке, Ново Мексико има пет јужни бели носорози.

Зоолошката градина Вериби во Австралија има пет јужни бели носорози и подари два на зоолошката „Стив Ирвин“.

Зоолошката градина во Будимпешта има 4 бели носорози од кои еден е роден неодамна на 22 септември 2008 година. Ова е првото бебе во светот кое е родено со помош на замрзната сперма. Неговата постара сестра родена на почетокот на 2007 година е првиот носорог кој е зачнат со вештачко оплодување. .

Наводи

уреди
  1. Ceratotherium simum. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 20 октомври 2008.
  2. 2,0 2,1 „Times Online | News | Environment | Poachers kill last four wild northern white rhinos“. Архивирано од изворникот на 2008-09-05. Посетено на 2009-02-11.
  3. Rookmaaker, Kees (2003). „Why the name of the white rhinoceros is not appropriate“. Pachyderm. 34: 88–93.
  4. Groves, Colin P. (1972). Ceratotherium simum (PDF). Mammalian Species (8): 1–6. doi:10.2307/3503966.
  5. Emslie and Brooks 1999; Emslie et al. 2007.
  6. Swaisgood, Ron (Summer 2006). „Scientific Detective Work in Practice: Trying to Solve the Mystery of Poor Captive-born White Rhinocerous Reproduction“. CRES Report. Zoological Society of San Diego. стр. 1–3.
  7. WWF | Northern White Rhino
  8. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-23. Посетено на 2009-02-11.
  9. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2007-07-06. Посетено на 2009-02-11.
  10. „African Rhinoceros“. Safari Now. Архивирано од изворникот на 2008-05-22. Посетено на 2008-03-19.
  11. AWF: Wildlife: Rhinoceros

Надворешни врски

уреди