Невен

вид растение
(Пренасочено од Calendula officinalis)
Невен
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Ред: Ѕвездовидни
Семејство: Главоцветни
Племе: Невени
Род: Невен
Вид: Обичен невен'
Научен назив
Calendula officinalis
L.
Синоними[1]
  • Calendula aurantiaca Kotschy ex Boiss.
  • Calendula eriocarpa DC.
  • Calendula hydruntina (Fiori) Lanza
  • Calendula prolifera Hort. ex Steud.
  • Calendula × santamariae Font Quer
  • Caltha officinalis (L.) Moench

Невен (научCalendula officinalis) — билка од семејството главоцветните (Asteraceae).

Опис на билката

уреди

Стеблото на невенот е исправено, разгрането и избраздено. Висината е до 50 сантиметри и покриено е со кратки и цврсти влакненца. Обликот на листовите се разликува во зависност од нивната положба: горните се долги или шпицести, средните се обратно јајчести и го опфаќаат стеблото, а долните се со крилести дршки. Цветовите се скупчени во портокалово-жолти, крупни соцветија. Периферијата на соцветијата гради јазичести цветови наредени во 2-3 реда, а на средина цевчести цветови. Обвивката на цветот гради тесни, зелени, лепливи и влакнести покривни листови. Мирисот на цветот е јак.

Зависно од регионот, невенот цвета од рана пролет до доцна есен. Во приморските и топли краеви може да цвета преку цела година.

Хемиски состав

уреди

Како дрога се користат цветовите кои содржат етерично масло, танини, шеќери, ликопен (кој е многу добар антиоксиданс и штити од рак на грлото на матката), белковини, пигментни каротиноиди (даваат боја на цветовите), календулин, минерали (калиум, сумпор и др), горки супстанци, супстанци на кисел карактер(волоксантин, цитроксантин, рубиксантин, флавоксантин), смоли, органски киселини (јаболкова, салицилна) и др.

Употреба

уреди

Невенот има многу широка примена. Се употребува како чај, како додаток во салати и други јадења, а за надворешна употреба, во облик на масло, масти, облоги или чаеви за плакнење. Исто така се користи и како природна боја во индустријата за храна и козметиката. Листовите може да се јадат свежи како додаток во салата бидејќи се богати со витамини и минерали и по состав се слични со глуварчето. Свежите цветни листови исто можат да бидат додаток во салати, додека сувите имаат снажен и концентриран вкус и може да се користат како зачин во супи и колачи. Листовите содржат и значајни количини на витамини А и Ц и се користат за добивање боја која се користи во индустриската храна. Бојата се користи и во козметички намени и тоа за правење боја за коса. Семето од невен содржи до 37% белковини и до 46% масти, но нема податок дека се користи во исхраната.

Употреба во народната медицина

уреди

Невенот повеќе се користи во народната нега отколку во современата медицина. Се препорачува за чистење и плакнење на рани, чирeви и изгореници. Се користи и за лечење на желудникот, проблем со црева и жолчно кесе. Невеновиот крем се користи за надворешна употреба кај рани, чиреви, осипи и отечени жлезди. Невеновата маст со козјо масло во народната медицина лечи хронични чиреви и отечени места, гнојни рани кои тешко зараснуваат. Облогите од топол невенов чај го подобрува видот. Спрема литературата на руската народна медицина, чајот од цветот на невен се користи кај крвавење од материца и за болести на црниот дроб, слезината, проблеми со желудец и рахитис.

Лековито дејство

уреди

Невенот делува антисептично и антибактериски и е многу ефикасен против различни воспаленија, габични инфекции, а најновите истражувања наговестуваат дека е корисен во борбата против ХИВ (вирус предизвикувач на СИДА). Корисен е за отстранување на отрови кои прават различни хронични инфекции, трески, кожни болести како што се егземи и акни. Добар е како средство за смирување на грчеви, против астма, кашлица, тахикардија и несоница. Од одамна во народната медицина се користи за залечување на рани, боцкање од инсекти, смрзнатини, чиреви, брадавици, волчи очи и др. Ладен чај од невен се употребува за плакнење на очи при конјунктивит или после вадење на заб. Поради благите естрогенски дејства во (естроген - женски полни хормон) се користи за воспоставување на редовен менструален циклус и смалување на менструалните болки кај младите девојки или кај жени во климакс.

Невенот како тема во уметноста

уреди
  • „Мој невенче шестоперче“ - македонска народна песна.[2]

Наводи

уреди
  1. The Plant List, Calendula officinalis L.
  2. Блаже Тренески, Стојна ситноода. Скопје: Студентски збор, 1981, стр. 44.