„Шега со станец“ (хрватски: Novela od Stanca) — драма во стихови (сценска игра) на хрватскиот писател Марин Држиќ од 1551 година.

Ликови

уреди

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1] [2]

  • Станец, селанец
  • Влахо, млад дубровчанин
  • Михо, млад дубровчанин
  • Џиво, млад дубровчанин
  • Самовили
  • Маскари

Содржина

уреди

Дејството на комедијата се одвива во Дубровник, една ноќ за време на Поклади. Влахо, Михо и Џиво се тројца другари на кои им е здодевно и сакаат да си направат некаква забава. Џиво им кажува дека видел некој селанец кој дошол во Дубровник со намера да продаде јаре, маст и сирење и предлага да се пошегуваат со него. Оттука, тој се преоблекува како селанец и му пристапува на селанецот Станец, кој заспал покрај еден извор. Џиво му кажува дека своевремено и тој самиот бил старец и дека еднаш заспал крај водата при што самовилите го поканиле да игра оро со нив, а потоа го претвориле во млад човек. Наивниот Станец верува во приказната, а набргу доаѓаат маскарите и тој помислува дека тие се самовилите. Маскарите, исто така, се шегуваат со него, претставувајќи се како самовили и го канат на оро. Станец ги моли да го претворат во млад човек, но тие му ги врзуваат рацете, му ја бричат брадата, а лицето му го бојат со црна боја. Во меѓувреме, маскарите му го земаат јарето и другите производи, но сепак му остваат пари колку што чини неговата стока. Дури кога тие заминуваат, Станец ја согледува измамата.[1]

Осврт кон делото

уреди

Покрај комедијата „Дундо Марое“, „Шега со Станец“ е најдоброто дело на Држиќ. Таа претставува претставува весела игра, напишана во стихови, дванаесетерци римувани на крајот и на средината. Во делото се појавуваат неколку ликови кои се пластично насликани, како што се младите дубровчани Влахо, Михо и Џиво Пешица кои се претставници на младината во ренесансниот Дубровник, „ноќните ловци“ за кои постојат бројни судски записи во врска со нивните лудории. Но сепак, овие ликови се симпатични зашто во нив има нешто наивно-детско, а нивниот протест против родителите има и некакво оправдание. Иако комедијата претставува само пасторална игра која има цел да насмее, да разоноди и да развесели, сепак во таа обработува и неколку дурги проблеми, како што се протестот на младите дубровчани против строгиот однос на родителите, а во нејзината позадина лежи проблемот на нерамноправните бракови кој подоцна го обработил и Иван Гундулиќ во неговото дело „Дубравка“. Имено, Станец е оженет за млада жена која е принудена да го трпи неговото злоставување, а тој, пак, исплашен од големата разлика во годините, ја држи својата жена во вечен страв. На Станец никогаш не му паднало на ум дека неговиот брак не е нормален, па затоа и казната што го снаоѓа во карневалската ноќ е заслужена. Во продолжение, односот на тројцата палавковци кон стариот Станец не треба да се сфати само како потценување на сѐ што доаѓа од селото, зашто како што забележува М. Комбол, на таквото мислење се спротивставуваат другите драми на Држиќ во кои го прикажува селанецот не само добродушно, туку и со очигледна, иако потсмешлива, симпатија. Токму по тоа се разликува ова дело од селските лакрдии кои Држиќ ги гледал во Сиена, а во кои редовно се подбивале со селанецот. Она што импресионира во „Шега со Станец“ е леснотијата со која авторот ги води на сцената своите јунаци, мајсторски градејќи го секој лик во односот кон другите ликови. Навистина, повремено има нешто наивно и невешто во композицијата на стиховите, но оригиналноста на содржината и свежината на Држиќевиот збор ги поништуваат слабостите на делото.[3] [4]

Изданија на македонски јазик

уреди

Првото издание на македонски јазик потекнува од 1959 година, од издавачката куќа „Кочо Рацин“, а во препев на Георги Георги Сталев, кој истовремено е автор и предговорот.[5] Книгата со обем од 39 страници е испечатена во печатницата „Нова Македонија“ во мај 1959 година, во тираж од 5 000 примероци. Нацртот на корицата е дело на Коста Бојаџиевски, а коректор е Вера Арсова.[6]

Во 1970 година, делото било објавено од издавачката куќа „Македонска книга“, како дел од библиотеката „Атлас“, а во препев на Георги Сталев, кој истовремено е автор и на предговорот. Книгата била отпечатена во јуни 1970 година, во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во тираж од 10.000 примероци.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970.
  2. Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 15.
  3. Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 13-14.
  4. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 14-15.
  5. Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 15.
  6. Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 39.