Дундо Марое
„Дундо Марое“ (хрватски: Dundo Maroje) — драма (комедија) во пет чина (комедија) на хрватскиот писател Марин Држиќ. Оваа комедија била за првпат поставена во прочуената дубровничка „Вјеќница“ во 1551 година, а ја играла позната група „Дружина Помет“.[1]
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[2] [3]
- Дундо Марое, стар трговец од Дубровник. Тој е скржавец за кого парите се единствената грижа. Тој го сака својот син, но уште повеќе го сака златото заради кое е готов да се откаже од синот, па дури и крева рака на него. Со овој лик, Држиќ ја исмева човечката алчност и човечката ништожност пред блесокот на златото.
- Маро, неговиот син. Тој е претставник на новата генерација која, чувствувајќи го немирот на Ренесансата, смислата на новиот живот ја сфаќа изопачено, трошејќи ги парите во забава и празна разонода. Тој ја гледа татковата треска по златото, но заклучокот што го вади не е ниту малку понормален, зашто во проценката на татковите постапки тој не се откажува од својата себичност, настојувајќи да се оправде себеси на секаков можен начин. Маро е казнет поради неговата лекомисленост, но на крајот, тој го наследува богатството на неговиот далечен роднина и среќно се враќа во Дубровник, заедно со татка си и со свршеницата.
- Лаура, куртизана од Рим. Таа е млада и убава куртизана, изневерена од човекот што го сакала некогаш. Напуштена и навредена, Мандалиена го губи својот животен пат и доаѓа во Рим, но со името Лаура. Посветена на лесниот живот, таа се определува за оној кој е побогат. Сепак, и таа најпосле ја наоѓа својата среќа со Уго Тудешко.
- Бокчило, слуга на Дундо Марое. Тој е вечно гладен, бавен и навидум незаинтересиран за она што се случува околу него.
- Уго Тудешко, германски благородник.
- Помет, слуга на Тудешко. Тој е олицетворение на итрината, најсимпатичната личност во драмата и носител не само на заплетот, туку и речиси на целото драмско дејствие. Духовит и вешт, тој го надмудрува својот ривал Попива во борбата за Петруњела, а исто така, тој му ги дава решавачките совети со кои Дундо го покорува непослушниот син. Помет умее да ги претрпи поразите кои со решителност и снаодливостги претвора во победи. Инаку, неговото име зборува за неговата општествена положба – оној што ја мете трпезата и не остава ништо на неа. Овој лик станал толку популарен, што се верува дека и дружината која ги изведувала двете комедии, „Помет“ и „Дундо Марое“, го носела неговото име
- Попива, слуга на Маро. Тој е во постојана борба со Помет за љубовта на Петруњела. Иако е остар шегобиец, тој е интелектуално далеку зад својот противник.
- Трипче, трговец од Котор.
- Пера, свршеница на Маро.
- Петруњела, слугинка на Лаура. Таа, исто така, е итра, ѓаволеста жена, жива на јазикот, слободна, полетна и млада.
Содржина
уредиСтариот трговец Дундо Марое му дал на својот син Маро 5.000 дукати за да замине по некоја работа во Фиренца и во Софија. Но, наместо во Фиренца, Маро отишол во Рим, каде ги трошел парите на раскош и забава. Татко му дознава за тоа и со својот слуга Бокчило оди во Рим за да спаси дел до своите пари. Всушност, тука започнува драмата, а дејството во првиот чин се одвива во Рим, пред една меана, во близината на куќата на Лаура. Притоа, Дундо Марое тагува за своите пари, а Бокчило се жали на својата вечна глад. Тогаш се појавува Трипче од Котор и нему му се жали Дундо Марое за однесувањето на син му. Тројцата се сведоци на разговорот меѓу Лаура и слугата на Германецот Уго Тудешко, Помет, кој го фали својот господар. Во тоа време доаѓа слугата на Маро, Попива кој на Лаура ѝ носи скапи подароци. Во тоа време, свршеницата на Маро, Пера, преоблечена како маж, пристигнува во Рим за да го оттргне својот свршеник Маро од рацете на познатата римска куртизана Лаура. По некое време се среќаваат Маро и Дундо Марое, но Маро се преправа дека не го познава. Побеснетиот Марое го напаѓа со нож и стражата го затвора старецот. Дознавајќи ги подробностите од животот на Маро, Помет го советува Дундо Марое да се преправа дека дошол по трговија и дека бара складиште за својата стока. Така, Маро и Попива се фаќаат за мамката: Маро, кој веќе ги потрошил сите таткови пари, бара на заем 3.000 дукати од Лаура за да купи дуќан и така повторно да се појави пред татко му, овојпат како скромен и вреден трговец. За време на таа средба, Маро се преправа како претходно ништо да не се случило меѓу нив, а и Дундо Марое вешто ја игра својата игра и успева да ги добие клучевите од дуќанот на Маро, спасувајќи барем 3.000 дукати. Подоцна, при нивната трета средба, Дундо Марое се прави дека не го познава синот. Маро е очаен, зашто во меѓувреме го остава Лаура, која се фрла во прегратката на богатиот Тудешко. Притоа, Помет открива дека Лаура е единствената наследничка на својот богат татко за кого дотогаш не знаела. На крајот од дрмата, Пера му простува на Маро, кој пак наследува богатство од еден свој далечен роднина и, заедно со татко му и со свршеницата, среќно се враќа во Дубровник.[4] [5]
Осврт кон делото
уредиСе претпоставува дека на комедијата „Дундо Марое“ ѝ претходело друго драмско дело на Држиќ, кое не е зачувано, а тоа е комедијата „Помет“ за која се знае од пролозите на „Дундо Марое“. Во секој счучај, за тоа сведочи и фактот дека театарската дружина која ги изведувала двете комедии („Помет“ и „Дундо Марое“) се викала „Помет“. Иако дејствието се одвива надвор од Дубровник, сепак преку дијалозите се откриваат податоците за животот и за општествените односи во Републиката. Драмата е полна со ведрина и со здрав хумор, понекогаш со остра критика, а понекогаш со слободни, раскалашени изрази. Но, сето тоа – заплетот, кулминацијата и расплетот – е водено од вешта писателска рака, од писател кој имал можност да се запознае со драмската вештина. Особено се интересни пролозите на „Дундо Марое“ од кои се гледа дека ова дело е продолжение на друга комедија и дека во двете учествуваат речиси истите ликови. Првиот пролог го води сатирот низ чии зборови Држиќ искажува некои свои мисли за општеството без приватна сосптвеност. Така, зборувајќи за „далечната таинствена, но прекрасна земја“, сатирот кажува дека таму „не постои никакво мое и твое, туку сѐ е заедничко, на сите, и секој е господар на сето.“ Понатаму, вториот пролог го презема слугата Помет – човек од акција.[6] [7]
Наводи
уреди- ↑ Milord Medini, Povjest hrvatske književnosti, Naklada Marice hrvatske, Zagreb, 1902, стр.339.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12-13.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508 – 1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 11-12.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 11.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508 – 1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 10-12.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 13-14.
- ↑ Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508 – 1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец (Новела од Станца). Кочо Рацин, Скопје, 1959, стр. 12-13.