Дубравка (драма)
„Дубравка“ — драма (овчарска игра) во три чина на хрватскиот поет Иван Гундулиќ. Драмата била премиерно прикажана во Дубровник, во 1628 година, а нејзината премиера во Загреб се одржала во 1888 година. Драмата е напишана со употреба на повеќе говори, како: икавски, чакавски, дубровнички дијалект итн.[1]
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[2]
- Радмио
- Група овчари
- Рибар
- Љубмир
- Дубравка
- Група самовили
- Сатирот Дивјак
- Сатирот Горштак
- Загорко
- Љубдраг
- Сатирката Јељенка
- Брштанко
- Траторко
- Сатирот Вук
- Стојна
- Пелинка
- Гласник
- Група сатири
- Свештеник
Содржина
уредиПрв чин
уредиОвчарите ја повикуваат ѕвездата Деница побрзо да го најави утрешниот ден во кој треба да се одржи редовната веселба на овчарите и самовилите на која ќе се избере најубавиот пар. Притоа, тие го слават слободниот живот во Дубрава. Кога осамнува зората, и самовилите се подготвуваат за веселбата, а меѓу нив се наоѓа и убавицата Дубравка. Во неа е вљубен овчарот Миљенко, но неа ја посакува и сатирот Дивјак. Дивјак се среќава со сатирот Горштак и двајцата ја фалат својата убавина. Горштак е горд поради тоа што овчарите го поканиле да биде глумец на приславата. Овчарот Загорко го остава своето стадо, нестрплив да учествува на веселбата, а сатирката Јељенка тагува поради неверството на саканиот Дивјак кого повеќе го привлекуваат самовилите од неа.[3]
Втор чин
уредиСатирот Вук, кој мисли само на храната, краде овца, но го фаќа селанката Стојна и така тој останува гладен. Тогаш го среќава сатирот Горштак, кој го кани да му се придружи на веселбата, ветувајќи му многу храна и пијалаци. Пелинка го советува Миљенко да ѝ даде подароци на Дубравка, ако сака да ја освои, но тој го одбива тоа. За да им се приближи на самовилите, сатирот Дивјак се облекува во самовилски фустан, а Јељенка, пак, се облекува како овчар. Стојна го кара синот Загорко поради тоа што го оставил стадото овци, а тој се надева дека на веселбата ќе си најде невеста. [4]
Трет чин
уредиОвчарите ја препознаваат измамата на Дивјак и го бркаат, а сатирот Горштак му се смее. Иако Дубравка според убавината му припаѓа на Миљенко, неа ја добива богатиот Грдан кој дава злато за неа. Миљенко тагува и се заканува дека ќе се бори до смрт со Грдан. Јељенка го спасува Дивјак од овчарите, а тој ветува дека никогаш повеќе нема да мисли на самовилите. Тогаш, таа му се открива и двајцата се колнат на меѓусебна љубов. До овчарите допира глас дека Миљенко е мртов, но тогаш доаѓа гласник кој кажува дека тоа не е вистина: кога Грдан и Дубравка влегле во црквата, земјата почнала да се тресе и да удираат громови, а штом во црквата влегол Миљенко, тресењето запрело. Присутните побарале да се исполни божјата волја и така Дубравка му припаднала на Миљенко. Драмата завршува така што сатирите и овчарите се веселат на свадбата на Дубравка и Миљенко при што сите присутни ја слават слободата.[5]
Наводи
уреди- ↑ „Ynačenje nekojih oblika i riječi u Gundulićevoj Dubravci“, во: Ivan F. Gundulić, Dubravka: pastirska igra u tri čina. Izdanje „Omladine“ za godište XV, Zagreb, 1931, стр. 66.
- ↑ Ivan F. Gundulić, Dubravka: pastirska igra u tri čina. Izdanje „Omladine“ za godište XV, Zagreb, 1931.
- ↑ Ivan F. Gundulić, Dubravka: pastirska igra u tri čina. Izdanje „Omladine“ za godište XV, Zagreb, 1931, стр. 1-25.
- ↑ Ivan F. Gundulić, Dubravka: pastirska igra u tri čina. Izdanje „Omladine“ za godište XV, Zagreb, 1931, стр. 26-42.
- ↑ Ivan F. Gundulić, Dubravka: pastirska igra u tri čina. Izdanje „Omladine“ za godište XV, Zagreb, 1931, стр. 43-64.