Чебренски манастир

манастир во Македонија
(Пренасочено од Чебренскиот манастир)

Чебренскиот манастирманастир во јужниот дел на Македонија, на местото на историското село Чебрен.[1] Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.[2]

Чебренски манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеЧебренски манастир
Други имињаМанастир „Свети Димитриј“
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век
Посветен наСвети Димитрија Солунски
ЕпархијаПреспанско-пелагониска
ЦрквиЦрква „Св. Димитриј
Црква „Вознесение Христово“
Личности
Место
МестоЧебрен, Општина Новаци Македонија Македонија
Координати41°07′58.2″N 21°40′47.7″E / 41.132833° СГШ; 21.679917° ИГД / 41.132833; 21.679917
Видливи остатоцидве цркви, конак, амбар
Отворен за јавностада
Други информации(Старавинска парохија)

Местоположба

уреди

Манстирот се наоѓа во Скочивирската Клисура, во рамките на второто предградие на средновековниот град Чебрен, на десниот брег на Црна Река.[3] Тој се наоѓа кај археолошкото наоѓалиште Тумба Чебрен на издвоена вулканска купа (тумба), на околу 140 м над реката и недалеку од селото Зовиќ.[4]

Историја

уреди

Чебренскиот манастир потекнува од првата половина на XIV век, време во коешто Македонија потпаднала под отоманска власт.[3] Во 1530-тите години, под надлежност на Охридската архиепископија имало 33 епархии, од кои на територијата на Македонија имало 12 епархии. Манастирот најверојатно припаѓал на Битолската или на Пелагониската епархија.[5] Во цутот на развојот, во сопственост на манастирот влегувале воденици со 12 воденички камења, многу стока (овци, кози и крупен добиток), како и ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Во XVIII век, манастирот имал свое ќелијно училиште во коешто се учело на старословенски јазик, а во него се подготвувале свештеници кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен сè до првите декади на XX век.[6]

Манастирот низ историјата повеќе пати бил обновуван поради честите опожарувања, грабежи и разрушувања. Постои податок дека за време на Првата светска војна биле срушени четири објекти коишто веројатно биле конаци, една плевна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата „Вознесение Христово“.[7]

Градби

уреди

Во склоп на манастирот влегуваат две цркви, конак и амбар. Сочувани се и остатоци од конаци северозападно и западно од црквата, како и делови од оградниот ѕид на манастирот.[8]

Влезна порта

уреди

Влезната порта е изградена од прецизно обликуван делкан камен. Во источниот дел од оградниот ѕид е насликано украсување коешто потекнува од 1879 година. На камениот ѕид над влезната порта има малтерисана површина со правоаголен облик на којашто има три ниши. Нишата насреде е поголема од страничните. Во неа има фреска на којашто е живописан Свети Димитриј на коњ во одбрана на градот Солун. Тој е претставен во војнички панцир со развиорена наметка и качен на црвен коњ. Во десната рака држи копје, а во левата уздите на коњот. Позадината на фреската содржи дел од архитектурата на Солун, односно одбранбен ѕид и веројатно црквата „Св. Димитриј“ во Солун, а на небото е прикажано сонце. Околу надворешните рабови, нишата е украсена со ритмичко цветно украсување во светлосина боја. Истото украсување се јавува и кај страничните ниши. Во јужната ниша има фреска на којашто е прикажан Архангел Михаил како држи меч во десната и отворен свиток во левата рака. Текстот на фреската е испишан со старословенски букви. Во северната ниша има фреска на којашто е насликан Архангел Гаврил со перо во десната и отворен свиток во левата рака. Основната боја на оваа ноша е ултрамарин. Текстот исто така е испишан со старословенски букви. Од внатрешната страна на лаковите кај сите три ниши има растително (цветно) украсување. Над бордурата околу страничните ниши насликан е по еден цветен мотив со виолетово-црвена боја. Меѓу средната и јужната ниша на рамната ѕидна површина е испишана годината на живописувањето, т.е. 1879, а се среќаваат и остатоци од имињата на дарителите.[9]

Конак

уреди

Единствениот сочуван манастирски конак бил изграден во 1935 година и се наоѓа јужно од манастирската црква.[8]

Црква „Св. Димитриј“

уреди

Главната манастирска црква е посветена на Свети Димитриј.[10] Во минатото, таа била доста богата и голема црква, а денес е обновена со помали димензии и сè уште се видливи темелите на стариот храм. Нејзиниот иконостас потекнува од XV век, а бил обновен во XIX век. Од првобитната градба, која била трибродна базилика, сочувана е средишната длабока апсида којашто била обновена над рановизантиската во XIV век со димензии од 2,4 м и дел од источниот ѕид.[7]

Црква „Вознесение Христово“

уреди

Црквата се наоѓа во близина на манастирскиот комплекс и е изградена на карпест предел. Таа е мала еднокорабна црква со димензии 6,30 х 4,30 м и висина од 2,80 м, а има полукружна апсида на источната страна. Градена е од делкан камен и кал, а оад надворешната страна со фугован варов малтер. Внатрешноста е поделена со дрвена олтарна преграда на два дела. Сите четири ѕидови од наосот и олтарниот простор се фрескоживописани. Според сознанијата и стручната литература, фреските потекнуваат од XVI век, а сочувани се на површина од 60 м2.[10][11]

Археолошки наоди

уреди

Со археолошките истражувања спроведени на просторот на манастирот е утврдено дека во доцната антика била изградена тврдина со слични димензии, а во пониските делови на југ започнала да се развива населба која била опфатена со истиот одбранбен ѕид (обѕидие). Просторот бил обѕидан наоколу и зајакнат со повеќе кули. Врз основа на остатоците е добиена информација дека имало планско градско оформување со големина од 5 ха. Во средишниот дел на населбата бил изграден базиликален храм веројатно во V-VI век, чии темели и мермерни делови се среќаваат и денес околу средновековната црква. Мермерните делови веројатно се столбчиња од мермерна иконостасна преграда, но постојат и остатоци од столбови, капители и основи изработени од камен коишто веројатно потекнуваат од наосот на базиликата.[12]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 24. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Анета Стефановска, Науме Ѓоргиевски (2010). Библиотеките во црквите и манастирите во Преспанско-пелагонискиот регион (македонски и англиски). Битола: Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. ISBN 978-608-4538-18-9.
  3. 3,0 3,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 10.
  4. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 6.
  5. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 13.
  6. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 4, 6.
  7. 7,0 7,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 12.
  8. 8,0 8,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 19.
  9. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 16-17.
  10. 10,0 10,1 Чебрен Архивирано на 1 декември 2021 г.“. Мој Роден Крај.
  11. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 20.
  12. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 8.

Надворешни врски

уреди