Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Матејче
Успение на Пресвета Богородица — главна и единствена манастирска црква во рамки на Жеглиговскиот (Матеички) манастир.[1][2] Црквата се смета за „еден од најблагородните византиски споменици на балканските простори“ во текстовите на патописците од минатите векови и истражувања во делата на најреспектираните проучувачи на византиската култура повеќе од едно столетие и претставува репрезент на врните уметнички дострели и е ремек дело на доцновизантиското монументално сликарство. Изникнувајќи од традицијата на цариградските архитектонски решенија и претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл од XIV век на македонската територија и вториот по големина во Балканскиот регион, Богородичната црква во Матејче, со импозантните димензии на градежниот корпус и екстензивноста на сликаниот репертоар, се вбројува меѓу најмаркантните споменици на општата византиска уметничка продукција. Четиринаесет циклуси и стотици светителски ликови ги красат ѕидовите на храмот, кои во последнно време секојдневно губат драгоцени делови од својата сликана декорација. Оригиналните иконографски решенија, невидени во историјата на византиското сликарство, кои сведочат за длабоката теолошка ерудиција на творците на енциклопедиски богатата сликана програма, и будењето на новите стилски одлики на дворскиот ликовен израз низ аристократскиот манир на уметничката постапка, зборуваат за вештината и мајсторството на најдобрите сликари од средината на XIV век. Нивниот рафиниран ликовен јазик го облагородил монументалниот екстериер на црквата со една од најпоетичните визии на македонското творечко средновековие.
Успение на Пресвета Богородица
| |
Поглед кон манастирската црква | |
македонска православна црква | |
Епархија | Кумановско-осоговска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 42°06′30.96″N 21°33′10.08″E / 42.1086000° СГШ; 21.5528000° ИГД |
Место | Матејче |
Општина | Липково |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Богородица Марија |
Изградба | 1345 |
Живопис | 1348-1352 |
Ктитор | Елена, сопруга на цар Стефан Душан |
Архитектонски опис |
Опис
уредиЗа историјата на манастирската црква се дознава од хрисовуљата на цар Милутин од 1300 година, во која е забележано дека нејзината градба ја започнал царот Душан, подигајќи ја врз темели на постара црква, посветена на света Богородица Црногорска. Фактот дека овој цар започнал со градење на црквата се споменува и во биографијата на цар Урош, каде е наведено дека по смртта на Душан, неговата жена Елена и синот Урош ја доградиле и живописале црквата. Според некои записи стои дека во Втората светска војна во олтарот на црквата имало капеличка која потекнувала од 12 век. Црквата е реставрирана во повеќе наврати во 1934, 1953 и 1960 година по еден подолг временски период кога била под урнатини. Оваа црква е најрепрезентативниот споменик на византиската уметност на македонската почва од македонски стил и ремек-дело на дворскиот стил којшто бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. Самата црква не отстапува значително од традиционалната форма на црковните градби од времето од околу средината на 14 век. Се одликува со импозантни димензии и монументалноста на самата архитектонска конструкција, компактност на просторниот распоред со што се постигнува единство на складни и хармонични архитектонски форми. Според богатството на претставените теми и широчината на остварената концепција може да се каже дека се надминати многу постари дела на средновековната уметност на целата балканска територија. Во црквата имало 14 циклуси со илустрирани епизоди кои се на ѕидовите на олтарот, наосот и нартексот. Насликани биле Големите празници, Христовите чуда и поуки, Страдањата, циклусите посветени на Богородица, илустрираните житија на Јован Крстител и Антониј Велики. Делата апостолски, Чудата на светите архангели, Екуменските собори, Авгаровата легенда, семејното стебло на Христовите предци, Генеалошкото стебло на владетелите од династијата Немањиќ, литургиски теми, портретите на ктиторите, прикажувањето на најпочитуваните светители, маченици, учители и монаси. Со еден збор она што го краселo овој храм се традиционалните програмски решенија, вообичаените иконографски модели, но и ретките претстави кои се со возвишена елеганција на формите. Аристократскиот манир и колоритноста се дел од врвните квалитети на панорамата која ја красела внатрешната панорама во монументалната црква која денес не постои. Црквата во однос на архитектурата е петкуполна градба со основа во форма на впишан крст. Долга е 23,5 метри и спаѓа во поголемите градби, на нејзината основа се четирите основни столба на кои се наоѓаат уште по два столба на источниот и западниот дел од црквата. Двата дополнителни столба на запад заедно со уште два одделно од долниот среден дел го формираат нартексот. По нејзината градба може да се каже дека црквата е така изградена што нејзиниот централен дел е најосветлен. Живописот се одликува со занимливи живи бои претставени преку високиот реализам што е уникатно за разлика од други фрески по црквите. Покрај главниот влез кој е на запад црквата имала и два бочни влезови од север и југ кои подоцна се заѕидани. На бочните страни над просторот за вратите се наоѓаат два реда на прозори додека на запад над нартексот се наоѓа окулус. Централната голема купола е дванаесетстрана, а другите четири помали куполи се издигаат над аглите на основата. Надворешната страна на олтарната апсида е петстрана и е збогатена со декоративни нишки од тула. На фасадата се забележуваат пиластри и слепи аркади. Живописот во црквата денес е во голема мерка уништен, сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. На западниот дел се забележуваат остатоци од претставата на лозата на византиските цареви а ликовите на ктиторското семејство, цар Душан, царица Елена и синот Урош се наоѓаат на јужниот ѕид. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е претставен со крстот затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надолу. Интересно е да се напомене дека во оваа црква се зачувани записи меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ.
Црквата се наоѓа во многу незавидна состојба и објектот руинира. Постои иницијатива црквата да биде прогласена за културно наследство во опасност, за да се спаси од целосно пропаѓање.[3]
Галерија
уреди-
Оштетена и осквернавена фреска во манастирската црква за време на конфликтот во 2001 година
-
Поглед на манастирската црква од југ
-
Фреска на Исус Христос на јужниот ѕид над влезот
-
Фреска на ангел во олтарниот дел
-
Таваницата под една од куполите
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Елизабета Димитрова – Црквата св „Богородица“ – Матејче, Скопје 2017; Издавач: Министерство за култура на РМ, Управа за заштита на културното наследство
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Црквата во Матејче културно наследство во опасност
Надворешни врски
уреди- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Матејче на Ризницата ?