Црква „Св. Троица“ - Долно Тодорак

црква во Долно Тодорак, Кукушко

Света Троица (грчки: Ιερός Ναός Αγίας Τριάδος) — црква во селото Долно Тодорак, Кукушко, Егејска Македонија. Влегува во состав на Полјанско-кукушката епархија на Цариградската патријаршија.[1][2][3]

Света Троица
Αγίας Τριάδος
„Вознесение Христово“, детаљ од иконостасот
Карта
41°8′40″N 23°0′28″E / 41.14444° СГШ; 23.00778° ИГД / 41.14444; 23.00778
МестоДолно Тодорак, Кукушко
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Културнонаследна категоријаспоменик на културата
Архит. типтрикорабна базилика
Завршена1805
Управа
Архијерејско намесништвоКрушевско-папратско
ЕпархијаПолјанско-кукушка

Историја

уреди
 
Страшниот суд

Црквата е изградена на сретселото во 1805 г. како што е наведено на денес изгубен натпис. Унијатскиот свештеник од с. Куклен, Бугарија, населено од долнодоторчани, напишал во неговата историја на парохијата „Света Троица“:

Најпрво селаните сами си изградиле мала црква, вкопана ниско во земјата — како сите цркви во тоа време. Старците велат дека е изградена есента 1805 г. Направена е од камен. Подот е послан со камени плочи. Целата е зографисана, но сите натписи се на грчки. Иако однадвор изгледа ниска, кога ќе се слезе по скалите црквата внатре е доста висока, малку темна, но убава.

Подоцна будните селани до црквата изградиле училиште, во кое подигнале убава камбанарија од камен „мелик“. Камењата се поврзани со железни стеги. Во темелот на камбанаријата поставиле дебели дрвени греди бидејќи земјата била слаба.[2]

Архитектура и внатрешност

уреди

Храмот претставува трикорабна базилика со галерија. На исток завршува со полукружна апсида со сопствен покрив. Нишите на жртвеникот и ѓаконикот не излегуваат од источниот ѕид. Покривот е на две води со засеци на источната и западната страна. На југозападната страна има шестаголна камбанарија во вид на кула од тврдина. Влезот е од западната страна преку скалиште о десет скалила, и од јужната со две скалила. Над вратата на јужниот ѕид има фреска со Светото Тројство насликана во XIX век. Земјените бои и темносината кои ги употребил творецот го покажуваат навлегувањето на елементи на световната уметност во духовната.[1]

Внатре црквата се дели на три кораба со два реда колонади од четиристрани дрвени столбови и дотерани со додадено дрво и нанесен гипис за да изгледаат цилиндрични. Во наосот има малку прозорци, а окното во нишата исто така недоволно го осветлува олтарот. Во нишата на апсидата се претставени Богородица Патеводителка со Христос, а околу неа два ангела. Подолу се јерарсите. Фреските се нови, дело на свештеникот Јоанис Спиридонидис. Сводот на средишниот кораб е украсен со претставата на Христос Седржител во четираголна рамка. Христос благословува со двете раце и носи црвен хитон. Во долниот крај на претставата стои посветата „Дар од Георгиос Хаџконстантинидис 1958“.[1]

Во погорните подрачја на северниот кораб се гледа винова лоза со листови и гроздови, кои обвиткуваат медалјони со евангелисти и светци. Фреските се од XIX век.[1]

Наосот е одвоен од олтарот со дрвениот иконостас, потпрен на првиот пар столбови од источната страна. Иконостасот е изрезбан и насликан, особено оградата, со симболични теми од источно и западно потекло. Над царските икони е Јесеевата фиданка, а погоре се Апостолите и Дванаесетте празници. На царските двери е претставена Тајната вечера. Десно од крстот е Предавството на Јуда, а лево е Воскресението Христово.[1]

Амвонот, кој е од XIX век, се потпира на третиот столб на северната колонада. Има призмовиден облик, кој надолу се менува во полуконус и завршува со змејска глава. Однадвор е украсен со светци во полн раст — Свети Лаврентиј, Свети Стефан, Свети Роман и други). Во средината на челниот дел има релјефна гулабица со раширени крилја, на кои ѓаконот го потпира Евангелието. Владичкиот престол со деспотската катедра исто така е од XIX век и е украсен со резба во горниот страничен дел, а потпирачите за рацете завршуваат со змејски глави. Просикинитарот на храмот е од 1818 г. и во долниот дел има цветни украси својствени за XIX век, а горниот дел е од разбано дрво.[1]

Црквата има сребрено евангелие со димензии 36,5 × 27 × 3 см од 1840 година, издание на печатницата „Феникс“ од Венеција, второ издание на оригиналот од 1833 г.[1]

Храмот е прогласен за заштитен споменик на 28 април 1983 г.[4]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Χατζούλη, Γλυκερία Μ. „Ιερός Ναός Αγίας Τριάδος στο Κάτω Θεοδωράκι“. Promo.cross. Посетено на 22 јуни 2014.[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 Папукчиев, Стефан (мај 2015). „Нетрадиционни изображения в иконостаса на черквата „Света Троица" в село Долно Тодорак“ (PDF). Истина, брой 5 (1498), с. 10. Издание на Католическата епископска конференция в България. Посетено на 25 октомври 2015.
  3. Папукчиев, Стефан (јуни 2015). „Нетрадиционни изображения в иконостаса на черквата „Света Троица" в село Долно Тодорак“ (PDF). Истина, брой 6 (1499), с. 10. Издание на Католическата епископска конференция в България. Посетено на 25 октомври 2015.
  4. „ΥΑ ΥΠΠΕ/ΑΡΧ/Β1/Φ34/13802/294/22-3-1983 - ΦΕΚ 230/Β/28-4-1983“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 21 октомври 2014.