Црква „Св. Стефан“ - Конче
Свети Стефан (позната и како Света Богородица) — средновековна манастирска црква во селото Конче. Црквата се наоѓа во западниот дел на селото, во непосредна близина до основното училиште „Гоце Делчев“.
Свети Стефан
| |
Поглед на главната манастирска црква „Св. Стефан“ во селото Конче | |
македонска православна црква | |
Епархија | Брегалничка |
Архијерејско намесништво | Радовишко |
Парохија | Ињевско-конечка |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°29′47″N 22°22′42″E / 41.49639° СГШ; 22.37833° ИГД |
Место | Конче |
Општина | Конче |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Стефан (порано Света Богородица) |
Изградба | 1366 |
Завршено | 1371 |
Живопис | 1371 |
Ктитор | Никола Станоевиќ |
Зограф | Димитар Папрадишки и Коста Вангелов |
Архитектонски опис |
Црквата претставува единствена црква на Конечкиот манастир. Црквата била започната во 1366 година, а била завршена до 1371 година, кога се претпоставува дека бил завршен и нејзиниот првобитен фрескоживопис.
Историја
уредиЦрквата е изградена во 1366 година година од страна на војводата Никола Станоевиќ, но не е познато кога и од кој архијереј била осветена. Познато е дека била фрескоживописувана двапати. Првиот фрескоживопис бил извршен непосредно по изградбата, односно до 1371 година, а од него денес е сочуван само мал дел. Вториот фрескоживопис бил направен во XVIII и XIX век. Иконите во црквата биле изработени од страна на Димитар Андонов Папрадишки и Костадин Вангелов од Штип во 1921 и 1922 година.[1]
Во минатото, црквата била манастир со монаси и го носела името „Света Богородица“, по кое и денес е позната меѓу населението[2]. Ова име се поврзува и со чудесната икона на Света Богородица, која сама се појавувала од гевгелискиот крај во црквата. За иконата на Света Богородица се сметала дека има исцелителна моќ[3], па покрај христијани во црквата за исцеление доаѓале и муслимани. Поради исцелителната моќ на иконата која била пронајдена во црквата на празникот „Св. Константин и Елена“, односно „Свети Цареи“, во црквата се одржувал голем панаѓур на кој се доаѓало поради исцеление на луѓето и со желба за плодност на полето[3]. За исцелителната моќ на чудотворната икона во црквата во Конче пишувал и македонскиот преродбеник и собирач на народно творештво Марко Цепенков[3].
Во дворот на црквата постојат остатоци од конаци, кула, ѕидини, а таму се наоѓа и гробот на Катерина Бранковиќ - ќерка на средновековниот феудалец Вук Бранковиќ). Во црквата се одржува голем собор, со стотици посетители за верските празници Голема Богородица и Водици.
Во 2010 година, била извршена и замена на покривната конструкција на црквата, која била оштетена од неколку последователни невремиња во областа. Обновата била извршена од Заводот и музеј од Штип.[4]
Во поново време, манастирот започнал да добива нови конаци, а и самиот манастирски двор бил уреден и била изградена нова влезна порта.
Градба
уредиЦрквата има изглед на впишан крст со купола врз осмостран тамбур, кој се издигнува на четири јаки столбови. На источната страна е петстрана олтарна апсида со бифорен прозорец.[5]
Во поново време биле извршени реставраторско-конзервациски интервенции на манастирската црква со што е обновено кубето, а исто така и фасадите на црквата, кои се мошне украсно изведени, каде што преовладуваат тулите во стилот на византиските средновековни цркви.[5]
- Фотографии од внатрешноста на црквата
-
Орнамент над влезната врата од црквата
-
Иконостасот во црквата
-
Пантократорот во внатрешноста на црквата
Фрескоживопис
уредиОд својата изградба, црквата била на двапати фрескоживописувана. Првиот фрескоживопис бил насликан непосредна по нејзината изградба, односно до 1371 година, но за жал, денес од него е останат само мал дел. Вториот фрескоживопис во црквата бил насликан во текот на XVIII и XIX век.
Во олтарниот простор во првата зона е фигурата на архиѓаконот со каделница во десната рака, а во левата држи дарохранилница насликана во нишата од проскомидијата. Меѓу проскомидијата и олтарната ниша е претставен еден архијереј, кој е дел од светата литургија. Тој држи отворен свиток свртен кон апсидата во полунаведнат став. Во самата апсида на северната страна се претставени Св. Григориј и Св. Јован Златоуст, додека на јужната страна е Св. Василиј Велики и Св. Атанасиј. Меѓу апсидата и проскомидијата е Св. Кирил Александриски, додека во нишата на ѓаконикот е Исус Христос, што не е вообичаено. Христос е претставен во царска одежда и во став на благослов. Во втората зона на олтарната апсида е композицијата „Причестување на апостолите“, а под оваа композиција слабо видливи се остатоците од „Поклонувањето на агнецот“.[5]
Над композицијата „Причестување на апостолите“ е насликана Богородица со Христос. На североисточниот столб до иконостасот на челната страна е добро сочуваниот лик на Богородица со Христос. Над Богородица надлетува ангел со крст во раце, а погоре се зраци од небото.[5]
На јужната страна од столбот е претставен архијереј, а по сè изгледа е Св. Никола. Фрески се сочувани и на југоисточниот столб и тоа на северната страна има еден архијереј со отворен свиток и приклонет кон олтарната апсида. На челната (западна) страна е претставен Исус Христос кој со десната рака е во став на благослов, а во левата рака држи затворена книга, евангелие. На јужната страна од столбот е архијерер во попрсје, а над него во цел раст е непознат светец, поради оштетеност на фреската.[5]
Југозападниот столб е исто така покриен со фрески со претставата на Св. Архангел Гаврил во првата зона, на јужната страна, додека на северната страна од истиот столб е насликан Архангел Михаил, претставен како воин. Тука, на овој столб, е ликот на Св. Меркуриј на западната страна од столбот. Во горните партии на столбот има фрагментарно сочувани фрески. Фрескоживописот во горните партии на манастирската црква е целосно уништен.[5]
Според некои мислења, фреските во манастирската црква се насликани во 1371 година.[5]
- Фотографии од фрескоживописот на црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Ињевско-конченска парохија Архивирано на 4 март 2016 г., официјално мрежно место на Брегалничката епархија.
- ↑ Снегаров, Иван (1995). История на Охридската архиепископия-патриаршия. , т.II, Академично издателство „Марин Дринов“, с. 479, ISBN 954-430-345-6.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005. стр.256.
- ↑ „Саниран манастирот во Конче“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. 16 ноември 2010. Посетено на 20 мај 2016.[мртва врска]
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 220–223. ISBN 9989-48-558-5.
Надворешни врски
уреди„Црква „Св. Стефан“ - Конче“ на Ризницата ? |
- Манастир Конче Архивирано на 23 декември 2010 г.
- Информации за црквата Архивирано на 4 март 2016 г. — страница на Брегалничката епархија