Конечки манастир

манастир во селото Конче

Конечки манастир — средновековен манастир во лакавичкото село Конче.[1]

Конечки манастир
Поглед на Конечкиот манастир, заедно со урнатините на средновековната Горна Кула, главната манастирска црква „Св. Стефан“ и новите конаци во изградба
Информации
Целосно имеМанастир „Св. Стефан“ - Конче
Други имињаМанастир „Св. Богородица“ - Конче
Манастир на:МПЦ - ОА
Основан1366
Посветен наСвети Стефан
ЕпархијаБрегалничка
ЦрквиЦрква „Св. Стефан“
Личности
Основач (и)Никола Станоевиќ
Место
Местос. Конче, Општина Конче Македонија Македонија
Координати41°29′47″N 22°22′42″E / 41.49639° СГШ; 22.37833° ИГД / 41.49639; 22.37833
Видливи остатоци1 црква, конаци, помошни објекти
Отворен за јавностада
Други информации(Ињевско-конечка парохија)

Самата црква на манастирот потекнува од 1366 година, кога биле удрени нејзините темели. Била завршена за пет години, во 1371 година, кога бил довршен и нејзиниот првобитен фрескоживопис.

Историја

уреди

Манастирот со црквата го подигнал или обновил големиот војвода Никола Станоевиќ, за време на владеењето на царот Душан. Со една негова повелба од 1366 година, го приложил манастирот во Конче на манастирот Хиландар на Света Гора.[2]

Во 2010 година, била извршена и замена на покривната конструкција на црквата, која била оштетена од неколку последователни невремиња во областа. Обновата била извршена од Заводот и музеј од Штип.[3]

Во 2014 година, целиот манастирски двор бил целосно уреден, биле направени нови патеки и нова влезна порта, преку проект на Југоисточниот плански регион.[4]

Градби во манастирот

уреди

Од манастирскиот комплекс до денес се сочувани: манастирската црква, припратата и отворен трем западно од црквата, подигнат во поново време. Од некогашните манастирски конаци кои со децении биле во рушевини, денес се видливи остатоците на ѕидовите, а во манастирскиот двор била подигната импровизирана зграда за потребите на верниците за време на манастирскиот празник, Голема Богородица. Иако манастирскиот комплекс бил ограден со новоподигнати ѕидови, манастирот долго време бил запуштен и без грижа од населението и надлежните локални и државни власти.[2] Во поново време, манастирот започнал да добива нови конаци, а и самиот манастирски двор бил уреден и била изградена нова влезна порта.

Кон северната страна на црквата се наоѓаат остатоците на некогашната средновековна купола-пирг, која го штитела манастирот. Денес, кулата е срушена и целосно обрасната и во многу лоша состојба.[2]

Црква „Св. Стефан“

уреди

Црквата „Св. Стефан“ е главната манастирска црква во целиот комплекс, по која е и наречен целиот манастир. Црквата е изградена во 1366 година од страна на војводата Никола Станоевиќ, но не е познато кога и од кој архиjереј била осветена. Познато е дека била фрескоживописувана двапати. Првиот фрескоживопис бил извршен непосредно по изградбата, односно до 1371 година, а од него денес е сочуван само мал дел. Вториот фрескоживопис бил направен во XVIII и XIX век. Иконите во црквата биле изработени од страна на Димитар Андонов Папрадишки и Костадин Вангелов во 1921 и 1922 година.[5]

Црквата има изглед на впишан крст со купола врз осмостран тамбур, кој се издигнува на четири јаки столбови. На источната страна е петстрана олтарна апсида со бифорен прозорец.[2]

Во поново време биле извршени реставраторско-конзервациски интервенции на манастирската црква со што е обновено кубето, а исто така и фасадите на црквата, кои се мошне украсно изведени, каде што преовладуваат тулите во стилот на византиските средновековни цркви.[2]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 220–223. ISBN 9989-48-558-5. |access-date= бара |url= (help)
  3. „Саниран манастирот во Конче“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. 16 ноември 2010. Посетено на 20 мај 2016.[мртва врска]
  4. „Црквата „Св.Стефан" во Конче доби ново партерно уредување“. Југоинфо. 6 февруари 2014. стр. македонски. Посетено на 20 мај 2016.
  5. Ињевско-конченска парохија Архивирано на 4 март 2016 г., официјално мрежно место на Брегалничката епархија.

Надворешни врски

уреди